Посебното родителство доаѓа со големи предизвици. Секој ден е трка со времето. Распоредот е набиен, а стресот голем. Истошувачки е и физички и емотивно.
Знаете како финансиите стануваат проблем многу брзо после добивање на дијагнозата. Многу работи не се покриени со здравствено осигурување и мора да ги земеме работите во свои раце. На детето му се потребни многу терапии, витамини, суплементи, посебна исхрана итн. Кога станува збор за финансии и како посебните родители се справуваат со сето тоа, би рекла дека сме волшебници. А ова го зголемува стресот.
Природно е сето ова да влијае на врската со вашиот партнер. Многу од врските се кршат под притисокот на посебно родителство. Генерално, предизвик е да одржиш врска и онака, но работите многу полесно можат да тргнат надолу ако сте посебни родители.
Овој текст е за важноста да се држите заедно.
Мојот сопруг и јас сме во брак осум години, а заедно сме 11. Во нашиот брак нештата се понекогаш тешки. Но, главна причина поради која успеавме да останеме заедно е тоа што сме искрени еден со друг, НО, искрени сме и сами со себе. Свесни сме дека не постои нешто како совршена личност и дека секој од нас има маани. И секој од нас има доблести.
Се работи за тоа каде ви е фокусот и како ќе изберете да гледате на работите.

Се разбира, можеби мојот сопруг би го опишал нашиот брак поинаку и можеби тој има различна претстава зошто сме заедно. Можеби и нешто би додал. Секој со својата перспектива.
Но, согласни сме во тоа дека на секоја врска добро би и дошло малку работа и подобрување.
Од моја страна, како јас гледам на работите, нашата врска и брак се можност за мене да бидам повеќе од тоа што сум. Чувствувам дека мојата личност порасна за ова време поминато заедно. Не постои една посебна причина зошто е тоа така. Едноставно е поради атмосферата што ја градиме заедно што ни дозволува да растеме и да се шириме. Да ги следиме нашите страсти и да креираме навики – на кој како му одговара.
Нашиот брак стана многу подобар откако двајцата се посветивме на личен развој. Кога ги отворивме повеќе нашите видици, повеќе ги разбиравме другите луѓе и настаните во нашите животи. И го проширивме разбирањето кое го имаме еден за друг. Никогаш не престанав да потенцирам колку го ценам него и неговата личност низ сите фази низ кои што поминавме. Сведочев како човекот со кого се омажив, покрај што е одличен партнер е и прекрасен татко. Тој беше толку грижлив со Јоана.
Па да видиме, кои се нештата што ја држат врската силна?
Разбирање во бракот
Важно е да се има разбирање. Но, не како клише „сакајте се и имајте разбирање еден за друг бла бла“. Зборувам за вистинско длабоко разбирање.
Што значи тоа?
Кога и едниот да направи грешка, разберете дека тоа не е целата личност на другиот. Туку е нешто што се случува во моментот. Кога се спремате да нападнете, да осудите или искритикувате, прашајте се прво 2-3 пати дали тоа воопшто е вистинската причина зошто сте вознемирени или е нешто друго? Повеќе од половина од кавгите може да се спречат ако преиспитате зошто сте навистина вознемирени.
Мојот живот се промени кога започнав да го користам принципот: Кога дејствуваш, дејствувај секогаш од позиција на љубов. А кога сме во кавга, се обидувам да не брзам само да си го задоволам моето его со давање критики и напад туку да го разберам колку можам подобро неговиот поглед на работите.
Разбирањето е важно во секоја врска. Но кога имаме посебни деца, уште повеќе. Не замерувајте ако едниот направил помалку тој ден. Разберете дека и двајцата правите најмногу што можете. Разберете дека понекогаш на едниот му треба пауза. Признајте дека едниот е подобар со финансии, документи и планирање. Во исто време, другиот е подобар со организација, терапии, болници и забавување на децата.
Бидете си поддршка кога било кој од вас ќе сака да се посвети на некое хоби или да научи нешто и му треба малку време за тоа. Давајте повеќе отколку што добивате и ќе ви се врати дупло.
Ако сакате вашиот партнер да ве направи среќни, ќе чекате вечно. Никој не може да ве усреќи освен вие самите. Среќата е состојба на умот. Самите одлучувате колку ќе бидете среќни преку ценење на работите што ги имате во вашиот живот и преку благодарност. Зошто вие не се обидете да го направите партнерот среќен наместо да чекате да се случи обратно? Само тогаш ќе го добиете истото назад затоа што секогаш го добиваме она што го шириме во светот. Секогаш.
Имајте разбирање и дека кавги ќе има, но вие двајцата можете да ги надминете.
Љубов
Не треба многу коментар на ова. Тешко ми е да замислам како еден брак/партнерство може да опстане без љубов. Дајте сѐ од себе да си давате меѓусебно љубов колку што можете. Вашата врска не е само „договор“ и „список на задачи“; исто така и чувствата имаат своја улога.
Забава
Креирајте моменти заедно, патувајте повеќе (не баш сега?), или организирајте релаксирана вечер со пријатели.
Читајте иста книга месецов и после дискутирајте ја (ова е моето омилено).
Смејте се повеќе. Раскажувајте си смешни ситуации од минатото или нешто смешно што се случило тој ден. Добрата работа е што скоро сѐ што еднаш било проблем – денес е причина за смеење.
Имаме анегдоти колку сакаш. Еден куп смешни настани од свадбата, или едно патување во Барселона кај што толку си ја искомплициравме работата околу багажот што два дена одевме низ градот барајќи решение како да се спакуваме за накај дома; Или од периодот кога опсесивно игравме Сетлерс со кавги и сѐ друго. И кога ни требаа точно 52 минути и тројца луѓе да ѝ смениме пелена на Јоана во првите два дена. И секогаш кога еден од нас се избрукал некаде јавно, а другиот се смеел.
Сите можете да се сетeте на нешто смешно од порано. Смејте се повеќе.
И така и така сте под голем стрес заради болници, чекање резултати, финансии и слично. Можете да си закажете термин ако треба и точно тој ден во толку часот одредете дека ќе седнете заедно и ќе зборувате само за смешни работи што се случуваат сега или порано.
Во такво расположение се чувствуваме супер, а и поинакви идеи тогаш ни доаѓаат. Тогаш се смислуваат заеднички проекти кои е возбудливо да се остварат. Можете да станете повеќе како двојка ако повеќе се забавувате и смеете.
Романтика
Одржувајте ја искрата. Организирајте состанок барем еднаш месечно, само вие двајца. Бидете иновативни. Не мора да биде баш ресторан. Може да биде и возење велосипеди заедно.
Или ако имате шанса, отидете некаде на два дена. Она што е важно е да си земете време за вас и да си кажете што е она што го сакате кај другиот. Да се потсетите на вашите заеднички соништа. Да признаете кои нешта другиот ги придонесува во врската. Но, правилото е без разговори околу деца ниту околу финансии за време на овие состаноци.
Држете се заедно
Многу луѓе околу вас ќе имаат различни мислења за тоа што треба да правите, како да се грижите за детето и кои чекори следно да ги преземете. Ние направивме доста драстични потези откако се роди Јоана. Кога размислувам за моментот како ја донесовме одлуката за селење во Германија, во меморија ми е само фактот дека се држевме заедно во одлуките и плановите.
Не можам да кажам дека имавме обструкции од родителите и фамилијата. Но искрено, не се ни сеќавам дека воопшто се консултиравме со некого за било што околу Јоана и одлуката да се преселиме во Германија.
Силите ни беа сплотени уште на самиот почеток и само ги информиравме сите што ќе направиме следно. Не прашувавме за мислење, дозвола или одобрување. Нашиот фокус секогаш беше што е најдобро за Јоана и за нас, а не што ќе речат луѓето од нашата околина.
Кога дискутирате како да се справите со некој предизвик, држете се заедно и имајте ги во предвид мислењата што двајцата ги имате. Кога се работи за вашето дете, вие сте родителите и вие знаете што е најдобро. А истото важи за секоја друга одлука која треба да ја донесете. Мислењата од вас двајцата се доволни.
Затоа држете се заедно и секој сомнеж решете го меѓу вас. Во вашата интимна врска има место само за вас двајца и вашите деца. И никој друг не знае што е најдобро за вас, освен вие самите.
Кавги
Како се однесувате за време на кавга? Ова е многу важна тема.
Кавги се случуваат некогаш од ведро небо, а некогаш после долго таложење на работите и настанува експлозија. Но начинот на кој што се карате одредува колку долго ќе ви трае врската. Можам да кажам дека двајцата задржуваме некаква свесност при кавга.
Можам да го почувствувам трудот кој двајцата го даваме да не забегаме премногу и да кажеме нешто болно.
Мора да имате граници при кавга. Грдите зборови во форма на навреда упатени кон другиот прават рани па лузни. Не можете да го вратите назад она што е веќе кажано.
Граници во врската
Во ред е да се постават граници. Не на начин да ѝ давате рестрикции и наредби на другата страна. Зборувам за граници како на пример: кои се нештата кои можете да ги толерирате кај другиот, а кои не?
Сите ние имаме ваков тип на граници, па подобро е да ги кажеме на глас. Постојат нешта преку кои можеме да поминеме. Но, можете да кажете: моите граници се тие и тие и ова е точката на мојата толеранција. Исто и вашиот партнер.
Силно верувам дека не постои нешто што не може да се реши со искрен разговор.
Пријателство
Можете да сметате дека ќе имате долга и здрава врска ако сте најдобри пријатели.
Ова е едно од нештата што ја држи нашата врска силна. Како се однесувате со најдобрите пријатели?
Се поддржувате, се радувате за нивните успеси, понекогаш тргате на страна нешто што правите за да бидете тука за нив, понекогаш тие го прават истото за вас. Си верувате и си давате простор и слобода.
Вие сте партнери, љубовници и сродни души, но исто така можете да бидете и најдобри пријатели. Тоа ја комплетира магијата. И тоа го прави секој предизвик полесен.
Во неделните маилови кои ги испраќам до членовите на мојата веб-страна, често вметнувам и совети за квалитетни односи во партнерството/бракот. Пријавете се на листата преку овој линк за нови содржини секоја недела.
Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа е мајка на 6 годишната Јоана која има ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.