Личен и бизнис развојЛичноРодителство

Лично: Како да поставите приоритети?

Везилка Магазин

 

Во овој текст ви давам практични примери за организирање на времето. Повеќе за менаџирање на време можете да прочитате во претходниот текст тука.

Не е комплицирана филозофија: Ќе креирате повеќе време за себе си и сѐ што сакате да направите, ако планирате однапред.

Без “to-do“ листа ќе ги правите само неопходните работи. Поправете ме ако сум грешка, ама најверојатно ќе одберете некоја занимација со ефект на краткотрајна забава. Без соодветен план, во остатокот од денот би скролале по социјални мрежи или би поминале многу часови гледајќи серии.

Со правење на листа и план, не само за работите кои мора да ги направите, но и работите кои можат да ве доведат до подобар живот, ги поставувате основите за поголема исполнетост и радост.

Пробајте да правите вакви листи еден месец и кажете ми ако тоа не функционира да станете поорганизирани и создадете повеќе време за себе.

Сакам да ви пренесам една приказна.

Пред неколку месеци прочитав книга која ми беше неверојатно интересна. Трилер акција е, со многу авантура, возбуда  и непредвидливи пресврти. Многу ценам добра приказна и бев воодушевена како писателката ја раскажала на ваков начин.

Се заинтересирав за авторката и открив дека живее во Њујорк и дека е професорка во средно училиште.

Најдов интервју каде што ја прашуваат за нејзиниот процес на пишување. До сега има објавено неколку успешни дела.

Нејзиниот одговор беше ова: Станувам во 3ч. наутро и си правам многу кафе. Потоа седнувам и пишувам до 6 часот. Ги подготвувам децата за во школо и ги носам, па потоа одам на работа. По часовите ги собирам децата и со сопругот одиме на ручек или ручаме дома. По ручекот ги носиме децата на активности, спорт или роденденски забави. Секој ден се случува нешто. И од прилика тоа е тоа. Таа вели Ми требаат 4-5 месеци за да завршам книга и кога ќе ја напишам ја оставам една година. После една година ѝ се враќам, ја препрочитувам, корегирам и ја праќам на издавање.

Се воодушевив додека го читав тоа. Каква одлучност, не можам ниту да замислам. Оваа жена очигледно има неверојатна контрола над своето време, како и на своите навики исто така. (пишував и за навики тука)

Колкумина од вас би ги следеле соништа на овој начин?

Колкумина од вас сте спремни да станете во 3ч наутро за да го правите нештото што го сакате? Повеќето би рекле: Навистина сакам да напишам книга, но немам време.

Еве што ме воодушеви најмногу: Оваа жена не знаела однапред и немала сигурност дека некој воопшто и ќе ја објави книгата. Дури и да имала издавач од претходно и преддоговор за книгата, немала апсолутно никаква гаранција дека таа книга ќе биде толку успешна, ќе стане бестселер и ќе биде преведена на многу јазици.

Сѐ што имала е страст и желба да пишува и да креира нешто повеќе во нејзиниот живот.

Очигледно е дека, како мајка на мали деца и работа со полно работно време, морала да направи некакви прилагодувања.

И така одлучила да станува во 3ч наутро секој ден додека не ја заврши книгата. И да го повторува овој процес за секоја наредна книга што сака да ја напише.

Имав голема почит кон неа додека го читав интервјуто. И ја користам нејзината приказна како инспирација кога ќе ми стане малку тешко и сакам да се откажам од некој проект.

Ако откажувањето не е опција за неа и многу други кои ги следат своите соништа и постигнуваат резултати, нема да биде опција ни за мене.

Сакам да ви дадам уште еден пример.

Кога сакам да креирам повеќе време за вежбање, ново хоби или време за пријатели, почнувам да водам тајм лог (time log).

Тајм лог за мене е активност од 14 денови каде што буквално запишувам како го поминувам секој саат од секој ден.

На овој начин, по 14 денови имам јасна слика колку точно часови пишувам текстови, работам индивидуални сесии со клиенти, водам групен коучинг, Кафе со Маја, забавни активности, социјални мрежи, релаксација итн.

Кога ова ќе го имам пред мене многу лесно можам да видам што да приоретизирам, што да одложам и кои работи треба потполно да престанам да ги правам.

Еднаш слушнав на Тед говор:

24ч на ден, седум дена во неделата, се вкупно 168ч.

Да пресметаме 8ч спиење, тоа се 56ч неделно. 168 минус 56 и ни преостануваат 112 часа во една недела.

Минус работните саати – претпоставувајќи дека работиме 8ч дневно и поминуваме 2ч во подготовка и превоз, или работиме 9-10 часа, а патуваме помалку до работно место, тоа се 63ч неделно. 112ч минус 63 се 49ч.

Значи, сѐ уште ни преостануваат 49ч неделно. Да кажеме дека секој ден по 1ч. трошите на набавки и супер маркети. Тоа се минус 7 часа и доаѓаме до 42 слободни часови во една недела.

Минус готвење ручек 7ч- по еден час дневно, тоа се 35 слободни часови кои ни преостануваат.

Да претпоставиме дека поминуваме 2 часа дневно гледајќи телевизија или време на социјални мрежи, тоа се 14ч неделно. Триесет и пет минус четиринаесет се 21 час.

Откако ќе ги одземеме сите зафатени саати во неделата сѐ уште ни преостануваат 21 час. Можеме да го испланираме и посветиме ова време на забавни активности со семејството и пријателите, курсеви, учење јазици или некоја нова вештина или на нешто што сакаме да искреираме.

Направете листа од сите работи за кои велите дека немате време и ќе видите дека за некои од нив сепак ќе пронајдете.

Споделете во коментари која е вашата рутина и дали успевате да најдете време за себе и работите кои сакате да ги постигнете.

Придружи се на листата на чекање за мојот програм Kickstart to be in control of your life – 4тата генерација почнува во Септември. Ќе научиш, помеѓу другото, одлични трикови и техники за креирање на време секој ден. Три генерации жени досега успешно преземаа контрола врз своето време и живот, и ти можеш да им се придружиш. Изговорите секогаш ќе бидат тука и твоја работа е да не ги слушаш и да си го промениш животот. Ако навистина сакаш подобри резултати за себе, контактирај ме на следниот мејл.

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб

Везилка Магазин