Да ѝ/му простам ??? Дали ти знаеш што ми направи??? Дали ти би простила некому да се однесува така кон тебе??? Најчестата реакција на моите клиенти кога го поминуваме процесот на простување. Да, ве разбирам дека во вас има бес, лутина, дека се чувствувате повредени од таквото однесување и дека во вас почнува да се создава емоција на повредена, изиграна, злоупотребена доверба, се раѓа омраза и потреба за одмазда.
Сето тоа го разбирам и е многу човечно и здраво да се реагира, но прашањето е како да се реагира. Зошто би вратиле со иста мера? Зошто од вас би извадиле емоција која за вас не е примарна туку е предизвикана од нечие однесување?
Простувањето се случува во моменти кога стануваме свесни дека минатото не може да се менува и во исто време се освестуваме дека не можеме да веруваме во подобро минато.
Што и да ни се случило, факт е дека не може да се смени. Дали се работи за напад, навреда, исмејување пред други луѓе… веќе припаѓа на минатото, не може да се промени. Доколку изреагираме на идентичен начин, која е нашата добивка?
Секогаш кога сакате да вратите некому со иста мера помислете, какво добро тоа ќе ни донесе?
Бидејќи зошто би правеле нешто, кажале, направиле, изреагирале ако сето тоа за нас не би донело никакво добро. И не само за нас, за никој друг.
Да се разбереме, не велам дека треба да простите во истиот миг кога се случил настанот, туку вашате реакција да не биде импулсивна. Исто така не велам да простувате постојано на некоја личност која во континуитет ве повредува. Секако дека во таков случај ќе треба да го промените вашето однесување т.е. да го кажете својот став во однос на тоа, ако се повтори. Зборувам за тоа што се случува во вас, со вашите емоции и промените кои треба да ги направите кај себе за со простувањето да ја избришете дамката и болката која ве пече во градите.
Знам дека е тешко да простиш некому, но ако бесот и лутината ги негуваш во себе е исто како да пиеш отров, а чекаш тој другиот да умре.
Имам клиенти кои паметат навреда од некого и по 20 години… Немаат одговор на прашањето дали мислат дека и тој кој ги навредил сè уште се сеќава на тој настан. Верувајте дека олеснувањето на вашата душа доаѓа само кога искрено и засекогаш ќе простите.
Истото се однесува и на нешто што не можете да си простите самите на себе. Е ова е уште поинтересно, со години да се обвинуваш себеси дека ако не си го направел тоа и тоа така, сега сè би било поинаку. А во меѓувреме покрај тебе поминал цел еден живот… Запрашај се само колку радост и колку насмевки и ведрина се заробени во тој бес, сите тие години.
Колку би бил поинаков секој ден ако истиот го завршиме со простување на себе и на сите околу нас. Ако тоа ни стане дневен ритуал, нема да имаме во себе ниту бес ниту омраза. Најинтересно е тоа што ако имаме ваков став нештата околу нас ќе се променат, ако знаеме да им објасниме на блиските, пријателите и роднините дека тоа што ни го кажале или направиле нè прави несреќни, тажни или повредени наместо веднаш со иста мера да враќаме или само да молчиме и да чекаме другиот сам да осознае дека згрешил, многу нешта ќе бидат сосема поинакви.
Не верувајте во подобро минато бидејќи тоа не може да се промени. Верувајте дека сте го направиле најдоброто што сте можеле и знаеле во тој одреден миг и престанете да се обвинувате… е да ми е овој памет сега… НЕ, простете си, тогаш во тој миг сте имале причина зошто сте го направиле тоа на таков начин.
Простувањето е одлика на зрелост и спремност за прифаќање, алатка која може во голема мера да го промени нашиот живот.