Родителство

Лично: Пет омилени придобивки од личниот развој

Везилка Магазин

 

Личниот развој може да донесе несомнено голем број придобивки. Забележав огромни промени во мојот живот и личност откако сум на ова патување.

Верувам дека личниот развој може да ве спаси во секој предизвик. Станувањето посебен родител и учењето како да се справам со овој голем животен предизвик беше тригерот кој ме донесе на овој пат на себеоткривање.

Ова се моите пет омилени бенефити од тоа:

 

Научив да живеам во моментот

 

Порано не ни бев свесна колку сум била оптеретена од минатото или дека бев анксиозна и загрижена за иднината. Наместо да бидам во моментот, присутна и да уживам во разговорот со личноста пред мене, или во прошетките со Јоана, јас бев во мислите во мојот ум.

Размислував за минати работи, што сум можела да направам поинаку, како ова или она можело да испадне подобро, како сум можела да избегнам некои грешки… Или ќе бев презагрижена за иднината. Постојат вештини и методи кои ги научив за останување присутна, свесна и како да живеам во моментот.

Има една многу важна работа: нема шанси да се чувствувате анксиозни, тажни или очајни ако сте потполно фокусирани на овој момент, сега.

 

Станав свесна за себе и сфатив дека постои барем едно нешто што можам да го направам во секоја ситуација.

 

Вложив време и ја истражував својата личност низ многу различни задачи за да научам која сум јас вистински. Кои се моите вредности? Кои се моите сегашни гледишта и што можам да направам за да ги променам ако повеќе не ми служат? Ова не се работи што туку така може да ни избијат на површина на свеста. Ова може да се постигне само ако вложите труд и малку време за намерно да го направите тоа.

Нашите вредности, приоритети и зошто правиме некои од одлуките се нешта кои ни го движат целото наше однесување. Во зависност од нашето однесување, ги добиваме резултатите кои ги имаме.

Многу е важно да видам каде сум сега по сите овие прашања, за да видам јасно каде сакам да стигнам.

 

Менаџирање на времето

 

Со тоа што научив повеќе за менаџирање на времето сфатив дека не се работи за тоа дали имаме или немаме време. Времето е нешто што можеме да го создадеме.

Претходно автоматски одговарав: Немам време за ова, она… Тоа се однесуваше на секој предлог упатен до мене што малку отскокнувал од мојата нормална рутина.

Не верувам повеќе во концептот „Немам време.“ Денес верувам во поставување приоритети, креирање јасни цели и вршење на работите во правилен распоред. Ако не го научев овој концепт, ќе пропуштев многу добри прилики во последните три години.

Сега знам дека мојот 24 часовен ден е организиран на начин на кој што извлекувам максимум од секој час:

-да бидам продуктивна колку што можам

-да се забавувам колку што можам

-да постигнам да направам сѐ што ми е важно да направам

Сето ова значително ми го редуцираше стресот затоа што научив да не го трошам времето, туку да го инвестирам.

 

Научив дека прво јас, па Универзумот

 

Нема такво нешто како „Ќе ми даде Законот на привлечност“ и сѐ што треба е да посакаме, визуализираме и да седиме удобно таму каде што сме. Не се случува така.

Секој пат кога всушност забележав дека добивам помош од Универзумот и се редат работите така што доаѓале мали и големи чуда во мојот живот, секој пат претходно јас прво нешто сум направила.

Сум морала да излезам надвор од комфор зоната, сум го направила тој непријатен телефонски разговор, сум аплицирала за нешто, сум истражила, сум расчистила со тоа која ми е точно намерата за нешто, сум направила некој метод за да бидам смирена, сум поставила цели, сум побарала помош.

Секој пат имало нешто што прво јас сум го направила, а потоа помошта од некаде се појавувала.

Ова за мене беше огромно сознание. Сум имала порано периоди во животот кога сум имала тенденција да бидам многу пасивна и во улога на жртва. Бев реактивна (не проактивна) и само ги посматрав моите животни околности без да преземам акција.

Секогаш би имала изговор зошто нешто не правам, а знам дека сум требала. Користев милион изговори, но не повеќе.

Преземав одговорност за мојот живот, избори, акции и одлуки.

 

Учење кои не престанува

 

Секое ново разбирање ме носи до следната книга, следната работилница и следното ниво. Во личен развој не постои крајна дестинација. Тоа е постојано патување. Секогаш има нешто што може дополнително да се научи и разбере.

Колку повеќе учам и разбирам за мојот живот – работите само стануваат подобри и подобри. На пример, ако научите како да се справите со недостатокот од дисциплина, тоа може да ве доведе до големи достигнувања.

Техники и методи од личен развој се нешто што го работам со сите клиенти. Мојот личен пример ми докажал дека ова носи многу убави работи. Личниот развој има огромен удел во надминувањето на било кој предизвик.

Пробајте некои активности од овој текст и ќе видите како ќе станете посвесни за својот потенцијал, можности, предности и самосвест преку учење за себе.

Ве поканувам да закажете бесплатна сесија со мене за да подискутираме за нешто на што би сакале да работите во вашиот живот.

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин