Сигурна сум дека веќе ги знаете наведените точки во овој текст и свесни сте дека сте исклучителни заради патот кој го поминувате. Вие правите многу за вашите деца и семејства, но и сигурна сум дека често сте презафатени, преоптеретени и имате голем товар на грб и го заборавате ова.
Забораваме една едноставна и основна важна работа: да забавиме малку. Затоа што сме презафатени.
Епа ајде да ви помогнам малку да забавите и слушнете го ова. Дали знаете кои сте вие навистина?
- Вие сте неверојатно храбри. Затоа и сите други луѓе кои немаат предизвик како вашиот ви се восхитуваат.
- Само со тоа што дишете, одите, минувате низ денот, вие веќе инспирирате други. Вие сте посебен родител на дете со посебни потреби, и сте доказ за тоа колку може човек да направи за друго човечко битие од љубов (како на пример нештата што ги правите за вашите деца секој ден).
- Ова искуство ве направи отпорни и посилни.
- Во моментов можеби на ова гледате како на трагедија, нефер и тешкотија. Но со време, ќе научите дека поради тоа што веќе поминавте низ ова – можете да надминете сѐ останато.
- Ова не е ваша вина. Престанете да го враќате филмот на сѐ што се случи во бременоста, дали почнавте терапии на време, дали сега правите доволно третмани и дали сте ги пронашле сите можни решенија кои постојат. Вие не го предизвикавте ова!
- Како и да се чувствувате во моментов, можете да го преобразите животот. Можете да станете посреќни, радосни и да сте во контрола. Можете да станете најдобрата верзија на себе – само обратете внимание на вашите секојдневни избори.
- Ова е можност за раст и големи промени. Нема да излезете од ова искуство исти. Нема шанси. Ова ќе ве промени и тоа многу. Сами можете да изберете дали ќе се промените кон подобро. Гледајте каде ве носи животот. Дозволете си да развиете поинакви перспективи, учења и идеи. Тоа ќе ви ги промени мислите, а со тоа ќе се променат вашите акции. Не знаете што носи утрешниот ден. Можеби ќе бидете пријатно изненадени.
- Не сте сами. Постојат многу посебни родители ширум светот. Можеби нема да најдете друга фамилија со баш истите симптоми и состојба како на вашето дете, но можете да најдете одлични пријатели меѓу останатите посебни родители.
- Вие заслужувате грижа за себе и “мое време“, и да се разгалите од време на време. Не само што заслужувате, туку и ви треба. Ставете го под точка МОРА.
- Ако верувате во себе вистински и искрено, ќе станете незапирливи.
- Да се биде посебен родител е тешко. Ова е правата вистина. Понекогаш е како возење на луда железница или трчање на маратон.
- Вие сте многу повеќе од посебни родители. Заслужувате да знаете дека вас не ве дефинира тоа што сте родител на дете со здравствени тешкотии. И читањето, слушањето и знаењето дека вашето дете има посебни потреби не е навреда. Не е ни вистинска етикета. Тоа е само опис на одредена ситуација која што моментално е ваша реалност.
- На некое (повисоко) ниво вие сте го избрале вашето дете и тоа ве избрало вас. Постои причина и поголема цел позади вашиот предизвик, дури и ако сега не можете да го видите тоа.
- Без оглед колку станува тешко, без оглед каква криза се случува и колку време трае – секоја криза завршува. Нема да биде вака засекогаш.
- Нашите чувства ја креираат нашата реалност. Гледајте што ве лути, кои луѓе ве влечат назад како сидро, и заменете ги со искрени, отворени и луѓе со добри намери. Верувајте ми, полесно е отколку што изгледа и е многу возможно.
- Најважното прашање кое може да се прашате е: Дали сакам да сум креатор на мојот живот или сакам да им се допаднам на сите? Првото, е најдобрата работа која можете да си ја дозволите, а второто е просто невозможно.
- Секоја промена кон подобро започнува со прифаќање на сѐ како што е. Со ова, вие не велите „Не ми треба подобро“ туку велите “Се помирувам со тоа како стојат работите затоа што направив најдобро што можев. И сум спремна сега за повеќе и за подобро.“ За такво прифаќање зборуваме.
- Секој го оди својот пат. Вие го немате најголемиот предизвик и најтешкиот живот. А и на крајот на денот, не се работи за натпревар. Така што, споредување, осуда, критикување на други луѓе е бесмислено и само за џабе потрошена енергија.
- Благодарноста може да направи чуда во вашиот живот. Не верувајте на ништо – тестирајте сѐ. Почнете денес и запишувајте по три реченици на благодарност секоја вечер во текот на 30 дена и видете што ќе се случи.
- Ако ширите сочувство и разбирање, тоа ќе добиете назад.
- Добивате повеќе од една шанса. Каде и да сте, какви и избори и одлуки да сте донеле до сега, можете денес одново да почнете – ако не ви се допаѓа како сте правеле до сега.
Вие не сте совршени, и тоа е во ред.
Ако сакате да излезете од негативата, поставете различни рутини за секој следен ден. Вежбајте, променете ја исхраната и читајте колку може повеќе.
Разговарајте, прашувајте ги луѓето околу вас кои успеале во ова и ќе видите дека можете и вие.
Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.