За денес планирав да пишувам за практични примери за организирање на времето и како да се биде добар во менаџирање на време.
Тоа би било продолжеток на минатиот текст Што е менаџирање на време?
Но нешто друго ме инспирираше денеска и сакам да ви дадам практичен пример за грижа за себе.
Минатата година се запознав со Шантел. Таа живее во Англија и е мајка на четири прекрасни деца. Едното од нив е посебно детенце. Шантел води свој бизнис и патиштата ни се пресретнаа.
Слично како мене и таа работи со посебни родители и нивните деца. Работи одлично со родителите и им помага да се справат со сите фази на посебното родителство.
Пред пет месеци изгубив контакт со неа. Не можев никаде да ја најдам и ѝ пратив неколку пораки. Немаше одговор.
Ми се јави пред две недели и ми кажа дека профилите ѝ биле хакирани и ги изгубила сите контакти и пораки. Конечно таа ситуација се средила, па видела дека сум ѝ пишала.
Утрово разговаравме и уживав додека надоместивме со разговор што е ново во нашите животи.
Ѝ кажав за мојот програм и групите Kickstart to be in control of your live, Кафе со Маја, за работата со клиентите и за семинарот на Абрахам Хикс во Амстердам на кој бев пред две недели.
А таа ми раскажа за себе, за нејзиниот бизнис, за децата и што е ново, а јас цело време размислував: Браво, таа изгледа толку балансирана, задоволна, смирена и среќна.
Навистина уживав да слушам за нејзиниот прогрес и експанзија во секој поглед. Мислам, почит за неа.
Да се биде мајка на посебно дете е тешко. А таа има плус уште три други прекрасни дечиња. Сите четири се мали и одат во школо. Шантел успешно си го организира животот помеѓу обезбедување на сѐ што му треба на нејзиното семејство и развивање на сопствен бизнис. И во исто време видливо е со голо око колку е среќна, смирена и балансирана.
Ѝ го кажав сето ова и ја пофалив. Ѝ реков дека таа е најсмирената и балансирана личност која ја сретнав во изминативе седум дена.
Знаете што ми одговори?
Ми рече: Маја, тоа е заради грижата за себе (self-care). Навистина се грижам за себе и моите потреби како што треба и затоа го гледаш на мене она што го гледаш.
Бум – право во центар.
Се разбира дека е заради грижата за себе. Се согласувам дека тоа е причината за нејзините неверојатни резултати.
Ова го знам и од лично искуство.
Ја усовршив вештината на правилна грижа за себе и ја практикувам веќе четири години. Водев одлична грижа за себе дури и кога Јоана беше со нас.
Тоа беа тешки, стресни и хаотични времиња кога имав полни раце работа околу грижата за Јоана 24/7.
Без грижа за себе не би била каде што сум сега.
И ова е вистина и за Шантел исто така. Помеѓу четири деца, нејзиниот прекрасен партнер, бизнисот и многу други работи, таа одвојува време дневно за да направи нешто за себе. Одвојува време намерно и со цел да се балансира себеси за да им го даде потоа најдоброто од себе на сите околу неа.
Ова е нешто што се учи. И вие можете да научите како да бидете доволно мудри да знаете кога да застанете, да забавте малку и да се завртите кон себе си.
Затоа што има толку многу жени на светот кои што имаат помалку од четири деца, кои не се носат со проблемот посебни потреби, немаат сопствен бизнис, а се дупло повеќе под стрес и преоптеретеност од Шантел.
Сум прашала повеќе од 500 жени низ мојава работа – кога ќе видам колку се под стрес и преоптеретени и уморни: Што правиш околу грижа за себе?
И најчесто одговорот е: Ништо. Немам време за грижа за себе. Не можам да најдам време за тоа.
И знаете што исто така приметувам? Ова го кажуваат со некое чувство на гордост. Слушам призвук на гордеење што не си дозволуваат себе си да се погрижат за своите потреби.
Со гордост велат: Јас немам ниту десет минути за себе.
Што ќе се случи за десетина години? Предизвиците ќе растат и ќе настапат уште повеќе здравствени предизвици, но и ментални и емоционални предизвици.
Не треба да бидете горди дека сте толку зафатени давајќи сѐ од себе на вашето семејство и работа на сметка на земање малку време за себе.
Грижата за себе не е себичност.
Грижата за себе е нешто што е потребно.
Дали го полните телефонот секој ден? Да.
А како ги полните вашите батерии?
Денес го пишувам ова за да ви кажам за една жена која се вика Шантел (нејзиниот Инстаграм) и живее во Англија. Има четири прекрасни деца и се носи со посебни потреби на едното од нив, има партнер и успешен бизнис. Се справува со семејство, школи, клиенти – и го мислам тоа кога кажувам дека прави многу. Во исто време таа е балансирана, не е изморена, смирена е, со чист ум, јасна визија, ги следи своите цели и кога ќе ја прашаш “Добро, како?“ само се насменува и вели: Епа, тоа е заради грижата за себе.
Оваа грижа за себе не мора да биде нешто што одзема многу време. Не дека треба сѐ да баталите и да ве нема по 10 саати дневно. Зборуваме тука за еден саат во денот. Или неколку саати неделно.
Затоа и ја креирав Кафе со Маја групата. Кафето е најмалку битно во приказната. Тоа е група каде што жени поддржуваат жени и добиваат можност за еден час грижа за себе. Еднаш месечно добиваат можност да дојдат на Зум на еден час грижа за себе кадешто едноставно ќе можат да се сместат удобно и релаксираат уживајќи во темата која сум ја подготвила за нив.
Ова е еден час месечно, а многу жени ми пишуваат дека многу сакаат да присуствуваат, но не можат да најдат време. Повторувам, еден час – месечно.
Возможно е да научите како да си ги организирате деновите и вашиот живот и да креирате простор за грижа за себе.
Во следниот текст ќе зборувам како ова да го постигнете.
Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.