Личен и бизнис развојЛичноРодителство

Лично: Како да ја зголемите самодовербата?

Везилка Магазин

 

Најчест предизвик кај луѓето со кои што работам е недостатокот на самодоверба.

Во овој текст, ќе ви понудам поинаква перспектива за самодовербата. Ова е нешто што го сфатив неодамна.

Најголем мит околу самодовербата е – Треба прво да имаш самодоверба:

*За да најдеш подобра работа

*За да се претставиш во најдобро светло на интервју

*За да напуштиш токсична врска и да бидеш на слобода

*За да започнеш бизнис или да смениш кариера

*За да стекнеш одлични комуникациски вештини

*За да направиш значајни промени во утринската рутина

*За да поставиш граници со другите луѓе

Вистината е дека не треба да сте самоуверени за да почнете да го правите сето ова. Само треба да ПОЧНЕТЕ да правите нешто. Било што.  Затоа што вашата самодоверба ќе дојде откако ќе ги постигнете резултатите кои ги посакувате. Не пред тоа.

Порано размислував како и повеќето луѓе. Се форсирав да бидам самоуверена со клиенти, самоуверена на YouTube, самоуверена на Кафе со Маја, итн. Истражував стратегии за како да станам посамоуверена.

Гледав видеа и читав текстови за самодоверба. Пробував афирмации, визуелизации и многу други техники.

Но, без оглед на тоа колку енергија и труд вложував да станам посамоуверена – сѐ уште на почетокот бев преплашена да ги правам сите овие нешта.

Имав страв пред сесија со клиенти.

Имав страв пред камера.

Имав страв од јавно говорење.

Имав страв пред Мастерклас 1 со мојата прва група на групен коучинг.

Дали имам страв сега за било која од овие работи? – Не, ниту трошка страв повеќе. Само убава возбуда.

Денес сум комплетно самоуверена за сите аспекти од мојата работа. И можам да ви кажам дека чувството е одлично.

Но, како дојдов до оваа точка? – Така што прво ги правев акциите.

Не постои друг начин. Не можете да чекате да станете самоуверени, а потоа да ги правите работите кои треба ако сакате да добиете резултати.

Мора прво да ја сработите работата.

Како изгледаше ова во мојот случај?

Сега ќе прочитате многу искрен опис од почетокот на мојава работа до денес. Со задоволство ќе ги откријам сите овие „зад сцената“ факти, ако тоа на некој од вас му помогне да се охрабри.

Пред да ги постирам моите први постови на социјални мрежи, се премислував и бев потполно спротивно од самоуверена. Преплашена би бил зборот кој би ги опишал сите мои емоции.

Откако почнав да ја објавувам мојата работа јавно станав посамоуверена. Затоа што ги видов резултатите кои настапија откако ја напуштив комфор зоната. Непознати луѓе почнаа да ми пишуваат. Ми пишуваа пораки со поддршка и дека сум им помогнала со тој и тој текст дента.

Следно нешто беше мојата веб страна. Повторно се чувствував несигурна и имав сомнежи во себе. Овој пат тоа беше уште посилно затоа што сега инвестирав пари и многу време за да изградам содржина. Што ако не успеам и сѐ ова биде за џабе?

И што направив? Немав друга опција освен прво да правам акции. Резултатот кој што следеше ми ја даде самодовербата која што ја сакав. Еден текст по друг и бројот на посетите на мојата веб страница се зголеми. Бројот на луѓе кои ме пронајдоа и дознаа што работам исто така се зголеми. 99% од реакциите на луѓето беа позитивни. Ова е начинот на кој што станав самоуверена да пишувам текст секоја недела.

Во меѓувреме започнав да работам со првите коучинг клиенти. Дали бев супер самоуверен коуч во тоа време? Дефинитивно не. Само бев свесна дека имам горечка желба да го правам тоа, да работам на тој начин со луѓе и да им покажам дека постои решение за секоја ситуација. Сакав да им помогнам да преземат контрола над своите животи без оглед на тоа што се случува.

И знаев како се прави тоа. Не знаев дека ќе бидам 100% успешна во намерата.

После неколку месеци се појавија првите сведоштва од моите клиенти на мојата веб страница. Ова беше голема работа за мене. Си докажав себе си дека сум на правата патека. Станав апсолутно сигурна дека треба да продолжам со својата професија и да ги развивам моите вештини уште повеќе. Но, се уште не се чувствував самоуверено како тренер.

Мојот бизнис растеше побрзо од мојата самодоверба и почувствував дека од ова ниво треба да ангажирам професионална помош.

И така ангажирав тренер кој ми помогна да изградам стратегија и да добијам јасност и свесност за сите мои потенцијали. Работењето со тренерот ми покажа дека не излегувам доволно од мојата комфор зона и тоа влијае на мојот успех.

Така настана идејата за YouTube канал. Пред тоа планирав да правам такво нешто повеќе од две години. Но, само планирав, без акција затоа што чекав прво да станам апсолутно самоуверена. Тој момент не дојде никогаш.

Во стратегијата што мојот коуч ми помогна да ја креирам немаше повеќе простор за чекање. И така го започнав каналот потполно неподготвена, без вештини за едитирање и други технички знаења кои требаат за да создадеш едно видео. Но, штом ставиш намера и фокус на нешто, со тек на време сфаќаш како да ги наредиш работите на свое место.

Наскоро потоа станав посамоуверена на камера и околу процесот на едитирање. Првиот чекор беше да почнам.

Идејата за Кафе со Маја? –  Истото.

Го планирав овој проект и стратегијата околу истиот неколку месеци пред првиот состанок.

Првото Кафе беше на средина на Април 2021. Објавив дека ќе се одржува таков состанок на Zoom и жени почнаа да се пријавуваат. Ветив бесплатен состанок каде што сите пиеме кафе или некој омилен пијалак. Планирав тема на дискусија и 30 минутно предавање. Знаете од моите текстови и целата моја содржина дека сум многу заинтересирана за сѐ што е поврзано со личен раст и развој.

Мојата визија беше да организирам уште многу состаноци после тоа прво Кафе со Маја на теми како:

*организација на време

*стекнување корисни навики

*разбирање на ограничени уверувања

*справување со “тешки“ луѓе

*креирање цели – и уште многу други теми

Денес се смеам на тоа колку бев нервозна и исплашена пред првото Кафе. 😊

Бев исплашена дека никој нема да се појави на состанокот. Се плашев дека ќе биде досадно. Се плашев дека нема да успеам да го водам состанокот и во исто време да гледам на екран дали уште некој се приклучил па да го „пуштам.“ Како ги надминав овие стравови? Никако. Само си кажав: Еден, два, три – почнувај!

10 месеци подоцна, се чувствувам потполно различно. Организирам Кафе со Маја на 3 јазика: англиски, македонски и српско/хрватски. За да добиете права слика и идеја каква сум сега на тие состаноци, ќе мора да видите со свои очи. Тие состаноци се бесплатни. Внимавам да не преминеме некоја огромна бројка на луѓе, но за сега сѐ уште има простор за нови лица. Ако сакате да се придружите наредниот пат, можете да се пријавите на емаил: contact@mayastoychevski.com .

Можеби ќе кажете: ОК Маја, ова е фина приказна – но што ако беше неуспешна во некоја од овие проекти? Како тогаш ќе постигнеше самодоверба?

Епа, одговорот е: И да беше таков случајот пак немаше да изгубам. Да претпоставиме дека не ми се успешни текстовите и немав никаква рекација од луѓето. Во тој случај немаше да ми расте самодовербата но ќе имав нови насоки каде и како да се подобрам. Истото важи и за мојата работа со клиентите. Ако фидбекот беше дека не сум добар коуч, ќе инвестирав повеќе време во учење, подобрување и пробување одново и одново. Тоа ќе ми донесеше самодоверба. Дали гледате?

Не постои начин да станете самоуверени освен преку преземање на акции претходно.

Што е следно за мене? Знам со сигурност дека ниту една личност не може да остане засекогаш на истото место. Затоа за оваа година си поставив некои нови цели кои малку ме плашат и кои ќе ме предизвикаат на повисоко ниво. Нема да чекам прво да ми дојде самодовербата. Веќе започнав акции кон остварување на истите.

Мојот совет за вас:

*Ако имате недостаток самодоверба кога зборувате со други луѓе, натерајте се да зборувате со луѓе повеќе.

*Ако имате ниска самодоверба да ги истакнете вашите способности во целост на работно место – натерајте се да го правите тоа.

*Ако имате идеја која може да им служи па и на мала група на луѓе во светот, започнете блог за тоа.

*Ако имате ниска самодоверба за било што, тогаш почнете да правите било што. Акцијата секогаш ќе ве носи на подобро место.

Расположени сте за мала игра и добивање а-ха момент? Дајте неколку одговори на прашањето: Што е најлошото што може да се случи ако јас ________________________?

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин