Личен и бизнис развојЛичноРодителство

Лично: Како се решаваат проблеми?

Везилка Магазин

 

Една работа ни е заедничка на сите а тоа е фактот што сите се соочуваме со проблеми во одреден период.

Дефиницијата за проблем е: ситуација или случај што чека решение.

Не сум сигурна дали ја прочитав оваа дефиниција во книгата на Марта Бек: Пронајдете ја својата ѕвезда водилка (Finding your North Star), или ова сум го запишала како заклучок читајќи ја книгата. Во секој случај, по мое мислење дефиницијата одговара за изразот “проблем.“

Проблем не е ништо друго туку ситуација која чека решение. Штом се појави решението – проблемот исчезнува.

 

Како да најдеме решение?

 

Традиционалниот начин кој повеќето луѓе го бираат е да скокнат директно во средина на проблемот и да се употреби целата енергија и расположливи ресурси за тој да се реши. Но многу често, завршуваме исцрпени, фрустрирани и без задоволително решение. И потоа пробуваме пак и пак без да земеме во предвид дека постојат тактики кои можеме да ги употребиме за ова. Еве неколку предлози за тоа како да им се пристапува на проблемите во животот.

 

Прво, треба да освестите како се чувствувате заради некој проблем. Ќе биде сигурно некоја од негативните емоции, но која?

Дали сте лути, збунети или анксиозни?

Дали сте исплашени, очајни или тажни?

Дали чувствувате повеќе од една емоција, како лутина и тага во исто време?

Станување свесен за свите емоции е голем дел од наоѓањето на решението затоа што сега може да преминете на вториот чекор.

 

Второ, истражете зошто се чувствувате вака? Одговорете на прашањето: Зошто сум лут/а, љубоморен/на или раздразлив/а? Кога ќе дојдете до одговор за тоа како се чувствувате, прашајте се „зошто“? Зошто се чувствувам вака? Тоа ќе почне да разоткрива слоеви во вашата свест.

Во многу различни ситуации може да се случи да имате негативни емоции. Сепак, секогаш можете да одите подлабоко и да откриете зошто се чувствувате така. Можеби сте иритирани затоа што денес се појавивте пет минути подоцна на работа. Зошто се случило тоа? Затоа што сообраќајот беше ужасен. Зошто не излегов малку порано од дома? Затоа што не спиев добро и касно легнав претходната ноќ.

Сега е време за третиот чекор.

 

Трето, одговорете го прашањето Што треба да ми се случи за повторно да бидам среќна/ен? Тука стапува на сцена превземање одговорност за својот живот и за сите наши акции. Ако научите како да го одговарате ова прашање, може да дојде до пресврт во вашиот успех и благосостојба.

Да видиме: Што треба да ми се случи за повторно да бидам среќна? Повеќето луѓе го одговараат ова прашање на овој начин:

Сакам шефот да престане да биде таков диктатор.

Сакам семејството да ми ги поддржува идеите и да престане да ме саботира.

Сакам соппругот/детето/сестра ми… (или некој друг) да се излечи од оваа болест.

Сакам мојата компанија да ми даде покачување затоа што заслужувам.

Сакам владата да направи ова или она.

Ако го одговоривте третото прашање на овој начин, вие не се движите кон решението на проблемот. Вака само останувате во улога на жртва. Проблемите нема да се решат ако само седите и чекате другите околности да се поправат. Тоа не се случува – сум пробала, верувајте ми на збор. 😊

Пробајте ги овие одговори на пример: Што треба да ми се случи за повторно да бидам среќна?

Сакам да работам за шеф кој што е интелегентен и има одлични лидерски способности.

Сакам да се чувствувам поддржано и да бидам околу луѓе со сличен мајндсет како мене.

Сакам да научам како да се носам со тешки животни предизвици над кои немам контрола.

Сакам да имам поголем приход.

Сакам да научам како да си ги зголемам шансите во сегашната економска и политичка состојба.

 

Четврто, одговорете на прашањето: Кој е најефективниот начин да го добијам она што го сакам? Не само да се наброи едно можно решение, туку сите решенија на кои може да помислите.

На пример: Сакам да имам поголем приход. Како можам да го постигнам тоа?

Одговор: Можам да побарам друга работа.

Можам да да се фокусирам на себе и да увидам дали можеби имам некој талент кој не го користам и да се едуцирам околу тоа.

Можам да истражувам за дополнителни курсеви и сертификати.

Можам да научам повеќе за финансии.

Можам да почнам да се едуцирам како може да развијам бизнис од моите хобија.

Можам да учам повеќе на тема успех.

Можам… дополнете ја листата сами. Важно е тука да ставите работи кои малку ве плашат, или ви будат срам (што ли ќе кажат другите за ова), или ви се чинат невозможни. Ставете на оваа листа работи кои се надвор од вашата комфор зона.

Кога ќе креирате вакви листи за сите ваши проблеми, спремни сте да направите план на акција.

Така е – после сите истражувања и проценка на животната ситуација во моментов, потребно е да превземете нешто околу тоа. Треба да следува конкретна акција од ваша страна.

Една важна забелешка: Ослободете се од очекувањето дека секој проблем има брзо решение. Не постојат брзи решенија за повеќето проблеми во животот. За некои од вашите проблеми може да ви требаат недели или месеци да ги решите. Но од друга страна, тие и не настанале од нигде никаде. Требало исто така подолг временски период за тие да се создадат во вашиот живот.

Уште една важна забелешка: Решението на сите ваши проблеми веројатно лежи во работите кои треба да ги направите, а се надвор од вашата комфор зона. Овој начин на пристапување кон проблемите многу ефикасно функционира за мене. Вака научив да преземам одговорност за моите постапки и избори. Вака научив дека постои решение за се’ штом го дефинирам вистинскиот проблем.

На ваше место, ова би го правела во пишана форма. Пишувањето на сето ова ме држи фокусирана и ми помага да увидам што навистина се случува. Ваков начин на приоѓање на проблемите води кон личен раст.

Ако сакате да искусите учење за ова во група, придружете ни се на Coffee with Maya. Тоа е бесплатна група на Zoom за жени каде што се наоѓаме еднаш/два пати месечно. Секогаш имам подготвено тема. Работиме вакви задачи во група и делиме меѓу себе видеа, книги итн. Можете да се приклучите со испраќање порака на мојата имејл адреса.

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.И

Везилка Магазин