Едно од негативните чувства со кои се соочуваат посебните родители е вината. Некогаш сме свесни за тоа, а некогаш доаѓа во потисната форма, како анксиозност која не можеме да си ја објасниме или фрустрација.
Еве ги петте најчести причини зошто посебните родители чувствуваат вина и зошто треба да престанат да се чувствуваат така.
Дали се’ направив како што треба во бременоста?
По првичниот шок дека нашето дете ќе живее со ментален и/или физички предизвик, почнуваме во нашите умови да се сеќаваме и на најмалите детали од тоа како поминуваа деновите во бременоста. Лично јас го правев тоа и толку силно се трудев да се сетам дали можеби јас направив нешто што директно доведе до тоа, што можев да се сетам на скоро секој ден од тие девет месеци.
Природна реакција е најпрво да мислите дека е ваша вина. Можеби има нешто во нашите програми што вели дека имаме одговорност се’ да направиме супер. Ако нештата не се совршени, тоа е некако наша вина.
Но се’ додека се предаваме на ова чувство на вина, само трошиме скапоцена енергија. Не е ваша вина. Освен ако не сте направиле нешто намерно за да му наштетите на бебето (што сигурно не е случај), тогаш не е ваша вина.
Во мојот случај на крај одлучив да не истражувам зошто ова се случи, туку да одам со малку верба, и да знам дека ми е дадена можност да го живеам животот од оваа перспектива. Ако го оддалечам фокусот од овие негативни и истоштувачки мисли, можам да видам многу убавина во ова.
Кога дознав дека моето дете се соочува со предизвици, дали реагирав доволно рано?
Ова е многу често. И можам да кажам дека и ова беше една од моите мисли. Ова прашање постојано виси над нас, особено ако детето постигнува многу малку прогрес.
Секогаш се појавуваат прашања од типот:
Можеби требаше да отидеме на таа терапија или да даваме подолго од тие витамини или малку повеќе да се информиравме за можност за операција…
Не постои начин да дознаеме со 100% сигурност дека ако уште таа и таа работа е направена дека резултатите би биле различни. Но работата е – да не се чувствувате виновни, затоа што сигурна сум дека одигравте најдобро што можевте со информациите и можностите кои ви беа достапни.
И да не забораваме на родителската интуиција која секогаш не’ води околу одлуките кои ги носиме за детето. Сигурна сум дека имавте многу идеи за тоа каде да го однесете детето и како да се справувате низ годините. Без разлика дали тоа ги даде посакуваните резултати или не, сепак направивте се’ што можевте.
Ова се однесува и на тоа дали доволно брзо изреагиравте откако дознавте и на тоа дали ги преземате сите потребни чекори до денес. Конечно, не е наша работа како родители да ги поправиме нашите деца, туку да ги сакаме и поддржуваме и да ги цениме такви какви што се.
Дали поминувам доволно време со детето?
Ова е широко распространета причина за чувство на вина. Можеби двата родители работат со полно работно време. Или имате и други деца за кои треба да се грижите. Или мора да завршите некоја обврска и да бидете отсутни од дома со часови. Имаме тенденција да веруваме дека мораме да бидеме покрај нашите деца постојано затоа што само ние знаеме како да реагираме во специфична ситуација.
Тоа е сосема точно. Никој, освен нас, не знае како да ги смири нашите расплакани деца или да одреагира брзо и адекватно во одредена ситуација. Ама тоа не е причина за стрес ако некогаш треба да бидеме одвоени од нашите деца. Имаме во нашите животи и други одговорности. А и добро е за детето да е одвоено одреден дел од денот. Се’ додека е добро згрижено, нема потреба од чувство на вина.
Дали пребрзо ја прифативме состојбата на детето и сега сме пасивни во пронаоѓање на решение?
Дури и ако родителите успеат да ја прифатат состојбата на нивното дете, сега постои вина дека се препасивни. Прво, сакам да кажам дека не е баш од помош, ниту корисно за детето, ако константно го носите во различни болници, доктори, премногу терапии итн.
И второ, повторно ве потсетувам дека вашата интуиција е доволна. Треба да се релаксирате во сознанието дека ете, сте ја прифатиле состојбата на детето и сега фокусирајте се на тоа како да го поминувате заедно времето на најдобар можен начин. Ако има нешто повеќе што може да се направи – ќе го знаете тоа.
Вина да се биде среќен и да се проба да се најде радост во животот
Можете ли да си ги замислите децата како стојат пред вас и ви велат: “Мамо, тато, ве молам бидете тажни поради мене и страдајте“? Не, тие не го сакаат тоа. И вие нема да бидете ништо повеќе одговорни ако цело време сте под стрес, тажни и исфрустрирани.
Ова е една од причините зошто родителите се воздржуваат од личен раст и развој. Ајде да кажеме дека вие не треба да се чувствувате среќно и радосно никогаш повеќе, заради состојбата на вашето дете. И? Што ќе ви донесе тоа вам, на вашето дете и на семејството? Дали е тоа доказ дека, штом сте доволно загрижени, вие сте одговорен родител? Нема потреба да се чувствувате виновно ако сакате да бидете како секое друго човечко суштество и уживате во убавината на животот.
Испланирајте си го времето, видете каде стоите. Погледнете што ви се приоритетите и направете времето за себе да ви биде приоритет исто така. Мораме да си ги наполниме батериите, или нема да можеме да продолжиме да даваме.
Набљудувајте си го детето и забележете колку е радосно и среќно. Тие ни покажуваат дека тоа е нашата природна состојба. Затоа без разлика на тешкотиите во нашиот живот, после некое време се враќаме кон оптимизам, надеж, а потоа среќа и радост. Нема потреба од чувство на вина.
Во нашата човечка природа ни е да сакаме да се чувствуваме добро.
Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа е мајка на 6 годишната Јоана која има ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината web-страница https://mayastoychevski.com/. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.