Личен и бизнис развојЛично

Лично: Подготовка за разговор (интервју) за работа –  втор дел

Везилка Магазин

 

Минатата недела започнавме со подготовката за разговор за работа и главен акцент беше на прашањето – кажете нешто за себе. Се надевам дека детално го разработивме за да одговорите концизно, но доволно јасно и со доза на самодоверба.

Денеска ќе се осврнеме на следното прашање, исто така поврзано со нашата слика за нас и сликата која сакаме другите да ја имаат за нас.

Кои се вашите силни, а кои слаби страни?

Ајде да ве видам. Дали некогаш вие самите сте размислувале на оваа тема и колку сте се задлабочиле, особено на слабите страни, за да ги откриете, признаете и подобрите.

Најпрво да се позанимаваме со тоа  “Која е вашата најголема сила?”. Може да изгледа како едно од полесните прашања што ќе ви бидат поставени. Но, за многу кандидати може да биде незгодно – тие се или премногу скромни во нивниот одговор или не успеваат да ги нагласат силните страни.

Главната причина зошто ви е поставено ова прашање е да се види дали вашите способности се усогласени со потребите на компанијата и одговорностите на самото работно место. Вашиот одговор ќе му помогне на работодавецот да одлучи дали си најсилен кандидат за оваа позиција или не.

Тоа значи дека ако аплицирате за сметководствена работа, не е корисно да ја потенцирате вашата сила во организацијата на настани.

Секогаш нагласете ги атрибутите кои ќе ве квалификуваат за конкретната работа и ќе ве одделат од другите кандидати. Исто така, од клучно значење е да му покажете на работодавецот дека имате квалитети кои тој ги бара. Важно е да знаете дека има две категории на способности. Едни, што сите работодавци ги бараат кај кандидатите што ги вработуваат и други, кои ќе бидат специфични за работата и за компанијата.

Како треба да одговорите на прашања во врска со вашите силни страни? Најдобар начин да одговорите е да ги опишете вештините и искуството што ги имате, а што се во директна корелирација со работата за која аплицирате. Бидете подготвени да одговорите така што ќе ја искористите листата на квалификации која е спомната во самата објава за отвореното работно место. Тоа се ситни трикови кои секогаш „палат“.

Потоа, направете листа на вашите вештини коишто се совпаѓаат со наведените.

Оваа листа може да вклучува образование или обука, меки вештини, тешки вештини или искуства од минатото. Кога ги набројувате вештините после секоја кажете некој пример за тоа како сте ја користеле во минатото.

Потрудете се секогаш да употребувате моќни зборови што ќе ви помогнат да оставите добар впечаток.

На пример:

  • Имам исклучително силна работна етика. Кога работам на некој проект, не сакам само да ги исполнам роковите. Наместо тоа, претпочитам да го завршам проектот многу пред предвиденото. Минатата година дури и заработив бонус за комплетирање на моите три најнови извештаи една недела пред време.
  • Јас сум квалификуван продавач со над десетгодишно искуство. Ги надминував моите продажни цели секој квартал и добивав бонуси секоја година.
  • Горд сум на мојата способност за надминување на одредени ситуации при давање на услуги на клиенти. Имено, со пет години работно искуство како соработник за давање услуги на клиентите, научив ефикасно да ги разбирам и решавам проблемите на клиентите. Имам силни комуникациски вештини, кои ми помагаат да работам добро со клиенти, со членови на тимот и претпоставени. Јас сум познат/а по тоа што сум ефикасен член на тимот со талент за одржување на презентации.

Добро би било да објасните како вашата најјака страна ви помогнала да одговорите на вашите работни задачи на минатото работно место.

Следниот пат ќе ви помогнам да ги презентирате вашите слаби страни како не толку јаки, но како дел од вас кој секогаш може да биде подобрен ако е мотивиран и ако во новата компанија се почувствувате поттикнати, да станете подобра верзија од онаа која сте во моментот.

 

 

Тања Брковска е тренер за животни и бизнис вештини и им помага на сите кои имаат желба да го живеат животот по своја мерка со тоа што ќе ги откријат, обликуваат и остварат своите желби и соништа. Работи преку онлајн тренинзи еден на еден или во групи.
За сите наши Македонци секаде низ светот на македонски, бидејќи можеме да зборуваме и да размислуваме на било кој јазик, но чувствуваме само на мајчиниот.
Живее и работи во Скопјe.
Контакт: tanjabrkovska@gmail.com 
Везилка Магазин