Личен и бизнис развојРодителство

Лично: Новогодишни резолуции

Везилка Магазин

 

Кое е вашето мислење за новогодишни резолуции?

Дали сте за или против да ги поставите вашите цели за следната година?

Постои огромна дебата на интернет на оваа тема. Многу блогери пишуваат дека е добро да се има новогодишни резолуции (Н.р.), а многу други силно се држат до ставот (пишувајќи ги своите аргументи на долго и на широко), да не се мачиме околу поставување на истите.

Едно е сигурно: факт е дека без разлика дали поддржувате креирање Н.р. или не, повеќето луѓе кои ги поставуваат забораваат на нив најдоцна до 10 јануари.

Сите сме ги виделе фразиве за новогодишни резолуции на интернет:

 

„Се надевам дека сите проблеми ќе ми траат колку и новогодишните резолуции.“

„Новогодишна резолуција е нешто што го префрлаш од една година во друга.“

„Нова Година е денот кога ги правиш своите резолуции. Наредната недела можеш да почнеш да ги забораваш, како и обично.“

 

Прашање до вас: Сте пробале ли досега да поставите резолуции/цели на крај на декември/почеток на јануари?

Сте ги исполниле ли?

Ако не, еве неколку можни причини зошто:

 

*Загризуваме повеќе од што можеме да соџвакаме

*Поставуваме цели не затоа што се добри за нас туку затоа што мислиме дека треба да ги имаме

*Не ни будат возбуда и ентузијазам.

*Сега не е правилното време за некои работи да се случат.

 

Јас верувам во поставување на новогодишни резолуции и нивно остварување. За мене важно е да седнам, да видам што се случува денес во мојот живот и да знам што сакам да се промени и подобри.

Не можете да стигнете далеку ако не видите јасна слика за каде сакате да одите.

Последните две години се годините кога всушност успеав да ги исполнам скоро сите мои новогодишни резолуции. Велам “скоро“, а не „сите“, затоа што за да се случат некои од нив имаше околности што не можев да ги контролирам.

На пример, не присуствував на работилници и едукации во Лондон и Амстердам, што ми беа во план, заради локдауни.

Исто така, имаше една цел за која што изгубив интерес до средина на годината и не ми беше повеќе важна, па ја пренасочив енергијата на друго.

Сѐ останато коешто сакав да го исполнам – веќе е тука.

Од сите претходни години – до 2019та, скоро 70% од резолуциите ми остануваа неостварени. И ја делам оваа информација со цел да ви помогнам со мојата перцепција и искуство.

Сфатив зошто не можев да ги остварам моите цели порано, а сега можам. Во последните две години важен фактор кој промени сѐ беше креирање на дополнителна листа на активности кои ги поддржуваат поставените цели.

Сфатив дека можам да имам грандиозни цели и да бидам супер возбудена и ентузијастична да ги остварам, но чувството на ентузијазам не е доволно за добивање на резултат. Главниот клучен фактор во добивање на она што го сакате е имање правилно однесување и здрави навики околу тоа како ги завршувате работите.

Без разлика дали поставуваме резолуции или не, сите ние имаме цели. Но, сите не ги остваруваме тие цели затоа што мислиме дека однесувањето автоматски ќе ни се промени само затоа што сме донеле одлука да се промениме.

 

“Ќе почнам од понеделник.“

“Ќе си го средам CV-то следната недела.“

“Ќе почнам да вежбам редовно од 1 јануари.“

 

Сето ова се одлуки/цели/резолуции. Но, ако се разбудиме во понеделник и имаме исто однесување и навики како и секогаш, ни отидоа резолуциите. Како што ми рече една клиентка минатата недела “Оде воз…“ 😊

Нови навики и однесување не ни доаѓаат по автоматизам или по наша одлука. Новото однесување ќе дојде само преку свесен труд во прекинување на некои шаблони што ги повторуваме секој ден и излез од комфор зоната.

Еве како си помогнав да ги зголемам шансите за успешно постигнување на целите кои ги сакам: Покрај н.р., додавам уште една колона на активности и пишувам најгоре: Активности кои ќе ми помогнат да си ги исполнам Новогодишните резолуции:

(Ова е целата листа):

 

*Станување рано и практикување утринска рутина

*Вежбање

*Поминување време во природа што е можно повеќе

*Читање книги

*Подобрување на германскиот јазик

*Пишување идеи за нови проекти (како brainstorming)

*Состаноци и комуникација со луѓе од мојата бранша

*Креирање содржина за веб страната и социјални медиуми

*Кога ќе видам дека нешто не знам, но ми треба за моите цели: да научам, да истражам, да запишам курс за тоа или да побарам помош

*Да научам повеќе вештини

*Да ги вежбам и подобрувам вештините кои веќе ги имам

*Да продолжам да работам со тренер

*Еднаш месечно да седнувам и да ги читам белешките од нешто што сум научила.

 

Само со применување на целото ова однесување до степен до кој сето ова ми стана навика, почнаа да ми се остваруваат целите и видов вистински резултати. Дисциплината е најважна. Нема потреба да кажувам дека колку повеќе резултати добивав, мотивацијата ми растеше да поставам уште посмели и поголеми цели.

Кои нови навики треба вие да ги вклучите во однесувањето за да ги постигнете работите кои ги сакате, но сѐ уште не ги имате?

На последниот состанок Кафе со Маја, сите заедно во група креиравме цели за 2022 година.

Ги поставиваме овие колони:

 

Работа/или Бизнис – финансиски цели

Личен развој/лични постигнувања

Семејство

Здравје

Разно

 

Ви требаат повеќе колони затоа што ако поставите бизнис и финансиски цели, можеби ќе успеете на тоа поле, но по цена на вашето здравје и семеен живот. За да постигнете баланс треба да се погрижите за сите овие животни аспекти еднакво.

Баш беше забавно ова да се направи во група. Јас прочитав пред сите кои се моите професионални и некои од личните цели и сега имам цела дружина дами кои ме држат за збор.

На состанокот некој прокоментира дека проблемот со новогодишните резолуции е што тие ни прават притисок. До одреден степен се согласувам со ова – да ги ставиш целите на хартија, особено ако се малку поголеми од обично и ве плашат по малку, може да создаде притисок.

Но имам уште еден факт за вас: Да се нема никакви цели воопшто, да не се направи прогрес, да не се постигне нешто ново, исто така ќе ви создаде притисок и непријатно чувство на стоење во едно место додека сите околу вас постигнуваат повеќе.

Значи, до вас е да изберете дали гласате за притисокот од поставување цели и радоста која доаѓа кога ќе ги исполните, или го бирате притисокот од неодење кон работите што ги сакате и чувствување каење (за изминатото време) и заглавеност.

Кое ќе го изберете?

Што сакате да постигнете во 2022?

Ако се одлучите да ми ги напишете своите резолуции на емаил, со задоволство ќе ви дадам некои совети за како да ги постигнете.

Ви посакувам Среќна Нова Година!

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин