Ако ја следите мојата работа редовно, веројатно сте забележале дека како одговор на поголеми животни предизвици се залагам за личен развој, свртување внатре кон себе и преземање одговорност за својот живот.
Ова беше пресвртница во мојот живот. Така се случи моето прифаќање и на овој начин добив олеснување од болката и наоѓав надеж. Како резултат, можев да ѝ се посветам на Јоана 100% и не само со физичко присуство, но и ментално да бидам потполно присутна за неа, радувајќи ѝ се во секој момент, благодарна што ја имам, без оглед на нејзината здравствена состојба. Така можев да се восхитувам на тоа која е таа, силна и храбра душа која минува низ ова животно искуство низ своја сопствена перспектива, патување и лекции.
Штом го читате овој текст претпоставувам дека и вие сте на некакво патување на личен раст и развој. Тоа значи дека можеби сте прочитале некоја од книгите кои ги спомнувам или видеа, а можеби сте започнале некаков вид утринска рутина и слично.
Ако и ова е ДА, тоа значи дека сте ја преминале почетничката фаза. Она што следи после оваа фаза се многу прашања и збунетост.
Ќе ви помогнам да дојдете до одговор на некои од нив. И самата минав низ оваа фаза и еве што научив.
Постојат чести грешки кои повеќето од нас ги прават на почетокот на личен раст и развој:
Прво, споредување со други луѓе.
Кога ќе започнете да навлегувате во личен развој, нов мајндсет, промена на некорисни навики итн, забележувате дека многу луѓе всушност околу вас веќе го прават тоа. Тоа е природно да се случи затоа што ви се менува свесноста. Како кога ќе купите кола и околу вас забележувате многу исти коли со иста боја и модел како вашата.
Потоа многу е природно да започнете да се споредувате себе со прогресот на другите околу вас. Одеднаш мислите дека сите околу “правилно“ медитираат и се поорганизирани од вас и можат да бидат позитивни цел ден. Од друга страна, вие сте изнервирани заради нешто уште во 10 сабајле.
На почетокот на моето патување наидов на оваа аналогија: Купуваш куќа каде никој не живеел десетина години и градината е запуштена. Соседот до тебе живее тука за тоа време и неговата градина е прекрасна. Грешката тука би била да сте нервозни и фрустрирани зошто вашата градина не изгледа како таа на соседот. Тој живеел тука, водел грижа и ова е неговиот резултат.
Правилно би било да се фокусирате на ВАШАТА градина, сработете ја работата, искорнете ги сувите растенија, посадете нови и негувајте ја секој ден. За неколку месеци вашата градина ќе биде исто така прекрасна.
Забелешка: Вашата градина нема да се промени ниту за нијанса ако сте постојано фокусирани на туѓите градини, и сте тажни и огорчени поради тоа.
Втора грешка е сфаќање на концептот за лична одговорност пребуквално. Мислење дека треба да креирате сѐ само логички и со вашите мисли и интензивни визуелизации, без прво да запрете и да се смирите длабоко во себе.
Само секунда – кога прв пат ќе слушнете дека Ние ги креираме нашите животи по принципите на Законот за привлечност (Law of attraction), многу често ова го сфаќаме површно. Постојат луѓе кои успешно манифестираат и тврдат дека постигнуваат неверојатни работи и живеат прекрасни животи. Но, за да се случи ова тие отишле малку подлабоко од само мисла и повеќе ја имаат истражено оваа филозофија.
Визуелизации, афирмации, медитации, позитивен став, сетирање на вашата намера – сето ова може да ве донесе до убавина и манифестации во вашиот живот. Но, постојат две работи кои треба да ги направите: прво, дефинирање и препознавање на нештата кои се во и надвор од ваша контрола. И второ, мора прво длабоко внатрешно да се смирите, па потоа да преземете акција.
Целиот овој текст зборува за грешките што јас ги направив на почетокот и истово го гледам кај секој клиент.
Мислев, ако редовно правам медитации, визуелизации, афирмации и сето тоа, можам да ја излечам Јоана. Ова е природно, но доаѓа од погрешна перспектива. Да направиш некого да биде здрав е потполно надвор од наша контрола. Можеш оздравувањето да го имаш како желба и тоа да те задржи свесен за сите медицински и не-медицински начини со кои можеш да му помогнеш на твоето дете. Но, не можеш да очекуваш тоа да го направиш како проект, како твое нешто, па ако не успее да почнеш себеси да се обвинуваш.
Едно нешто кое е во наша контрола е нашата реакција во секоја ситуација. Што бирате да направите кога ќе се случи тоа и тоа? Ова е секако тема за цел еден посебен текст.
Трета грешка, страв од тоа да се почувствуваат и изразат негативни емоции.
Јас бев една од овие луѓе. Во првите месеци од учење нови однесувања, позитивност и свесност, почнав да се чувствувам лошо што не успевам да останам позитивна кога ми се случува ужасен ден. И се плашев дека така креирам повеќе негативни настани во мојот живот. Ама, што да се прави кога денот едноставно е катастрофа? Кога Јоана плаче со саати или има напад, или кога сме во болница со недели или се случуваат други работи што се едноставно премногу – како тогаш да се справи човек со негативните емоции?
Мојата тактика беше да се присилам да ги потиснам негативните емоции и да се обидам да се чувствувам повторно добро. Го гледате зборот „присилам“?
Како што навлегував подлабоко со учење и читање на оваа тема, научив дека треба да го правам спротивното. Не да се присилувам, туку да пуштам нештата да бидат како што се.
Ако сум во негативни емоции – треба да ги изразам. Да плачам ако ми треба тоа или да бидам лута (на здрав начин, не да фрлам и кршам или да се степам со некој), или едноставно да бидам тажна. Личен раст и развој и развиена свесност не е за да немате повеќе никаков проблем во животот. Или никогаш повеќе да не почувствувате негативна емоција.
Туку е за да се биде човечко суштество, како што и сме, со сите негативни и позитивни емоции во нас. Исто така, и за учење техники како од негативни емоции да се вратиме повторно во баланс.
Четврта грешка, желба да ги вклучите сите околу вас во личен раст и развој.
Ова значи наговарање на секој блиску до вас дека утринска рутина е супер работа и треба и тие да почнат. Исто така, ставање книги и видеа под нос на луѓе кои очигледно немаат интерес да го научат она што сте го научиле вие. И корегирање на секој нивен збор, потсетувајќи ги дека тоа не е позитивно што го зборуваат и би требале поинаку.
Ова го прават почетниците. Знам зошто го правите тоа. Заради возбудата. Затоа што сега се чувствувате одлично и сакате секој околу вас да го има истото, мајка ви, сестра ви, брат ви, партнерот, пријателите. Освен што сакате и тие да се чувствуваат добро, полесно би ви било ако вашите најблиски луѓе прифатат нови навики затоа што така полесно вие ќе останете позитивни за подолго време.
Како што поминувате низ оваа фаза, ќе научите дека не можете да направите другите да го живеат животот по ваши мерила. Ако им наметнувате, нема да ви биде добро чувството, баш напротив. Тоа ќе предизвика кавги и конфронтации.
Но, кога ќе го свртите фокусот од нив кон себе, кон вашите акции, избори и вашите одлуки, тогаш почнувате да бидете пример. Другите може да ви се придружат на патувањето, а можеби и нема. Но, вашата среќа и убава внатрешна емоција немаат никаква врска со тоа што некој друг одбира за себе во животот.
Петта грешка, задржување на лоши навики.
Да се вратиме уште еднаш на градината. Ако градината е полна со ѓубре, сува трева и слично, нели би било подобро наместо садење на ново семе, прво целата да ја исчистите?
Со ова мислам: нема да добиете многу корист со прифаќање подобри навики како медитација или визуелизација и јасност на целите, ако го задржите старото однесување и навики кои не ви користат.
Ако сакате резултати, треба да ги замените негативните навики со однесувања кои ќе ви служат.
Имате ли нешто да додадете? Сте се сретнале си со друг тип на грешки на почетокот на личен раст и развој?
Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.