Нашиот живот е составен од одреден број години, тие од одреден број денови, тие пак од одреден број минути… Нашиот живот го има времето како основен ресурс со кој располага.
Во дефиницијата за самодовербата рековме дека е верување што и да се случи дека ќе знаеме што да правиме и како да изреагираме. Но, тука важна улога игра и времето за кое ќе го направиме тоа. Некогаш за некои реакции се потребни минути, а пак за други треба трпение. Најважно е времето кое го посветуваме на одредени нешта да биде оптимално, толку колку што реално треба за таа акција.
Арно ама во нашиот јазик има повеќе крадци на време: УТРЕ, ОД ПОНЕДЕЛНИК, ЌЕ, не можам да кажам НЕ, ДРУГ ПАТ, ПОЧЕКАЈ…
Ние овде ќе се задржиме само на неколку, но тоа ќе биде сосема доволно за да ја освестиме непотребноста од нив.
ЌЕ – дали сте слушнале дека во јапонскиот јазик нема ЌЕ, тие сѐ прават прават сега и овде.
Кај нас ЌЕ се користи во секоја пригода без да се запрашаме дали навистина треба да го користиме и колку време и енергија ни одзема. Одложувањето на работите може да доведе до уште поголем хаос и изгубеност повеќе отколку што може да помогне кога пролонгирате каква било обврска и акција која треба да се преземе.
Ве молам да повнимавате во следните два дена колку пати наместо нешто да направите, веднаш ќе го одложите за попладне, утре, другата недела… Со тоа не сте купиле време, туку сте ставиле бреме на себе кое постојано е тука, ви тежи во мислите како незавршена работа и ве прави нервозни и под стрес.
Од кога ќе поминат тие два дена дадете си нови два во кои штом ќе помислите некоја обврска да ја оставите за понатаму – направете ја веднаш. Ама навистина веднаш. Неминовно е да забележите дека разликата е многу голема, нема стрес, нема нервоза, напротив, се чувствувате среќно и продуктивно.
Времето е всушност вашиот живот, не им дозволувајте на изговорите да ви го крадат. Делувајте веднаш, задоволството од таквиот начин на живот ќе биде нормална состојба.
Има уште еден многу сериозен крадец на времето, но и на вашиот идентитет, а тоа е немоќта да се каже НЕ.
Кога некој ќе побара нешто од вас, треба добро да размислите дали сте во можност да го направите тоа за него токму во тоа време во кое тој го бара, ова значи дека вие се ставате пред него во сопствениот живот.
Не треба да тргнете од помислата, па ако го одбијам ќе ми се налути, туку од онаа Кои се моите обврски во тоа време. Секако ако сте во можност веднаш ќе одговорите на тоа барање, но не заборавајте, ако постојано тоа го правите така и другите се секогаш пред вас во вашиот сопствен живот. И првиот пат кога ќе ги одбиете тие ќе ви се налутат, без разлика што до тогаш десетици пати сте им излегле во пресрет.
Да не ме разберете погрешно, не велам да не одговорите на барањата и молбите на своите блиски или пријатели, туку велам дека треба да имате приоритети. Значи не е страшно ако одговорите Да, со задоволство ќе го направам тоа за тебе во среда, после испитот, бидејќи до тогаш морам да се подготвувам за испит.
Да, можам да ти помогнам, но не и јас да ја направам целата работа наместо тебе.
Да, со задоволство ќе ти ја позајмам книгата кога ќе ја прочитам…
Секогаш има начин да се каже НЕ, суптилно, одмерено но цврсто, само така ќе имате стабилно ниво на самодоверба, а во исто време и околината повеќе ќе ве цени и почитува.
Само оној кој се грижи за себе еден ден може да им помогне и на тие околу себе.
За да можеме квалитетно да го поминуваме своето време треба да научиме квалитетно да го трошиме и во исто време и квалитетно да го организираме, но не само времето, туку и просторот.
Да, добро ме разбравте, и просторот бидејќи хаосот во просторот знае да ни украде многу време.
Но за тоа следниот пат…