Растењето е нашата природа. Затоа кога растеме и ја развиваме нашата личност, одејќи на секое следно ниво, чувствуваме мир и исполнетост.
Причината за тоа е дека го исполнуваме нашиот основен инстинкт. Нема начин како можеме да останеме на едно место до крајот на животот. Дури и ако навистина сакаме да мируваме, да не се менуваме и да не ја напуштаме комфор зоната. Тоа не е можно.
Во книгата „Како да ја најдете вашата ѕвезда Северница“ од Марта Бек (Finding your North Star) стои: Ако сте достигнале некое ниво и ви се допаѓа таму, единствениот начин да останете на тоа место е ако има простор за раст.
Ако не растете, животот ќе ве однесе до многу предизвици за да истражите различни места и некои следни нивоа.
На мојот YouTube канал и овие текстови можете да ги најдете скоро сите детали од нашата приказна за да видите зошто толку инсистирам да зборувам на оваа тема.
Го искористив мојот најголем животен предизвик за да ја научам оваа лекција: Не чекај животните ситуации да ти покажат дека е време за раст. Ако го чекаш тоа, ќе учиш на многу болен начин. А не мора да биде така.
Соочување со голем животен предизвик не е крај на светот. Постојат начини да се надминат тешки ситуации.
Првата работа што мора да ја дефинираме е што е спротивно на раст?
Епа спротивно на раст, верувале или не – е уживање. Правење работи кои ни прават да се чувствуваме фино.
Сите сме исти во следново: нашите мозоци се програмирани да бараат олеснување и како да постигнеме задоволство и удобност. Ѕирнете ги видеата од Мел Робинс, Џо Диспенза, Брус Липтон и многу други за нешто повеќе на оваа тема. Постојат многу јасни научни објаснувања за недостатокот на дисциплина, на пример. Или нагонот за прокрастинирање (константно одложување на важни обврски за „од понеделник“).
Тоа е причината зошто е тешко да се напушти комфор зоната. Непријатно е да се излезе таму надвор и да почнеме да ги движиме работите.
Наместо соочување со предизвикот и движење кон раст, често бираме да останеме тука и да се раскомотиме колку што може. Се надеваме дека овој голем проблем некако ќе пројде.
На многу различни начини можеме да се чувствуваме финко: да си излеземе со пријатели, да гледаме Нетфликс, да читаме интересна книга, некое возбудливо патување, да се посветиме на хоби… Така забораваме на проблемите и не мораме да се соочиме. Но, што е со растот?
Потполно е ок да сакаме да ни биде убаво и да си играме со нашите омилени играчки. И тоа е важен дел од животот. Благодарна сум што можам да ги правам и јас споменативе работи. Но, нашиот раст може да биде инициран само од две работи:
Првата (и онаа која е пожелна) е на наша иницијатива, желба и акција кон раст, кон станување подобра личност, учење и разбирање што повеќе.
Другиот начин е преку предизвици, и од мое искуство од работа со (многу) луѓе – можам да ви кажам дека никој не го сака тоа.
Сите сме спремни за позитивните работи во животот.
Сте слушнале ли некого да се жали: Значи ужасно е, живеам со љубовта на мојот живот и имаме две преслатки паметни деца. Сите сме здрави и среќни и домот ни е прекрасен, а викендите ги поминуваме со најдобрите пријатели на светот и фамилија. Работата што ја работиме многу не’ исполнува. Патуваме каде што сакаме и немаме финансиски проблеми и смачено ми е да живеам на овој начин.
Нема шанси да сте слушнале ваква изјава. Никој не се жали за позитивните работи во животот.
А што е со негативните промени?
Некои од најголемите се развод, банкрот или големи финансиски проблеми, отказ од работа, смрт на сакана личност, болест во семејството итн.
Некои од овие настани неизбежно доаѓаат во животот во еден момент или друг, но никој од нас не е подготвен на тоа.
Ако погледнете наоколу мора да признаете дека ничиј живот не е совршен и сите луѓе се соочуваат со разни предизвици во животот. Ова е факт и подобро би ни било да се подготвиме и да развиеме некои вештини за да знаеме како да се соочиме со такви настани.
Во многу од моите видеа и преку 40 текстови, стои како може да се подготвите, како да го промените мајндсетот, вашата личност и некои од навиките и како да употребувате вештини, методи и техники и да станете личност која може да се справи со тешки времиња.
Овој текст е за раст и денес сакам да се фокусирате на зграбување на предизвикот и барање на можност за растење и личен развој.
Ако денес сте личност која се соочува со некоја тешкотија, избришете ги солзите, обработете ги емоциите и фатете се за работа.
Под „фатете се за работа“ мислам на тоа да се соочите со што и да е и да престанете да ги поставувате прашањата „Зошто јас, Зошто ние, Зошто ова ни се случи, Што згрешив?“.
Ова е можност за раст. Кога ќе престанете да ги прашувате тие прашања од улога на жртва, коишто јас ги прашував многу години откако открив дека мојата ќерка се сочува со здравствени предизвици, ќе почнете да поставувате прашања како: Како можам да научам од ова искуство? Ако не се соочувате со ниту еден од набројаните предизвици и се наоѓате на добро место – супер за вас.
Бидете благодарни за оваа состојба, но сепак, размислувајте за начини за раст.
Ние растеме со учење на нови работи, со правење работи кои не сме ги направиле никогаш порано. Сите оние работи кои се надвор од комфор зоната, но се во иста линија со она што сакате да го постигнете.
За секоја цел што сакате да ја постигнете, постојат одредени работи коишто мора да ги направите. Можам да се кладам дека оние работи кои знаете дека треба да ги правите, но сѐ уште не сте ги почнале, се далеку надвор од вашата комфор зона. Затоа сѐ уште не ги правите.
Но, не чекајте да дојде проблемот, некоја тешкотија и светот да ви се сруши над глава – преземете иницијатива денес.
Растот не е нешто комплицирано и не бара некоја не знам каква диплома за да го постигнете.
Растот секогаш се случува кога едноставно ќе ја напуштите удобноста доброволно и направите нешто и покрај стравот.
Кога ќе направите нешто такво (секој од вас знае за себе што би било тоа), никој не ви брани да уживате во задоволствата кои сакате да си ги приуштите. Важното е да не ги приоретизирате активностите кои ви носат задоволство пред активностите кои би ви донеле раст и напредок.
Еднаш слушнав дека не постои такво нешто како прокрастинирање, само премногу одлуки кон чувствување фино.
Кога го знаеме тоа, и станеме свесни за истото, можеме да седнеме неколку минути и да се позанимаваме со себе и да видиме зошто ги зборуваме работите кои ги зборуваме и што правиме или не правиме ден за ден. Ако забележиме дека правиме малку работи кон раст, а многу повеќе работи кон „чувствување добро“ или одложување обврски (чекај само уште ова да го изгуглам и ќе доработам после) и ова се повторува секој ден, тогаш е време за некоја поинаква акција.
Ако не го направите тоа, животот има свои начини да ве натера на тоа, но тоа е потешкиот пат. Не чекајте да дојде до таму.
Тоа е тоа. Така се стигнува до личен раст. Или преку тешки искуства, или преку ваша одлука да правите мали чекори кон раст секој ден. Изборот е ваш.
Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.