ЛичноРодителство

Лично: Пет причини зошто поставувањето на цели е важно

Везилка Магазин

Познавам луѓе кои се плашат од поставување цели.

Секако дека ги имаат – секој има кон што да се движи. Сепак, не многу луѓе си поставуваат цели, велејќи дека е преголем притисокот и стресот да се туркаат на овој начин.

Нивниот аргумент е: Знам каде одам. Нема потреба да губам време и да ги запишувам.

Работата е во тоа што сите што ги познавам кои го имаат овој став всушност не постигнуваат никакви резултати во животот. Тие од ден на ден ги повторуваат истите шеми во однесувањето без да го чувствуваат задоволството од постигнувањата.

Целите што не се напишани на хартија се само желби и сонови.

Разберете дека поставувањето цели не е поврзано само со постигнување успех. Поставувањето цели е и за воведување ред во вашиот живот. Се работи за тоа да се има план и да се намали анксиозноста. Ќе намалите толку многу од вашите предизвици ако ви стане јасно што е тоа што сакате.

Тоа покажува како сите велат дека сè што сакаат е да бидат среќни, но кога ќе ги прашам: „Што ќе те направи среќен/а? Што сакаш?” – владее тишина. Многу луѓе не можат да вербализираат и да опишат што е она што го сакаат.

Ако не знаете што сакате, тоа никогаш не можете да го имате.

Ќе објаснам преку примери зошто е важно поставувањето на вашите цели:

 

Поставувањето цели ви дава насока.

 

Неправењето ништо за работите што сакате да ги постигнете нема да ве однесе никаде. Исто така, работа 15 часа на ден дома и на работа нема да ве одведе никаде подалеку од исцрпеност. Поставувањето цели ќе ви даде насока. Не можете да направите ништо во еден ден (ако сакате да го одржите вашиот сегашен начин на живот). Исто така, не можете да се справите со 50 цели истовремено.

Ворен Бафет во едно видео рече: Им велам на моите менаџери да направат список од 20 цели важни за нив. Потоа ги прашувам кои пет од тие цели се приоритетни? Потоа им велам да ги отпишат останатите 15.

Поентата е дека не треба само да правите, правите, правите и во професионалниот и во личниот живот. Ви треба насока.

 

Ве држи фокусирани.

 

Ние, како луѓе, имаме тенденција да одолговлекуваме. Ние сме биолошки обврзани да се движиме кон лесното. Кога ќе одлучам да вежбам и да ја намалам храната, мојот мозок ми смислува изговор: Уморен си, толку се трудеше, треба да се одмориш, да го земеш тој сладолед – си го заслужил. Одмори се, можеш да вежбаш утре.

Ова е мојот мозок и вашиот мозок, исто така.

Кога ги имам своите цели пред мене, гледам дека малите секојдневни чекори ќе ме одведат до посакуваните резултати.

 

Одложувањето е потрошено време, а времето е ограничен ресурс.

 

Целите ви помагаат да знаете дали напредувате.

 

Има огромна вредност да знаете дали одите напред или не. Можеби ова е една од главните причини зошто луѓето одбиваат да си поставуваат цели. Сакаат да се заштитат од чувството на неуспех.

Може да биде обесхрабрувачки да сакате нешто и да се движите во таа насока и да не го постигнете до моментот кога сакате. Но, би било уште пообесхрабрувачки да се оди напред без јасна цел. Дури и ако правите многу – ќе се чувствувате како да не е многу затоа што – како ќе знаете кога ќе сте таму?

На пример, ги поставив моите цели за оваа година и ги поделив на месечни цели. Не успеав да постигнам половина од моите цели во февруари.

Во дефиницијата за поставување цели и добивање резултати, не успеав. Беше болно – нема да лажам. Но, преземањето одговорност за сопствениот живот не е само обвинување и самокритика. Се работи за согледување каде се слабостите и нивно подобрување. Како можам да знам што да подобрам во март ако го игнорирам она што се случи во февруари?

 

Целите ќе ве мотивираат.

 

Некои денови се одлични, а други се само ниска енергија. Луѓето кои имаат цели се многу помотивирани да ги прават акциите околу тие цели.

Еве како поставувањето цели ме одржува мотивиран. Со запишување или читање на моите цели, се потсетувам на моите желби. Се потсетувам што сакам, како претпочитам да се чувствувам, што сакам да имам.

Мислам на местата што ќе ги посетам, луѓето кои ќе ги сретнам, нештата што ќе им ги дадам на другите, работите што ќе ми пристигнат во мојот живот, итн.

Не би можела да ја задржам мојата мотивација без јасните цели што ги поставив за себе.

 

Целите го прават животот поинтересен.

 

Мислам дека беше Кети Хелер која рече: Спротивно на депресијата не е среќата. Наспроти депресијата е чувството на имање цел.

Кога имате цел и се движите кон неа, се чувствувате посреќни, исполнети, самоуверени и способни. Ќе се надевате и ќе очекувате одлични резултати.

Поставувањето цели е вештина што можете да ја научите. Не постои еден начин да се направи тоа. Можете да ги испитате начините на поставување цели и да го изберете вистинскиот начин за вас. За ова ќе пишувам во еден од моите следни текстови.

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин