Личен и бизнис развојЛично

Лично: Колку терминологијата која ја користиме влијае на децата?

Везилка Магазин

 

Ова утро последната работа на која помислив беше да пишувам текст за Везилка магазинот. Планирав да одам да купам овошје и да тргнам на Водно, да уживам во прекрасниот сончев ден на планина. Но, не секогаш нештата се одвиваат по нашиот план. Одејќи до блиското гранапче наидов на три ситуации кои ме наведоа да размислам и да седнам да го напишам овој текст.

Првата беше на баба и внуче од околу 4 години..Сакам сладолед, кажа детето. Никако, му рече бабата, ќе те боли грлото, ќе се разболиш…. па ќе те носат на лекар, ќе ти стават инјекции . Ау, помислив, што стори жено, каква слика создаде во умот на тоа дете? Дали помисли дека во овој момент во неговиот ум почна да тлее страв дека ако јаде ладно ќе се разболи, замислете, кога ќе биде возрасен и ќе му стават лед во пијалокот, секогаш во потсвеста ќе му зуи прекорот од баба му и можноста да се разболи и да прима инјекции.

Втората се случи неколку минути подоцна. Детенце со 10 ден. во рака, сака да купи чоколадо, такото му вика „Немаме пари, тие не се доволно, треба тато да оди на работа, многу да работи и кога ќе собере пари ќе купиме чоколадо, а сега стави ги парите во џебот, не ги држи во рака, валкани се“. Еј господине, каква слика му создадовте на вашето дете во однос на парите: валкани се, немаме, морам многу и напорно да работам за да заработам… зошто, зошто таква слика??? Зар не мислите дека парите се само надомест/размена за тоа што го работиме, зар не мислите дека треба да ги сакаме, бидејќи ги заслужуваме, тие се наши пријатели, треба секогаш да се со нас, и не се валкани затоа што се пари, валкани се бидејќи ги допираат многу луѓе, исто како и држачите во автобус или играчките во луна паркот, треба само да сме внимателни во однос на личната хигиена.

 

 

Е третата беше врв. Враќајки се кон дома, поминав покрај соседната зграда, точно под балконот на кој седеа мајка и 3 годишно дете. Детето почна во место да маршира како војник, а мајката на тоа одговори „Немој така, ќе се сруши терасата и ќе паднеме долу!!!“  Хмммм, има ли некој кој ги слуша тие зборови пред да ги изговори??? Дали навистина мајката мисли дека едно дете со своите 12-15 кг ќе го сруши балконот и ќе паднат долу??? Па ако не, зошто му го кажува тоа на своето дете???

И повторно во мојот ум е сликата на тригодишното дете кое веќе со своето бистро умче гради дефиниции и искуства кои ќе го водат низ житотот, што ли запомнило од овој коментар???

Дали мислите дека се тоа само деца? Не, драги мои, тоа се личности, но, за нив до седмата година, кога ги градат своите дефиниции и уверувања, вие сте нивниот авторитет и пример.

Мислите дека ако на сопственото дете на шега му кажете глуп/глупа си, тоа поминало преку таа забелешка? Ех, да беше така….во тој момент е срушена нивната самодоверба, во комуникација со други деца главата им е надолу, молчеливи се, повлечени, никогаш не се организатори на нешто, а вие се прашувате зошто е тоа така. Е па затоа што додека растел АВТОРИТЕТОТ му кажувал дека е глуп.

Има една шега која ја имам прочитано некаде, вели: до 4 години мислев дека се викам “не таму“. Ах, колку деца се осакатени во процесот на растење со постојаното викање по нив НЕ тоа, НЕ таму, Не така… наместо Види, можеби е ова подобро, дојди ваму, пробај вака…

Кога мало дете пробува да се симне од кревет и тргнува со главата надолу, наместо „Не, не така ќе паднеш!“ зошто не му објасните „Прво нозете, така, браво…“?

Можеби не е мое да зборувам за ова, но не секогаш родителството е чинот на продолжување на родот и раѓање деца затоа што така треба. Родителството е една од најодговорните работи кои ги одбирате во животот. Кога ќе донесете одлука дека ќе бидете родител, треба да сте на ниво на свесност дека создавате нов живот кој е исто така личност, личност која размислува, која чувствува, која тагува и страда понекогаш само поради некој ваш збор употребен на погрешно место.

 

 

Да, работејќи со еден клиент кој има проблем со истрајноста во спроведувањето на планот кој е поставен за да се стаса до целта, ја пронајдовме причината во еден погрешно употребен термин од неговиот татко уште кога бил мал. Имено кога тој ќе побарал нешто неколку пати по ред, наместо да му објасни зошто нема тоа да го добие таткото му велел, немој да бидеш упорен, тоа не е добро. Само од тој еден погрешно употребен термин овој возрасен човек со тешкотија ги спроведува зацртаните цели.

Или еден сосема поинаков пример, клиентка која е на раскрсница и донесување на одлука која ќе биде нејзината идна професија, не може да се одлучи бидејќи додека растела, мајка ѝ повторувала, ти си умна и ти можеш сè. Таа е изгубена во тоа Сè.

Ниту една крајност не е во ред, но внимавањето како ќе се обратиме кон детето/личноста за која родителот е СЀ во одреден период од животот е клучна. Не ги навредувајте, што и да погрешиле објаснете им каде е грешката, ако нешто не знаете – проверете или заедно истражувајте, подобро е да признаете дека нешто не знаете, тоа е човечки, отколку сакајќи да оставите впечаток на сезнајко создадете комплекс на помала вредност кај детето.

На оваа тема би можела да пишувам со денови…. но, ќе завршам. Внимавајте како разговарате со сопствените деца и на момент сетете се како вашите родители разговарале со вас. Она што вам не ви се допаѓало – не го продолжувајте како начин на комуникација. Сетете се зошто во некоја работа не сте добри… размислете ако не возите автомобил можеби некој од родителите некогаш ви рекол „Никако, тоа не е лесно, ако не внимаваш можеш да направиш судар“….

Комуницирајте како со личности само заради тоа што децата се тоа, личности со ум и емоции без разлика што се во мало пакување.

 

Тања Брковска е тренер за животни и бизнис вештини и им помага на сите кои имаат желба да го живеат животот по своја мерка со тоа што ќе ги откријат, обликуваат и остварат своите желби и соништа. Работи преку онлајн тренинзи еден на еден или во групи.
За сите наши Македонци секаде низ светот на македонски, бидејќи можеме да зборуваме и да размислуваме на било кој јазик, но чувствуваме само на мајчиниот.
Живее и работи во Скопјe.
Контакт: tanjabrkovska@gmail.com 
Везилка Магазин