Личен и бизнис развојЛично

Лично: Подготовка за разговор (интервју) за работа

Везилка Магазин

 

Полека, се надевам и сигурно, се стабилизира состојбата со пандемијата, а враќањето во нормала ќе значи и повторно конкурирање за работа на стариот воспоставен начин – разговор за работа во присуство на неколку претставници од компанијата, каде ќе треба да ја покажете вашата вистинска слика за да бидете токму тој кандидат кој и е потребен на таа компанија.

За таа цел, денеска и следните неколку текста ќе ги посветам токму на тоа како треба да се подготвите т.е. да размислите за одговорите на најчесто поставуваните прашања.

Но, пред да започнеме со прашањата, ќе ве замолам да го слушате соговорникот, да не размислувате за вашиот одговор, туку убаво да го слушнете прашањето и втората, многу важна работа, е да зборувате јасно, доволно гласно и разбирливо.

Па да почнеме.

Најчесто, првото прашање е Кажете нешто за себе.

Ова прашање работодавецот го поставува прво сметајќи дека е наједноставно и со него сака малку да ве опушти. Но, ова прашање може да е замка за вас ако претходно не сте размислиле што е она што сакате да го кажете за себе, кои се клучните карактеристики кои ќе ви ја донесат работата и која своја карактерна особина треба да ја потенцирате за да се претставите во најдобро светло.

Внимавајте да не отидете во крајност, ако сте скромни и кажете една до две работи, ќе се запрашаат зошто сте толку затворени и каква ќе биде комуникацијата со вас во текот на процесот на работа со тимот. Од друга страна, ако се расприкажете и набројувањето на добрите особини почне да наликува на фалење дека од вас подобар не постои, одите во друга крајност на самобендисаност којашто, исто така, не е најдобар начин за представување.

Во процесот на подготовка за интервју напишете ги сите ваши недостатоци кои сте си ги увиделе на претходното работно место. Потрудете се да ја најдете причината зошто така сте се однесувале и ако не можете сами, побарајте помош за нивно надминување. Така ќе ја намалите или отстраните можноста да ја направите истата грешка како во претходната компанија, а со тоа и напредувањето во новата.

На пример, ако во претходната не сте знаеле да кажете НЕ и лека полека сите обврски преминувале на ваш грб, тоа значи дека, ако тоа се случи еднаш на новото работно место, вие веднаш ќе го поистоветите со претходното и ќе го изгубите мотивот за напредок во новата. Доколку не поработите на промена на таа особина и ја однесете и на новото работно место, историјата ќе се повтори.

Интересно за соговорникот би било да споделите некои од вашите лични интереси кои не се директно врзани со вашата кариера. На пример, ако кажете дека имате хоби планинарење, оставате впечаток на личност која е физички спремна и активна, сака природа, екологист, отворена за комуникација и спремна да помогне ако е тоа потребно. Задолжително споменете ако било кога сте се занимавале со волонтерска работа, тоа покажува една стабилна страна на вашиот карактер.

Во овој дел од разговорот спомнувате една до две работи, не се задржувате предолго и потоа преминувате на професионалниот дел. Во него ќе наброите 4-5 особини кои се носечки во вашиот карактер, потребни за тоа работно место, на пример одговорен, организиран, исполнителен, тимски играч…никогаш во вашето претставување не зборувајте за вашето семејство, а уште помалку за политика. Фокусирајте се на најголемите достигнувања на вашите претходни позиции, како и на начините на кои искуството што го имате ќе придонесе за целокупното функционирање на компанијата.

Она што најмногу може да ви помогне во претставувањето кои сте вие е искреноста и отвореноста. Тоа лесно се препознава и се цени.

Па со среќа во себеспознавањето, првиот чекор за добро претставување.

 

Тања Брковска е тренер за животни и бизнис вештини и им помага на сите кои имаат желба да го живеат животот по своја мерка со тоа што ќе ги откријат, обликуваат и остварат своите желби и соништа. Работи преку онлајн тренинзи еден на еден или во групи.
За сите наши Македонци секаде низ светот на македонски, бидејќи можеме да зборуваме и да размислуваме на било кој јазик, но чувствуваме само на мајчиниот.
Живее и работи во Скопјe.
Контакт: tanjabrkovska@gmail.com 
Везилка Магазин