Личен и бизнис развојЛично

Лично: „Комуникација“

Везилка Магазин

Многумина се потсмеваат кога ќе кажам дека не знаеме да комуницираме, но набргу по некоја групна вежба на работилницата увидуваат дека навистина не обрнуваме внимание на тоа и многу често не се разбираме и како последица на тоа влегуваме дури и во конфликтни ситуации.

Прво нешто што јас го освестив кај себе во неформална комуникација е недоволниот фокус на соговорникот. Ќе ве замолам да обрнете внимание на ова. Колку пати сте се запознале со некого, а не сте го слушнале името? Десетици. Без разлика колку е важен разговорот и колку ќе трае, обратете ѝ се на таа личност како да ја гледате последен пат, со многу внимание и љубов. Верувајте дека функционира, сум пробала и на шалтер во банка и на каса во супермаркет, за блиски и драги личности не сакам ни да потенцирам.

Слушнете што има да каже другата страна, а кога вие зборувате, тоа нека биде кажано доволно јасно, гласно и разбирливо, по можност со фокус на тоа што сакате да го кажете, а не со получасовен вовед.

Што и да сакате да кажете или да побарате, кажете ги прво добрите работи.

Ајде пак со пример, така е полесно. Сакате да побарате повисока плата. Веќе пет дена размислувате како, пишувате на ливче што ќе кажете, не спиете цела ноќ и дента сте под стрес и паника и си викате: ќе влезам ќе си побарам повисока плата, па на крај ако не ми даде – ќе си одам од фирмата. Првата грешка е „ако не ми даде покачување ќе си одам“. Ако сакаш да си одиш, немој да бараш покачување, едноставно дај си отказ. Но, ако ја сакаш својата работа и немаш намера да си одиш и ако ти е единствената цел да добиеш повисока плата, влези со цел да ја добиеш.

Обрати се така што резултатот од тој разговор да биде повисока плата. Ставот: јас повеќе нема да работам за оваа плата е сосема погрешен. Најпрво ќе кажете дека веќе толку и толку време работите тука, дека сте задоволни од односот на претпоставените, дека ја сакате својата работа и давате сè од себе да ја извршувате најодговорно, ќе се заблагодарите на довербата што ја имаат и ќе се извините за некои ситни грешки што ви се провлекле во работењето и дури тогаш ќе кажете дека сметате дека треба да добиете покачување на платата бидејќи веќе не сте приправник, ја владеете во потполност работата или која и да е причината која, секако, вие ја знаете.

Вие ја сносите одговорноста за тоа што сте кажале, но никогаш не сте одговорни како другата страна ја примила информацијата или за начинот на кој таа ќе ја толкува.

И обратно, вие одлучувате како ќе реагирате на зборовите што се упатени кон вас.

Ќе ви раскажам една приказна… Си бил еден тибетански монах што секогаш важел за свет човек. Луѓе од целиот свет доаѓале кај него за да му побараат совет, а важел за смирен човек што никогаш не се навредувал. Некој злобен човек го чул тоа и решил да го тестира мудрецот. Отишол кај него и во моментот кога го здогледал почнал да го навредува и да го понижува на секој начин. Откако повеќе не можел да смисли нови навреди, тој за момент замолчел и изненадено сфатил дека монахот и натаму бил смирен и прибран како и претходно. Тоа многу го изнервирало и тој продолжил да пцуе уште полошо, но сѐ било залудно — изгледало како тоа воопшто да не го допира мудрецот.

Кога останал без пцовки и кога ја изгубил целата енергија, човекот му пришол на монахот и прашал која била неговата тајна. „Ги разбирам тие ваши духовни работи и дека не ви е грижа што мислат другите за вас, но јас те понижував и навредував, па ти мораш да научиш да се бориш за себе.“ „Синко, може ли да ти поставам само две прашања?“ — првпат проговорил монахот. „Секако“ — рекол човекот. „Ако ти мене ми донесеш подарок, а јас не го прифатам, кому му припаѓа тој подарок?“ „Па ако не го прифатиш подарокот, тогаш тој и натаму е мој.“ „А сега, сине мој, ако ти имаш само навреди за мене, а јас не ги прифаќам, кому му остануваат тие навреди?“ — прашал мудриот човек, се завртел и си отишол. Бидете мудри.

 

 

Тања Брковска е тренер за животни и бизнис вештини и им помага на сите кои имаат желба да го живеат животот по своја мерка со тоа што ќе ги откријат, обликуваат и остварат своите желби и соништа. Работи преку онлајн тренинзи еден на еден или во групи.
За сите наши Македонци секаде низ светот на македонски, бидејќи можеме да зборуваме и да размислуваме на било кој јазик, но чувствуваме само на мајчиниот.
Живее и работи во Скопјe.
Контакт: tanjabrkovska@gmail.com 
Везилка Магазин