Лично

Лично: „Петнаесет причини зошто личниот развој треба да ви биде приоритет“

Везилка Магазин
  • Ако се чувствувате како да немате цел;
  • Ако се воздржувате од нешто што од секогаш сте сакале да направите затоа што се плашите од туѓото мислење;
  • Ако се чувствувате заглавено;
  • Ако сте доживеале загуба на сакана личност или болест во фамилијата и се чувствувате како никогаш повторно да нема да се чувствувате среќно;
  • Ако мислите дека сте на погрешно работно место, а немате идеја што друго би работеле;
  • Ако мислите дека не сте доволно добри и дека немате никакви таленти;
  • Ако другите луѓе се секогаш груби во односот со вас;
  • Ако мислите дека имате нерешлив проблем;
  • Ако некој од вашите најблиски ве нервира и посакувате таа личност да се промени;
  • Ако повеќето од разговорите со вашите деца завршува со кавга;
  • Ако сте во лоша партнерска врска;
  • Ако секогаш се борите со недостаток на финансии и мислите дека тоа е ваша судбина;
  • Ако чувствувате недостаток на самодоверба;
  • Ако преземате акции надевајќи се дека ќе им се допаднете на сите;
  • Ако не сакате да правите одредени работи, но сте присилени на тоа од вашиот шеф, општеството, или семејството.

Што е личен развој? Тоа е компилација од многу активности. Ако ги правите конзистентно, ќе постигнете неверојатни мир и радост. Ова се моите омилени активности:

 

Читање книги – Не само еден жанр. Читајте се’ што ќе ви се најде при рака. Познавам луѓе кои читаат само трилер или само драма. Не, не, не. Ако сте ограничени само на еден жанр, многу пропуштате. Има толку многу книги кои можат да ви ја сменат перспективата и со тоа да ви го променат животот. Исто така, постојат и многу книги кои не се вредни за потрошеното време, ама никогаш не знаете додека не им дадете шанса.

Најмногу дебати и полемики се водат за жанрот “позитивна психологија„ или книги за самопомош. Ги има илјадници и признавам дека не сите имаат јасна порака или нудат алати кои се навистина од помош.

 

 

Ама некои од нив се вистински дијаманти и можат да ви помогнат да поправите некоја животна ситуација. Моето его ми дозволува да читам и таква литература. Разбирам дека е во ред да се едуцирам за тоа како да бидам среќна, како да бидам добра пријателка, како да располагам со финансии. Дека целите кои ги имам, можам да ги остварам само ако прво ги разработам на хартија; дека е во ред да сакам да постигнам повеќе; дека луѓето кои велат “не ми треба повеќе, добро е и вака“ -често се залажуваат себеси. Затоа што ако е тоа точно, зошто чувствуваат стрелички завист кога некој друг ќе постигне да живее емотивно и материјално поквалитетен живот? Моето его ми дозволува да си признаам дека треба да се едуцирам на многу полиња и сакам да го направам тоа учејќи од луѓето кои веќе го постигнале тоа.

 

Гледање мотивациски видеа или слушање подкасти на успешни луѓе. Сите тие го раскажуваат своето патување, често полно со пречки и грешки. Сите до еден раскажуваат како неуспехот не значи крај. Неуспех е само еден чекор направен кон успех. А што не’ учат во школо? Без разлика за која земја се работи, школскиот систем е горе-долу ист. Правиш грешка и казнет си. Даваш погрешен одговор и добиваш лоша оценка. Така всушност сме научиле да се плашиме од правење грешки. А нема да најдете успешна личност во цел свет која не вели, “Имав многу неуспеси низ годините.“

Она што сите ние треба да го научиме е како да се опоравиме од неуспех и да продолжиме напред. Тоа е единствената разлика меѓу победниците и губитниците. И стравот од неуспех е причина број еден зошто остануваме таму каде што сме и не преземаме акција кон живот каков што знаеме дека заслужуваме.

 

 

Поставување утринска рутина. Тоа мора. Точка. Нема да се поместите ни најмалку од таму каде што сте без утринска рутина. Многу е важно промената да започне од внатре. Медитација, визуелизација, водење дневник, запишување цели, и одговарање на прашањето “Зошто“ – на секоја реченица која ќе ја запишете.

 

Ангажирање на тренер за личен развој (coach). Секогаш може се’ да постигнете и сами. И јас почнав сама со сето ова што го наброив до сега. Одлучив да ангажирам coach 10 месеци откако воспоставив утринска рутина. Многу ми е мило што прво почнав сама, дефинирав цели и се’ останато и сега можам да направам разлика: што значи да ги правиш сите тие работи со водство на coach. Многу е полесно, појасно и поефективно. Но многу е важно пред да работите со coach да знаете што точно сакате да постигнете на тие сесии. Тренер за личен развој не е забавувач и не може наместо вас да одлучува што треба да правите во животот.

 

Благодарност и ценење на луѓето во вашиот живот, нештата кои ги имате итн. Бидете благодарни за секој ден што сте живи, зошто тоа значи дека и денес имате шанса да направите промена во вашиот живот.

 

Вежбање! Вежбајте! Не го прескокнувајте ова. Не се убедувајте себеси дека не ви треба тоа. Дали мислите дека одење во теретани и вежбање е само за фенси луѓе? Не. Не се работи за следење мода, фалење дека одите во теретана или добивање стомачни мускули. Се работи за останување здрав. Можете и дома, дури и ако имате мала соба. Дали знаете како 10 минути вежбање на ден можат да направат разлика во вашето тело и здравје? Покажете љубов спрема себе, дајте си подарок да вежбате секој ден. Тоа произведува ендорфин – хормон на среќа. И немојте да “почнете од понеделник“. Почнете сега. 70 годишниот Вие ќе ви биде благодарен.

 

 

Имплементирајте ги овие работи, и резултатите ќе бидат неверојатни. Ќе напредувате. Ќе станете фантастичен пример и така подобро ќе придонесете за светот. Нови идеи ќе ви доаѓаат, и ќе се осмелите да одите кон остварување на вашите соништа. Зошто да не?

За мене, тоа е поентата на животот – да се трудам да живеам најдобро што можам. Дали мислите дека нашите живот би требало да изгледаат како: учење, работа со заработка колку само да се платат сметки, но без можност да си приуштиш некое задоволство (и тоа 30-40 години од  животот)- и пензионирање? Нема шанси. Каде се возбудата, забавата, уживањето?

Промени и предизвици секако ни стојат на патот, сакале ние или не. На нас останува да го извлечеме најдоброто од секоја ситуација.

Од секој проблем постои излез. Се’ има простор да се промени додека сме живи. Започнете да се менувате себеси за да се променат работите што не ви се допаѓаат.

Личен развој е потребен секому. Клучниот збор е “развој“. Нашите животи се менуваат континуирано. Зошто да не се подготвиме за тоа? И ова постојано мора да биде во нашите разговори, зошто ако не, ќе западнеме во илузијата дека ја достигнавме “таа“ возраст, се средивме, најдовме работа, ги најдовме правите партнери, имаме две деца како што беше планот и сега безгрижно ќе си го тераме животот. Дали природата останува иста? Не, дури ни за два дена. Така и нашите животи. Настаните се менуваат, нашите тела се менуваат, луѓе се раѓаат и умираат секој ден. Стабилноста и сигурноста се илузии. Единствената сигурна работа е промената.

 

 

Но ние сме суштества од навика и секогаш кога нешто не’ вади од баланс, ни предизвикува страдање. За да не страдаме, треба да се посветиме на личен развој.

Не наоѓајте изговори дека немате време за тоа. Ако го прочитавте текстов до оваа точка – имате време. Можете да почнете со 5 минути време во денот. Не правете изговори зошто тоа значи дека барате начин како да не живеете целосно и задоволно. Елизабет Гилберт во нејзината книга “Големата магија“, вели: “Ако се расправате за своите ограничувања, ќе си ги задржите“.

А што се случува кога со години сте посветени на личен развој? И понатаму ќе имате проблеми, предизвици, пречки и несигурности. Но ќе најдете начин да се избалансирате пак и пак, додека сте живи.

 

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа е мајка на 6 годишната Јоана која има ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината web-страница https://mayastoychevski.com/. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин