ЛичноРодителство

Лично: Како да се прифати?

Везилка Магазин

 

Кога го напишав текстот Четири фази на посебното родителство, видов дека прифаќањето треба малку подлабоко да се објасни.

Како да прифатите дека имате посебно дете или било каква друга тешка ситуација?

  1. Така што ќе знаете дека не сте губитници. Нема ништо од што да се срамите. Не може ништо што е до вас да направите. Не можете да контролирате дали некој ќе има мозочно оштетување. И за сѐ секогаш постои поголема слика која не ја гледаме.
  2. Така што ќе знаете дека секој поминува низ тешкотии и таква е природата на животот. Некој живее подолго од своите деца, некој се грижи за болни родители. Некој е тешко болен и знае дека неговите деца наскоро ќе останат без родители. Нечие дете е во затвор. Нечие дете е зависник, па се справуваат со тоа. Некој е заглавен во насилна врска. Некој живее со голем недостаток на финансии до тој степен што се чувствува без достоинство. Некој денес ја загубил работата. Некој е толку срамежлив и без самодоверба што практично е парализиран да живее нормално.

Вие не сте единствените со проблем. И страдањето не ве дефинира. Вие не сте вашата болка. Вие сте само некој кој живее живот.  А животот ни се случува ЗА нас, не на нас.

Ова не е покана да се чувствувате подобро знаејќи дека на некои други луѓе им е полошо. Само сакам да ја расчистам илузијата ако мислите дека ја имате најголемата болка на светот, а кај другите е супер. Малку да ве растресам од самосожалување.

Состојбата на вашето дете:

  1. Може да ви биде изговор да бидете депресивни и анксиозни, или да учите и растете и станете нешто повеќе. Во каква ситуација и да сте, постои негде некој на светот кој моли да го има она што вие го имате.
  2. Не можете да му помогнете на детето, ниту било кому, ако сте парализирани од мислата дека тие премногу страдаат. Кога се самосожалувате не можете да бидете од помош. Едноставно не можете. Сфатете ја вашата улога во сето ова. Вие сте помагач. Вие сте најблиската личност која вашето дете ја има. И не можете да ги преземете нивните околности врз вашето здравје. Вашата работа е да ја надминете тагата и да се тргнете од очај.

 

 

Нашите деца, живеејќи низ оваа перспектива, учат големи духовни лекции. Во исто време служат и за поголема цел. Тие се учители и инспирираат многумина. Нека си бидат она што сѐ и ценете ги од таму каде што се.

 

Што се случува ако не прифатите?

 

Ако не можете да прифатите и по 5, 10 или 20 години дека имате посебно дете, останувате во улога на жртва. Улога на жртва е состојба на умот каде што сте убедени дека рацете ви се врзани и не можете ништо да направите околу тоа. Мислите дека некој друг ви прави нешто (во случајов Господ, карма, судбина, итн).

И тоа станува изговор да се чувствувате мизерно, тажно и очајно. Кога сте на ова место се оптеретувате со мисли како: „Не е фер. Сигурно докторите направија грешка – тие се криви. Од вакцината е. Господ ме мрази.“- сфаќате.

Останувањето во улога на жртва има една голема слабост – не ви дава да растете. Ве води кон пасивност. Прави да престанете да се трудите. Нема прогрес од таква состојба на умот.

И спротивно на тоа, кога ќе ја надминете жртва-ситуацијата, тогаш можете да растете. И се отварате за учење. Колку повеќе учите и растете, толку вашата семејна ситуација ќе добива повеќе смисла. Ќе го цените својот живот. Ќе бидете среќни и исполнети и ќе наоѓате нови и нови начини како да го постигнувате ова ниво. Флексибилноста ќе ви расте.

И ќе уживате во животот имајќи авантури, одење на места и сретнување луѓе кои не би ги сретнале да немавте посебно дете.

Прифатете сега и продолжете понатаму. Не се донесувајте себе си одново и одново во истиот пекол кој е во вашата глава секој ден.

 

Како се случи моето прифаќање?

 

Тоа беше при крај на летото 2018 г. Јоана имаше една од кризите со плачење и пореметено спиење. Бевме во болница на југот од Германија што е доста далеку од нашиот дом. Таа имаше 4 години, а јас бев потполно истоштена, ненаспана, очајна и безпомошна. За време на тој болнички престој добив идеја за прв пат дека мизеријата и очајот се резултат на мојата перспектива.

Што ако на сето ова гледам погрешно? Што ако „Зошто јас?“ не е вистинското прашање? Што ако „Што учам од ова“ е поентата на сето ова?

Како што овие нови прашања почнаа да ми доаѓаат, се почувствував олеснето и возбудено. Почувствував мали налети на ентузијазам и радост и знаев дека нешто се смени во мене.

Ок, што да правам сега? Сфатив дека имам за учење. Свесна бев дека останав во жртва сценарио долго. „Не е фер“ ми беше мојата мантра и морав тоа да го променам. Ако знаев тогаш она што го знам сега, веднаш ќе најмев коуч или ментор. Зошто на сите ни треба водство и систем од страна за да излеземе од сопствените глави. Многу време изгубив пробувајќи сама. Но, тоа за мене дојде подоцна и процесот на прифаќање го поминав сама.

Прво, во секој слободен момент слушав мотивациски видеа. Бев бомбардирана со нови перспективи од разни учители на YouTube кои учат како личниот развој е начин до посреќен живот.  Го отворив умот и само впивав.

Една од моите првонаучени лекции беше дека емоциите се резултат од нашите мисли. И исто научив дека јас треба да го сменам моето однесување или барем некои од моите навики ако сакам мојот живот и мојата ситуација да се променат кон подобро. Морав да го променам начинот на кој реагирам на работите.

И наредниот пат кога Јоана плачеше и уште една долга ноќ беше пред нас, ја земав, ја држев и ѝ шепнав на увото дека е добро, дека е во ред. Ѝ реков дека многу ја сакам и нема повеќе да се трудам да ја поправам. Ако ѝ се плаче – може да си плаче. Она најдобро си знае како да го процесира тоа што е внатре во неа. И тогаш таа престана да плаче. И заспа. И не можев да поверувам дека јас придонесов за тоа.

Неверојатно беше што изреагирав така затоа што само неколку денови претходно, ова ќе беше сосема подруга ситуација. Ќе бев загрижена дека таа плаче, ќе бев обземена од тоа дека таа страда, ќе се чувствував како жртва на судбината и на крај сигурно и јас ќе плачев исто така. Таа ќе ја почувствуваше таа енергија и така ќе се вртевме во круг.

Во оваа ситуација, се обидов да го променам моето однесување и реакција и резултатот дојде многу брзо.

Знаев дека сум на прав пат и продолжував да учам. Неколку дена подоцна ги започнав моите утринска и вечерна рутина. И имав уште подобри резултати. Целата енергија околу мене се промени на подобро. Станав повеќе свесна за сегашниот момент и моите мисли. Нови идеи почнаа да доаѓаат.

 

Како знам дека прифатив?

 

По чувството на радост. Почнав да чувствувам длабока радост и исполнетост. Повеќе го ценев мојот живот. Го ценев и сето она што го проживеавме во изминатите години. Можев да најдам позитивно во сѐ. Научив дека имам несигурности за кои не сум ни била свесна и расчистив многу работи околу мислењата на другите луѓе околу мене.

Практикував утринска и вечерна рутина. И гледав на светот со нови очи. Го намалив осудувањето за другите луѓе затоа што сфатив дека секој делува од својата перспектива. Сфатив дека е многу полесно да разбереш отколку да осудиш. И тоа ми донесе повеќе мир отколку обидот да бидам во право во секоја ситуација.

Почнав да ја прифаќам состојбата на Јоана и секој настан околу тоа, како и други работи кои ми се случуваа во животот. Почнав да мислам дека постои причина за сѐ и постои поголема слика која не ја гледам. Но, дури и да не гледам, работите секогаш излегуваат за мое добро.

Што знаечеше ова за Јоана? Таа доби два високосвесни родители и се наоѓаше во околина полна со љубов, топлина и позитивна енергија. Од нас доби чиста безусловна љубов, ослободена од фрустрации, нервози, паника и стрес. Тоа е најдобриот дар кој можевме да ѝ го дадеме.

И уште нешто сакам да истакнам. Ако ви се чини невозможно во моментов, не се присилувајте да прифатите. Подобро е да си дозволите да минете низ својот процес кој можеби ќе трае уште една година, отколку да пробувате да се изедначите со други кои веќе прифатиле. Лажното прифаќање многу брзо ќе се скрши и ќе ви предизвика депресија. И за тој дел мораме да преземеме одговорност. Мораме да бидеме свесни за нашиот капацитет, како функционираме, каков е нашиот систем на верувања и кои наши недостатоци бараат малку работа и труд.

И ќе знаете кога ќе дојде. Ќе ви биде како да се будите од лош сон. Ќе бидете полни со надеж, радост и ентузијазам.

Секој од нас е различен и треба да го наслушнува внатрешниот глас.

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин