ЛичноРодителство

Лично: Посебно родителство и како да се носите со негативните емоции

Везилка Магазин

 

Посебните родители често мислат дека се чувствуваат лошо и  фрустрирано заради состојбата во која се наоѓа детето. Но, секој кој е посеветен на личен раст и развој знае: само навидум нашите негативни емоции се заради предизвиците на детето.

Тие откриваат дека носат многу нерешени работи, неизлечени (внатрешни) рани и чувство на безвредност длабоко во себе. Сѐ започнува од нас. Прво треба да го излечиме сето тоа. Тоа ќе ве доведе до живеење на среќен и исполнет живот, без оглед на околностите во кои се наоѓате.

Дали сакате да знаете на што сте во врска со ова? Пробајте да откриете од каде доаѓаат вашите фрустрации.

Чисто од забава, направете си го разговоров сами со себе. Правиме значи мала проверка за тоа како навистина се чувствувате:

 

Мислењето на другите луѓе

Дали сте тажни само заради состојбата на вашето дете, или можеби се плашите што ќе мислат другите? Дали се плашите од осуда? Дали сте загрижени дека луѓето ќе мислат дека сте катастрофа, неспособни, неуспешни, губитници?

(Кога ќе го одговарате ова, ве молам, не се осудувајте. Поентата на оваа проверка не е самокритикување. Поентата е да стекнете јасност. Така ќе знаете што да промените на подобро.)

 

Вашиот вистински животен повик

Дали е можно вашата фрустрација да доаѓа од неисполнетост на работно место? Можеби работите нешто што не го сакате. Можеби имате талент како на пример торти, плетење, готвење, танцување, фотографија итн. но се плашите да ги употребите. Дали самите се саботирате со мислите „подобро да си останам каде што сум, побезбедно е,“ или „не е возможно да успеам во земјата во која живеам“?

Треба подлабоко да копате каде лежи вашата фрустрација. Ако ви е мизерно на работа, ќе бидете несреќни и со здраво дете, и со посебно дете, а и без дете. На работното место поминуваме добар дел од денот. Погледнете добро како се чувствувате одговарајќи ги овие прашања и преземете акција. Направете го првиот чекор кон остварување на вашите соништа. На тој пат ќе има и пречки и замки на егото како: „Не сум доволно добра.“ Ако беше најпросто и најлесно на свет – секој би го направил ова. Но, не е невозможно.

Од искуство ќе ви кажам дека како посебен родител сте во голема предност. Вие имате вештини што луѓето кои го немаат вашиот предизвик ги немаат. Сигурно сте свесни за ова. Толку организации, адаптирања, компромиси и изуми направивте до сега грижејќи се за вашето дете. Сето тоа можете да го префлите како вештина за секоја животна област.

Ако сакате, слободно можете да ми се јавите и ќе ви раскажам над 100на примери од жени и мажи кои лично ги запознав на бројните обуки, луѓе најобични како мене и вас, кои не верувале нешто посебно во себе и се задоволиле во еден период со било каква работа, само колку да ги покрива сметките, но во еден момент се осмелиле, започнале малку по малку да ја следат својата страст и за година или две почнале да живеат една друга приказна. И не зборувам за Америка. Тоа се луѓе кои живеат во балканските земји.

Најдете го и следете го вашиот вистински животен повик.

 

Партнерски односи

Како би ја опишале вашата врска? Дали имате предизвици во партнерството? Ако признаеме дека не постои нешто како совршени маж/жена, можеме да се сложиме дека и не постојат совршени врски. Но, ако вие и вашиот патнер поминувате низ кризи и кавги цело време, големи се шансите дека се чувствувате лошо и исфрустрирано. Можете да го најдете текстот 8 Принципи за здрава врска со вашиот партнер – посебно родителство и врски. Во тој текст објаснувам како хармонијата во врската влијае на благосостојбата на нашите деца.

 

Пријателства

Дали имате проблематични пријателства? Дали се сметате за добар пријател? Дали од пријателите го добивате она што го сакате? И на оваа тема имам текст, Посебното родителство и пријателства. Прво дефинирајте што е за вас пријателство, а потоа отстранете ги сите оние кои не се вклопуваат во таа дефиниција. Не се плашете дека ќе останете сами. Дури и ако биде така, ќе најдете нови луѓе за социјализација. Подобро е двајца вистински пријатели, отколку 15 луѓе околу вас кои ве провоцираат и осудуваат постојано.

Можеби мислите дека ова е последно нешто за што се секирате во моментов, но ако одржувате лоши врски од било каков вид, тоа создава стрес и незадоволство. Затоа фер е и оваа категорија да ја разгледате за дали е една од работите што ве држи несреќни.

 

Организација и продуктивност

Да, посебните родители се зафатени цело време и понекогаш си помислувам дека за нас треба да постои исклучок и нашиот ден треба да трае 35 часа за да се постигне сѐ. Сепак, ако погледнете на вашиот ден и активностите од дистанца, дали би рекле дека постои некаков план тука? Од срце ви препорачувам правење план и листа на обврски за секој ден. Организација и план ги олеснуваат работите. Она што е итно завршете го најпрво, а потоа фокусирајте се на остатокот. Организирање на денот има многу бенефити:

– редуцира стрес

– ви дава чувство на контрола

– убаво ви е на крајот на денот кога ќе си ја погледнете листата штиклирана

– остава простор на планирање време за себе.

Јас правам таква листа и плус листа на желби. На таа со желбите ставам филмови што би ги изгледала, книга, видео, разговор со драга особа, организирање фотографии… Сите овие нешта не се итни за денес и прво доаѓаат приоритетите. Но, може да се случи да добијам изненадно 1 саат слободен, како на пример се откажал некој состанок или преместена е некоја терапија, можеби ќе порачаме пица денес наместо готвење.

Пред да почнам да ја правам листата на желби не го користев слободното време на работи кои ме исполнуваат. Обично времето леташе на социјални мрежи или YouTube. Едноставно во тој момент не ми текнуваше дека сакам да ја почнам таа книга веќе некое време. Сега ако добијам екстра време во текот на денот, го уживам правејќи нешто од таа листа со желби. Би се изненадиле колку работи можат да се постигнат со ваков план.

Немање план и организација прави цело време да трчате од една работа на друга. На крај сте истоштени, фрустрирани и без чувство на исполнетост. Како стоите по ова прашање?

Ако сте задоволни на сите овие животни полиња, нема цело време да бидете во негативни емоции поради состојбата на вашето дете. Ако искрено си одговорите на овие прашања ќе дознаете од каде точно доаѓа вашата фрустрација. Ова е важно за да пронајдете мир. Но уште поважно, така ќе го тргнете емотивниот товар од вашето дете – дека само тоа е причина за вашите негативни емоции.

Време е да признаете дека велите дека сте тажни поради детето, кога реално треба да поработите на некој од овие животни аспекти. Бидете проактивни, а не реактивни. Кога работите ќе се влошат многу потешко ќе ви биде да се избалансирате.

Можеби добиваме посебни деца за да видиме дека имаме моќ да ги земеме нашите животи во наши раце. Да превземеме одговорност. Оваа животна ситуација во која сте сега е моментот да видите каде стоите и какви животни вредности негувате?

Вие треба да го направите првиот чекор кон подобрување на вашата личност и да не чекате светот да стане пољубезен со вас, пријателите да ве поддржуваат повеќе, партнерот да си ги смени навиките, родителите да престанат да ве критикуваат, државата да донесе подобри закони. Ништо од ова нема да се случи утре. Она што со гаранција е сигурно дека вие можете да се промените. Вие можете да работите на вашите ограничени уверувања. И можете да ги контролирате границите кои ги поставувате во вашиот живот.

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин