Личен и бизнис развојЛичноРодителство

Лично: Како да формирате нови навики – шест чекори

Везилка Магазин

 

Во овој текст ќе научите практични чекори како да стекнете нови навики.

Минатата недела зборувавме за што се навики и зошто се корисни.

Менувањето на некорисното однесување не е лесно, иако е многу едноставно. Тешкиот дел е да се остане доследен. Сите ние би сакале резултатите брзо да ни дојдат. Секојдневната посветеност е тешка кога не можеш да ги видиш првите резултати барем 30 дена откако ќе започнеш.

Јас поминав низ процесот на стекнување нови навики и стопирање на одложувањата, прокрастинирање и деструктивно однесување кои ме држеа далеку од резултатите кои ги сакав. Откако го следев овој процес за кој ви пишувам денес успешно си ги променив навиките.

Возможно е да се направат позитивни промени во животот и живеење како што од секогаш сте посакувале. Ова го можете сите вие! Продолжете со читање ако сакате да научите како да изградите дисциплина и да останете конзистентни.

 

Идентификување цели.

 

Која е вашата сегашна ситуација? Кои резултати би сакале да ги промените? Како ќе се чувствувате кога ќе ги добиете посакуваните резултати? Одговорите на овие прашања ќе ви дадат јасност што е она што го сакате.

Ова би можело да биде: откажување од пушење, вежбање, зголемување на приходи, неодложување, зголемена дисциплина, стекнување самодоверба, започнување диета и губење тежина, подобрување на врската со партнерот, разрешување конфликти на работно место, разрешување проблеми во бизнисот, започнување хоби, претворање на хоби во бизнис, донесување некоја важна одлука, креирање повеќе време за читање и грижа за себе, зголемување на продуктивност… листата продолжува понатаму.

Секој од нас сака барем една работа од овој список. Дефинирајте што е тоа за вас и продолжуваме понатаму.

 

Развивање свесност за сегашното однесување.

 

Кое однесување ве спречува да ги постигнете саканите резултати? Да бидеме на чисто: проблеми и несреќи може да ни се случат на секој од нас. Во животот нема гаранции. Но, можеме да си ги зголемиме шансите со правење попаметни избори. Како што кажав, сите ние може да искусиме негативни ситуации. Но, ако тие ситуации ни траат предолго – во некои случаи и години, тоа мора да има нешто со нашето однесување.

Ако врската не ви функционира со месеци или години – мора да промените нешто.

Ако сте во финансиски тешкотии со месеци или години – важи истото.

Ако со години се мачите да изгубите тежина, но сѐ уште нема резултати – ви требаат нови навики.

Бидете искрени со себе: Кое однесување ве спречува да добиете подобар резултат?

Дали е тоа предолго спиење, претерана храна и алкохол, откажување средби во последен момент, лажење, скролање по социјални мрежи, мрзеливост, гледање предолго телевизија, играње видео игри со саати, избегнување конфликти по секоја цена, споредување со други луѓе, копирање на туѓ труд… Некои од овие работи сигурно ги правите и тоа ве спречува да ги добиете посакуваните резултати.

 

Одлука и посветување.

 

Одлучете дека ќе ги замените сите некорисни навики и однесувања со стекнување на подобри. И потоа направете ветување кон себе си дека ќе се посветите. Одлука без посветување ништо не ви вреди.

Посветеност значи дека сте спремни да вложите минимум 30-60 дена во повторување на некое однесување додека да ви стане навика.

Не постојат магични стапчиња и инстант резултати и секој кој ќе ви каже дека се сменил преку ноќ или постигнал големи резултати преку ноќ ве лаже.

Мора да медитирате 30 до 60 дена за да ви стане навика.

Мора да вежбате 30 до 60 дена за да ви стане навика.

Морате да издржите да не го чепкате телефонот додека работите 30 до 60 дена за да ви стане навика.

Штом нешто ви стане навика – сѐ полесно ќе ви биде тоа да го правите. Замислете вежбањето да ви стане толку цврста навика како миењето заби.

 

Контрола врз своите избори.

 

Важно е да се изгради цврста самоконтрола во секојдневното живеење. За ова никого не можете да обвините. Ова е потполно ваша одговорност. Вашите избори се единствената работа која можете да ја контролирате.

Запомнете: Секогаш имате избор како ќе одговорите на тригери, предизвици, проблеми и непредвидливи промени.

 

Уверувања.

 

Дали можете да се видите дека сте веќе „таму“?

Верувате ли дека навистина можете да ги добиете тие резултати? Ако не верувате дека можете да ја добиете таа работа, да изгубите тежина, да добиете клиенти, да станете поздрави, нема да останете посветени на новите навики кои сакате да ги стекнете.

Луѓето се откажуваат од вежбање, учење или аплицирање за нова работа затоа што не веруваат дека навистина можат да постигнат резултати.

Ако ова е вашиот случај, пробајте неколку методи за градење на подобри уверувања. Подетално за ова ќе има во некој следен текст. До тогаш добредојдени сте на Кафе со Маја. Тоа е бесплатен состанок кој се случува еднаш месечно каде што дискутираме и делиме ресурси за личен развој.

 

Правете мали чекори.

 

Не внесувајте премногу промени одеднаш. Ако вообичаено се будите на пример во 7ч. и одеднаш решите дека ќе станете „5ам клуб“, со вежбање наутро па работење цел ден и веднаш читање навечер со саати и обид да имате состанок со партнерот затоа што тоа го прават успешните луѓе – нема да успеете. Ова ќе ве преоптерети и брзо ќе одлучите да се вратите назад кај што сте сега.

Ако мојот сопруг го прочита ова ќе се изнасмее, затоа што тукушто се опишав себе си.

Јас ја имам оваа страна на мојот карактер што сака сѐ сега и сѐ одеднаш.

До пред 4 години бев некој кој многу си го ценеше спиењето наутро. Стискав на snooze по неколку пати. Лесно ми се одвлекуваше вниманието, одговарајќи на сите пораки и маилови за време на работа. Читав нешто на Google или гледав видеа на YouTube додека работев. Не одвојував време за да кажам „сакам да разговараме“ и да седнам со луѓе со кои треба да разрешиме некое недоразбирање. Наместо тоа одложував и чекав проблемот да испари некако. Планирав да вежбам, но не започнував.

И кога се одлучив на промена, скокнав веднаш кон драстични мерки. Одеднаш сум 5 ам клуб, плус утринска рутина со вежбање. Работев по луд распоред и одвојував плус 2-3 ч навечер за курсеви за стекнување нови вештини – и на третиот ден буквално паѓав на земја уште на пладне, исцрпена, фрустрирана и потполно разочарана што ги нема резултатите.

Затоа треба да ме послушате и да ги пробате сите чекори во овој текст постепено.

Ова е процесот од шест чекори за како да стекнете нови навики. Би сакала да слушнам од вас, како ви оди.:)

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин