Повеќето посебни родители имаат страв дека ќе ги изгубат пријателите. Тргнуваат од претпоставката дека никој не сака да биде околу посебни деца. Во првите моменти после дијагнозата, мислат дека луѓето ќе престанат да ги посетуваат, или дека нема повеќе да има покани за кафе или вечери.
Овој разговор сум го водела со многу посебни родители. Вашето дете нема да ги оттурне луѓето. Можно е многу луѓе да исчезнат од вашите животи. Но тоа само значи дека требало некој мал тригер за да заврши нешто што секако не било вистинско.
Ако зборуваме искрено, навистина повеќето луѓе кои немаат посебни потреби во семејството не знаат како да реагираат и што да ви кажат. Вашата ситуација е шок не само за вас, туку и за фамилијата и пријателите исто така.
Еве кажете, пред да добиете посебно дете дали и со вас не беше исто така? Затоа, пред да се препуштите на негативни мисли и страв од одбивање, прво дајте им шанса на работите да слегнат. На крајот на денот, вашите пријатели ќе продолжат да ви бидат пријатели, ако и вие сте добар пријател.
Што вас ви значи пријателството? Која е вашата дефиниција за пријателство?
За мене, тоа е искрена конекција и меѓусебна доверба, поддршка, ценење, почит, сочувство и восхит со луѓе со кои делиме слични вредности, гледишта и смисла за хумор. Моите пријатели се првите луѓе на кои сакам да им се јавам кога ќе се случи нешто прекрасно и возбудливо, зошто знам дека тие ќе ме кренат уште повеќе. И тоа се луѓето кои сакам да ми се јават мене за да ми кажат некоја своја идеја или возбудливи вести и јас ќе ги поддржам нив со голема радост.
Тоа се исто така и луѓе на кои им се јавувам кога ќе се случи криза, и тие се тука само да ме исслушаат или да ме потсетат на сите пречки кои успеав да ги надминам до сега. И знаат дека можат да ми се јават кога нив ќе им треба сочувство или некој совет од моја перспектива. Откако ќе ја формирате вашата дефиниција за пријателство, помислете на луѓето кои ве опкружуваат. Бидете искрени: дали се тоа луѓе кои ги поседуваат квалитетите од вашата дефиниција?
Ако одговорот е ДА, можам 100% да ви гарантирам, а не ве знам вас ни вашите пријатели, дека тие нема да ве напуштат поради вашето посебно дете ниту било кој друг предизвик во вашиот живот.
Да претпоставиме дека луѓето кои ги нарекувате ваши пријатели НЕ влегуваат во дефиницијата за пријателство. Во тој случај, тој однос секако ќе заврши со тек на време.
Луѓето кои исчезнале откако добивте посебно дете секако не ви биле пријатели. Можеби и порано бевте свесни за ова, но продолжувавте некој тип комуникација и врска по навика. Но, сега е време за соочување со реалноста и искреност со себе.
Нели мислите дека е подобро да немате воопшто комуникација отколку да форсирате врски со луѓе кои не ви се по мерка? Далеку е подобро да имате двајца вистински пријатели отколку десет луѓе со кои ви е напорно да се дружите. Прифатете квалитет, а не количина.
Гледано реално – ништо не сте изгубиле. Ова е само светло на една реална ситуација. Можете да го сметате за благослов кој ви дал јасност за тоа кои луѓе вас ви се значајни. Следното нешто кое би било корисно е да преземете одговорност за вашиот дел во приказната. Дали сте вие пријател опишан во вашата дефиниција?
Ако сте, тогаш не ви ни треба овој текст. Ако сте и вие добар пријател значи сте привлекле луѓе слични на вас околу себе. Но, ако почнавте да губите пријатели кои ви се допаѓале, со сигурност и вие имате удел во тоа. Ако не сакате натаму да се движат работите, дознајте каде е проблемот и работете на тоа.
Секое нешто може да биде разгледано и решено. Дури и ако е големо недоразбирање. Луѓето прават грешки и кажуваат погрешни работи, но исто така учат, растат и работат на тоа да станат подобра личност.
Нема нешто што со искрен разговор не може да се реши. Ако сакаме подобрување на нашите животи, секогаш треба да се анализираме себе си, како дејствуваме, мислиме и реагираме. Тоа е единственото нешто кое можеме да го контролираме. И тоа е единственото нешто кое може да ни донесе мир.
А што другите прават и какви се нивните вредности, тоа е нивна работа.
Дали се сметате за добар пријател? Ако сакате да добиете искрена поддршка од вашите пријатели, никогаш не се фокусирајте на тоа што тие ви даваат вам. Фокусирајте се на тоа што вие им давате.
Како да бидете добар пријател?
Сослушајте ги пријателите кога имаат проблем и поддржете ги.
Не се однесувајте како вашата мака да е најголема на светот, а сѐ што им се случува на другите е ситница. Ова можеби е една од најголемите причини зошто другите ќе сакаат да ве избегнуваат. Ако тие не смеат да се пожалат за ништо во ваше присуство, тогаш нема да има баланс во вашата врска. Ова доста го имам гледано во комуникација меѓу луѓето.
Постои аналогија за ова: кога некој е болен од неизлечива болест и животот му а во опасност, а некој друг скршил рака.
Иако скршената рака е далеку помал проблем од неизлечива болест, сепак ѝ треба нега. Ако вашите пријатели ви кажуваат за нивните проблеми, бидете нивна поддршка. Можеби тој проблем вас ќе ви изгледа како малечок во споредба со предизвиците на вашето дете. Но тоа не значи дека “малите“ проблеми на останатите луѓе се безначајни. Ова не е натпревар во кој победува оној кој страда најмногу.
Не претпоставувајте дека сите околу вас секогаш мора да го следат вашиот распоред.
Јас разбирам дека рутините и времето за нив се многу важни за нашите посебни деца. Јадење, спиење, терапии, прошетки – сѐ мора да биде по распоред. Ако не, може да се поремети спиењето и да дојде до голем стрес. Но, кога треба да се видите со пријатели, оставете простор за барем малку флексибилност. Сигурна сум дека тие се свесни за важноста на вашите рутини.
Но, не претпоставувајте дека вие секогаш треба да одлучите за времето и локацијата каде да се најдете. Покажете им почит со тоа што некогаш ќе им допуштите ти да изберат место и време. Ако тие секогаш мора да се адаптираат на вашиот распоред, тогаш барем кажувајте им одвреме-навреме колку ја цените нивната флексибилност.
Бидете среќни за нивните успеси.
Баш е забавно да ги гледате вашите пријатели како напредуваат, добиваат унапредувања, стапуваат во брак, стануваат родители или започнуваат свој бизнис. Кога ќе ви кажат дека нешто добро им се случува во животот, бидете среќни за нив. Кажете им дека го заслужуваат тоа и дека сте горди на нив.
И не брзајте да го насочите разговорот кон вас и што се случува со вашето дете. Ова е нивен момент и тие сакаат да го поделат со вас.
Понудете се и вие за помош ако можете.
Никогаш не знаете ако некој е во мака или очајно му треба помош за нешто. Можеби вас многу малку време ќе ве чини за некому да му ја направите најголемата услуга на светот. Ако сте искусиле како е да имаш голема потреба, а некој да се понуди за помош, знаете дека тоа е најголем подарок кој можете да го добиете во тој момент. Истото можете да го направите вие за друг. И сигурно истото ќе ви се врати кога на вас ќе ви треба нешто. И така и така, се’ што даваме и добиваме е енергија. Она што го даваш, тоа ти се враќа.
Одговорете си го ова: Кога последен пат помисливте на своите пријатели и како им посакувате сѐ да им оди во животот? Кога последен пат им се јавивте и ги прашавте за нив и што им се случува? Кога последен пат се понудивте нешто да направите за нив? И кога последен пат им кажавте дека сте многу благодарни за нивното пријателство и поддршка која ви ја даваат во вашето посебно родителство?
Ако ги правите овие работи барем повремено, невозможно е да ги изгубите пријателите.
И вие, како и сите други, го заслужувате најдоброто.
Јас верувам во вашиот капацитет да го извлечете најдоброто од вашата сегашна ситуација. Многу сте поминале до сега и знам дека сте многу посилни од претходно и продолжувате да сте силни од ден во ден, зголемувајќи го сочувството и разбирањето и за другите луѓе.
Секогаш кога нешто (некој) не ви се допаѓа, погледнете длабоко во себе. Тука лежат сите одговори.
Во неделните маилови кои ги испраќам до членовите на мојата веб-страна, често вметнувам и совети за квалитетни односи со други луѓе. Пријавете се на листата преку овој линк за нови содржини секоја недела.
Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа е мајка на 6 годишната Јоана која има ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.