Личен и бизнис развојЛично

Лично: „Организација на простор и време“

Везилка Магазин

Можеби зборот „организација“ ви звучи премногу сериозно и можеби мислите дека за да се научи процесот на квалитетна организација треба многу време, но имам добра вест, тоа е една од поедноставните работи за добивање на квалитет во живеењето.

Минатиот пат зборувавме за крадците на времето и како тие делуваат во нашиот живот и како со спроведувањe на процесот на организација тие ќе исчезнат од нашиот живот.

Ајде да видиме како ви започнува денот.

Прва опција: нема веќе паста за заби – стрес!  Каде ми е кремата за лице, тука беше над машината за перење – стрес!  Каде ми се чорапите – стрес! Како ќе пијам сега кафе без млеко, зошто не купи вчера, ти кажав – стрес! Каде ми се клучевите од колата – стрес!

Втора опција: Организацијата на ормарчето во бањата во кое што секој препарат има свое место значи мирен, спокоен почеток на денот.

Кај мене на пример, има три полици, на првата е сè за лице, на втората за тело на третата за коса, и со затворени очи можам да го земам тоа што ми треба. За добра организација на истото е многу важно да се прави дотур на производи, кога ќе видиме дека нешто е при крај веднаш да го запишеме на списокот за набавки.

Списокот за набавки, обично стои на некоја табла ако ја имате со магнет или на фрижидер… и секогаш кога ќе забележите дека некој препарат е потрошен повеќе од половина – го запишувате на тој список. При следното одење во продавница само го земате со вас.

И во овој момент се спасувате од стрес, бидејќи го нема моментот: што требаше да купам, да не заборавив нешто, тргнав по кафе, се натоварив со 5 кеси и кафе заборавив да купам….

Ако секој предмет има одредено место каде стои, на пр. клучевите закачени на закачалка веднаш до влезната врата и ако секогаш после употребата ги враќаме на за нив определеното место, сите овие стресови може да се избегнат.

Мене ми се чини дека сето ова е можно и лесно прифатливо, што мислите вие? Дали би се обиделе да пробате за да ја воочите разликата?

Забележавте дека клучно место во оваа организација има ЗАПИШУВАЊЕТО на списокот за набавки. Сега барем имаме паметни телефони, па можеме да ги користиме и за таа намена, меѓу другото се разбира.

Кога зборуваме за организација на времето сè е поврзано со запишувањето и со планерот т.е. планирањето на времето.

Ве молам тоа да биде објективно, значи ако имам состанок кој ќе трае половина час и се наоѓам во точката А, а треба да стасам до точката Б за уште половина час, сигурно нема вториот состанок во точката Б да го договорам за помалку од еден час. Со самото тоа што ќе си дадете 15 мин за паркирање и комотно да стасате, го анулирате стресот и во случај да стасате порано си давате простор да погледнете во агендата и да ги проверите следните активности во денот.

Моќта на планерот и планирањето е волшебна, заштедува нерви, пари, време…

Подготвувањето на агендата за денот, или вечерта пред спиење или наутро со пиење кафе нека ви стане ритуал на уживање кој ќе ви донесе среќен и продуктивен ден.

Има уште една тајна во моќта на тој планер, кога ќе ја штиклирате завршената работа. Вибрацијата скока за неколку скалила, самодовербата заедно со неа, среќни сте и задоволни од добро завршената работа, па зошто би си го скратиле ова задоволство?

 

 

Тања Брковска е тренер за животни и бизнис вештини и им помага на сите кои имаат желба да го живеат животот по своја мерка со тоа што ќе ги откријат, обликуваат и остварат своите желби и соништа. Работи преку онлајн тренинзи еден на еден или во групи.
За сите наши Македонци секаде низ светот на македонски, бидејќи можеме да зборуваме и да размислуваме на било кој јазик, но чувствуваме само на мајчиниот.
Живее и работи во Скопјe.
Контакт: tanjabrkovska@gmail.com 
Везилка Магазин