Личен и бизнис развојЛично

Лично: Подготовка за разговор (интервју) за работа – четврти дел

Везилка Магазин

Стасавме до последното продолжение во обработката на темата за разговор за работа.

Без разлика дали ќе се вратиме на старото нормално и повторно ќе се вратиме на конкурирање за работа на стариот воспоставен начин или ќе конкурираме онлајн, разговорот ќе мора да се спроведе. Тоа подразбира разговор за работа во присуство на неколку претставници од компанијата, каде ќе треба да ја покажете вашата вистинска слика, за да бидете токму тој кандидат кој ѝ е потребен на таа компанија. За таа цел продолжуваме со текстови кои ги посветувам токму на тоа, како треба да се подготвите т.е. да размислите за одговорите на најчесто поставуваните прашања.

Мало потсетување: ќе ве замолам да го слушате соговорникот, да не размислувате за вашиот одговор, туку убаво да го слушнете прашањето и втора, многу важна работа, е да зборувате, јасно, доволно гласно и разбирливо.

Во овој серијал ги обработуваме прашањата кои се лични и се однесуваат на нас како личности, бидејќи сепак работиме во делот на личен раст и развој и откривање на нашите потенцијали.

Да преминеме на следното можно прашање при разговорот за работа а тоа е: Зошто токму Вас би ве вработиле?

Иако никогаш не можете да знаете какви квалитети поседуваат другите кандидати, Вие секогаш треба да се трудите да звучите убедливо и смирено. Доколку имате претходно работно искуство, зборувајте за тоа како таа позиција ви помогнала да стекнете дополнителни квалитети. Во спротивно, потенцирајте дека сте спремни за учење и способни за справување со секакви ситуации.

Бидете подготвени да знаете зошто токму Вас треба да ве ангажираат. Не треба да бидете скромни. Секако, тоа не значи дека треба да бидете полни со себе и егоистични, но секако не треба да се потценувате, туку напротив да умеете да се фалите.

Обидете се вашиот одговор да биде прецизен, фокусиран и полн со самодоверба, да изгледа како да вршите „продажба“ на самите себе. Обидете се да му кажете што точно можете да му понудите на работодавачот и зошто токму Вие треба да ја добиете работата. Пример: „Поседувам искуство и супериорни вештини за комуницирање кои ќе се покажат како предност за вашата компанија, (наведете неколку примери).“

Треба да го убедите потенцијалниот работодавач дека нема друг посоодветен кандидат од Вас. Ако имате работно искуство, посочете ги како силни страни, способностите и искуството кои сте ги придобиле на претходната работа.

 

Доколку ова ви е прва потенцијана работа, посочете дека сте млад/а кандидат/ка кој/а може да донесе нови, свежи идеи и кој/а има енергија да се справи со секакви ситуации и работа под стрес.

Останете фокусирани на вашето минато – зошто тоа ве прави идеален кандидат и кажете им како ќе придонесете за компанијата. Кажете дека една од вашите цели е да ја олесните нивната работа со земање што повеќе одговорности и дека сте возбудени за работата уште од првиот ден.

Во овој дел од разговорот може да добиете потпрашање бидејќи работодавачите сакаат да откријат и Зошто сакаш да ја напуштиш моменталната работа? Ова прашање може многу да ви наштети, ако решите без двоумење да го критикувате тековниот работодавач. Ако ви го постават ова прашање, морате полека да се насочите од моменталната позиција кон иднината, посебно ако не си заминувате најсреќни.

Секогаш трудете се да дадете позитивен одговор. Многу подобро е да оставите впечаток дека сте многу повеќе мотивирани од новата можност, отколку дека се трудите да избегате од лошите услови. И да не заборавиме уште еднаш, избегнувајте по секоја цена да кажете нешто негативно за тековниот работодавач, колегите или работното место, бидејќи ниту еден работодавач не сака да ангажира некој кој утре може да зборува негативно и за неговата компанија.

Пример: „Повеќе нема простор за раст кај сегашниот работодавач и подготвен/а сум за нови предизвици.“

Од сегашноста, работодавачите сакаат да преминат на иднината па често го поставуваат и следново прашање: „Кои се твоите цели за иднината?“

Ова прашање е дизајнирано сѐ со цел да открие дали ќе се задржите малку подолго на потенцијалното работно место или ќе избегате при првата подобра можност, повисока плата или подобри услови. Фокусирајте се на работното место кое целите да го добиете и на компанијата. Потенцирајте дека токму компанијата каде ве интервјуираат е во согласност со вашите долгорочни цели.

И не заборавајте, искреноста и отворената комуникација сепак се највредни, какво и да е прашањето, одговорете го од срце, бидете тоа што сте бидејќи создавањето на погрешна слика може многу бргу да биде откриена. Бидете природни и умерени.

 

 

Тања Брковска е тренер за животни и бизнис вештини и им помага на сите кои имаат желба да го живеат животот по своја мерка со тоа што ќе ги откријат, обликуваат и остварат своите желби и соништа. Работи преку онлајн тренинзи еден на еден или во групи.
За сите наши Македонци секаде низ светот на македонски, бидејќи можеме да зборуваме и да размислуваме на било кој јазик, но чувствуваме само на мајчиниот.
Живее и работи во Скопјe. Контакт: tanjabrkovska@gmail.com 
Везилка Магазин