Личен и бизнис развојЛично

Лично: „Самодоверба“

Везилка Магазин

 

Ех , пуста самодоверба…

Многу често самите согледуваме дека во одредени ситуации немаме самодоверба или ни треба малку поголема доза од неа.

Во минатиот текст зборував за нашата неодлучност за изборот, односно наједноставното повлекување од можноста ние да направиме избор за себе, а тоа е одлуката да се задоволиме со што било.

Затоа и денеска најпрво ќе поразговараме за тоа што за нас значи поимот „самодоверба“?

Што вие подразбирате дека се крие зад звучниот термин – самодоверба?

По учебниците може да се најде дефиниција – чувство на сигурност што произлегува од свесноста за сопствените способности и квалитети.

Во моите анализи секогаш се трудам да не останам на последицата, туку да ја најдам причината. Така ќе се обидам и овој пат да изанализирам која е тука улогата на свесноста и дали и таа е заматена од околностите, дефинициите и уверувањата кои ги носиме длабоко во себе.

Коренот на самодовербата е во самопочитта. Колку вие се почитувате себеси, колку се сакате, колку сте високо поставени во однос на приоритетите во вашиот живот.

Секогаш кога ќе се убедите себеси дека не сте доволно добри за да направи некоја работа, без сомневање тоа ќе биде така. Спротивно на тоа, ако верувате дека ќе успеете, целиот универзум ќе се сплоти за да успеете. Кога поставувате некоја цел, обидете се да бидете објективни и накачете уште две скалила за тоа да биде реален успех при постигнување на целта.

Двоумењето во своите способности може да ве натера да поставите многу ниски цели кои сигурно ќе ги постигнете, но ќе изостане задоволството.

Затоа на почетокот кажав дека сакам да ја изанализираме дефиницијата. Сега доаѓаме до едно сознание дека самодовербата не е одраз на нашите способности, туку на нашиот став за нас самите. Да не ме разберете погрешно. Да се има самодоверба не значи дека никогаш нема да бидете нервозни, вознемирени или несигурни. Анксиозноста и несигурноста се природни човекови чувства и секој еден барем еднаш во животот ќе ги почувствува.

Самодовербата варира во зависност од тоа што правите и со што се соочувате, колку години имате, какви се вашите искуства, какви се вашите тековни околности, како сте расположени. Сепак, многу поверојатно е да се соочите само со повремени опаѓања на самодовербата, ако имате позитивна слика за себе, ако сте позитивни и ако верувате дека сте способни да се справите со понекогаш тешките предизвици што стојат на патот на вашите цели.

Со самодовербата ја мерите вашата способност да ги надминете предизвиците и да постигнете успех. Поради оваа причина, недостатокот на самодоверба може сериозно да ве оневозможи и да ви остави впечаток дека не сте дораснати за нешто (запомнете дека никој не се чувствува самоуверено сето време). Привремените состојби на стрес, вознемиреност или недоверба  во никој случај не треба да се сметаат за ваша слабост, туку прифатете ги како минлива состојба, а излезот од неа зависи само од вашата лична одлука и став.

Што предизвикува недостаток на самодоверба? Недостатокот на самодоверба може да биде привремен, поврзан со одредени специфични ситуации, но исто така може да стане трајно присутен во животот и да влијае на сите важни сегменти. И покрај тоа што понекогаш може да се чувствувате несигурни за одреден настан или ситуација низ која минувате, сепак можете да изберете позитивен став и перспектива за себе и за околностите како целина. Дали чашата е половина полна или половина празна зависи само од вас.

За мене најприфатлива дефиниција е следната: самодовербата не е моќ секогаш да имаме контрола над ситуацијата или над околностите, туку верување дека што и да се случи ќе знаеме што да правиме и како да изреагираме.

Повторно доаѓаме до фактот дека треба да ги отфрлиме очекувањата и грижите и да живееме сега и овде. Со ваква свесност ќе одговориме на секој предизвик.

Следниот пат ќе проговориме за сите крадци на нашето време, а со тоа и на нашето квалитетно живеење.

 

 

Тања Брковска е тренер за животни и бизнис вештини и им помага на сите кои имаат желба да го живеат животот по своја мерка со тоа што ќе ги откријат, обликуваат и остварат своите желби и соништа. Работи преку онлајн тренинзи еден на еден или во групи.
За сите наши Македонци секаде низ светот на македонски, бидејќи можеме да зборуваме и да размислуваме на било кој јазик, но чувствуваме само на мајчиниот.
Живее и работи во Скопјe.
Контакт: tanjabrkovska@gmail.com 
Везилка Магазин