Значи, веќе се случило. Вие сте посебен родител и сега тоа е вашата реалност. Ова е прилично тешка ситуација.
Мислејќи на ова, ми доаѓа на памет дека многу посебни родители се наоѓаат во “тешка за справување“ позиција. Јас бев една од тие. Не знаев што ме удрило ниту како да најдам радост во животот, со оглед на фактот дека моето дете е “расипано“ и сега заедно страдаме.
Но некои родители успеваат да излезат од улогата на жртва. Тие напредуваат и комплетно ги трансформираат своите животи. Сега припаѓам на оваа група.
Сега знам дека понекогаш многу е потребно да се најдеш во тешка ситуација за да научиш како да живееш подобро. Затоа што зборовите не нѐ учат, туку искуството.
Некои од најисклучителните луѓе на денешницата (од кои учам многу): Анита Морџани, Џо Диспенза, Вејн Даер, Опра, Лаура М. Зајлер, Кети Хелер, Нил Доналд Волш, Др. Шефали, Бајрон Кејти и многу други, некогаш го имаат допрено дното. Сите тие доживеале нешто трауматично и болно. Скоро секој од овие има напишано книга каде раскажуваат кој е тој момент, тој настан, тоа искуство кое ги повредило и им предизвикало страдање.
Но, таа иста работа се претворила во инстинкт да си ги променат комплетно своите животи кон подобро. Сите до еден кажуваат како нивното најголемо страдање се претворило во нивен најголем благослов.
Сега ве прашувам вас: можете ли да се поврзете со ова? Дали го препознавате овој болен момент како повик за будење? Кои промени ги воведовте во вашиот живот до сега? Дали вистински верувате дека сте вредни за подобар живот?
Вие веќе сте тука кај што сте. Овој ваш предизвик не е безначаен. Можеби не сте ни приметиле, ама нешто мора да се променило во начинот на размислување и како сега ги поставувате приоритетите. Ајде направете листа и набројте, само за да видите што се променило и има ли нешто на кое би сакале да поработите.
Можеби е време за конечно да се стремите кон работата од вашите соништа. Или да поработите на врската со вашиот партнер, фамилија или пријатели. Дали и понатаму зависите од мислењето што другите луѓе го имаат за вас?
Марта Бек (Martha Beck) ова интересно го објаснува во нејзината книга „Барајќи ја вашата ѕвезда Северница“ (Finding your north star). Таа вели дека повеќето од луѓето имаат недостаток на самодоверба да направат поголеми промени во нивните животи. Се плашат да кажат дека сакаат да започнат свој бизнис и да отворат пекарница или да признаат дека сакаат да заработуваат повеќе и станат богати. Тие толку се плашат да завршат врска која е токсична или да станат модел на +50 години заради „а што ќе кажат сите?“ Марта работи една вежба со нејзините клиенти, а тоа е тие да направат листа за кои се тие „сите“ ? Онака, запишано со име, кои се точно луѓето за кои ние веќе сме одлучиле дека ќе нѐ осудат?
Резултат? – повеќето од клиентите можат да набројат само двајца – тројца максимум. Тоа се тие „сите“ заради кои се воздржуваме да направиме многу работи кои лежат во нас како инспирација.
Анализирајте дали изборите кои ги донесувате се под влијание на други и дали стравот од што другите ќе помислат ве задржува да не постигнете нешто што сакате.
Многупати кажав до сега дека бев несреќна и тажна на почетокот на нашето посебно патување и не знаев како да го прифатам. Тоа траеше скоро четири години. Претпоставувам во еден момент ми беше веќе доста и решив да послушам некои од советите и да се обидам намерно да креирам што ми се случува и свесно да го живеам мојот живот. Тоа е одлука која неверојатно се исплатеше затоа што денес сум многу среќна и благодарна и разбирам дека состојбата на Јоана не смее да биде мој изговор да се чувствувам мизерно. Многу научив на нашиот пат.
Ќе ги набројам сите промени кои ги внесов во мојот живот и работите кои ги научив:
Преселување во друга земја (научив дека имам сила и способност да го направам тоа)
Кога Јоана имаше една година се преселивме од Македонија во Германија. Не беше лесно, но многу вредеше. Започнавме нов живот и добивме сѐ што сакавме за Јоана, и повеќе. Го научивме јазикот кој на почетокот ни звучеше толку многу далечно и непознато. Гледајќи наназад, кога селењето во Германија беше само идеја, па до денес, можам да видам колку сум станала флексибилна, организирана и решителна.
Исто така го отворив умот и станав спремна да разгледам нови идеи и различни опции. Наоѓајќи се во мултикултурно општество како што е Западна Германија (нема од каде нема луѓе – од цел свет), ми помогна да станам посочувствителна и со поголемо разбирање кон другите. Па така, ова беа едни од првите промени откако Јоана се роди. Многу поучно искуство.
Разбирање дека страдањето е опционално
Некаде прочитав дека болката е неизбежна, но страдањето е избор. На вас е да изберете дали ќе мислите дека ова е трагедија и дека готово е со вашиот живот и „зошто јас?“.
И исто така е избор, наместо тоа да мислите: „Имам верба. Ова е можност за мене да научам што е безусловна љубов. Ова е можност да видам која сум јас вистински и за што сѐ сум способна. И ова дефинитивно е совршена можност да видам што е најзначајното нешто што можам да го направам во оваа ситуација.“
Можете да мислите како е вашето дете тажно и се чувствува казнето за своите ограничувања, но исто така можете да видите и колку е среќно вашето дете и колку малку бара. Само љубов, поддршка и топлина.
Јас ве разбирам ако страдате заради менталните и физичките предизвици на вашето дете. Природно е да бидете потресени на почетокот, а и понатаму. Само велам дека постои начин да се излезе од чувството на вина, тага, лутина, фрустрација и да се живее среќен живот. Клучот за тоа се личен развој и целосна искреност сами пред себе. Ова го научив од мој личен пример.
Ако се борите да го прифатите фактот дека вашето дете е посебно, или поминувате низ друга борба во животот, ви ја препорачувам книгата „Man´s search for meaning“ од Виктор Франкл (не е преведена на македонски ама сигурно ја има на српски и хрватски. Оригинално е напишана на германски и е наречена Trozdem ja zum leben sagen – што буквално значи: Сепак „да“ да му кажете на животот).
Каква приказна имал тој човек… Најдете ја, прочитајте ја и никогаш повеќе нема да гледате на работите со исти очи.
Одговорност
Не зборувам за одговорност на време да ги плаќате сметките, да возите внимателно, да се грижите за себе и околината и да не правите криминал. Зборувам за тоа да станете одговорни за изборите кои ги донесувате и дали живеете среќен живот заради тие избори.
Јас станав поодговорна и свесна дека во секоја ситуација имам избор. И сѐ она што сум денеска е збир на изборите кои сум ги носела. И истото се однесува и на вас: вие сте денес таму каде што сте како збир на сите избори кои сте ги донесувале. Ова е многу тешко да се проголта за многу луѓе, дека тие се кројачи на својата судбина. Се чини попривлечно да се користат изговори и да се мисли дека сме беспомошни и ништо не може да се преземе тука каде што сме.
Или велат: „Ми беа врзани рацете и не можев ништо да направам околу тоа.“ Тоа е драматичен начин да се објасни и оправда зошто нешто правиме или не правиме. Се разбира, постојат ситуации во кои чувството е како да ни се врзани рацете и нема излез. Но вистината е дека во 99% од случаите реагираме по навика. Луѓето кои се посветени на личен развој знаат дека секогаш постои друг начин да се направи нешто, да се каже нешто, да се дејствува и да се постигне нешто. Секогаш.
Затоа постојат луѓе кои ги обвинуваат своите родители, земјата, политичарите, сопружниците, своите деца и Бог за сите проблеми кои ги имаат. Сите околу нив нешто им згрешиле, освен нив (кај нив нема грешка).
Откако станав посебен родител научив да преземам сопствена одговорност и да го дадам најдоброто од себе во секоја прилика, дури и во моменти на збунетост и нејаснотија. Научив да се прашувам себеси: Каква беше мојата реакција на денешниот предизвик? Постои ли начин да го поправам или да изреагирам подобро следниот пат? Бев ли учтива и фина во сите денешни комуникации? Дали некои од коментарите кои ги дадов беа инспирирани од зајадливост и завист? Дали мојата тешка ситуација е оправдување да ѝ се развикам на докторката, или шоферот во автобус или службеникот во банка?
Сето ова е во голема врска со тоа каков придонес давате во светот. Научив да преземам одговорност дека сето она што ми се случува, добро или лошо, има врска со мене, не со другата личност. Другите луѓе и настани се само наши огледала.
Водам сметка дали добро избирам како го поминувам работното и слободното време. Со кого комуницирам? Превземам ли доволно акција? Ги држам ли видиците отворени и спремна ли сум да научам нови работи? Ние сме тоа што сме заради изборите кои секојдневно ги правиме.
Другите луѓе и нивното мислење
На ова патување со мојата прекрасна Јоана научив дека другите луѓе се небитни за мојата приказна. Јас сум по природа угодувач на други (people pleaser) и имам правено многу работи кои не ми било баш удобно да ги правам. Денес знам подобро и ова е мојата порака за вас: Мислењата на другите се само нивни мислења. Нивното мислење вас не ве дефинира и не зборува за тоа кои сте вие. Но, целосно зборува за тоа кои се тие.
Исто, корисно е да знаете дека секој човек мисли дека прави најдобро што може. Ако некогаш се најдете навредени, помислете дека можеби тоа не ѝ било намера на личноста што го предизвикала истото.
Слушнав еднаш нешто многу паметно, дека дури и најлошата личност што ја знаете има пријатели на кои им се допаѓа. Од друга страна, личноста за која вие мислите дека е најдобра на свет, е критикувана и несакана од некои други луѓе.
Секој дејствува од сопствениот поглед на свет, од својот систем на вредности и својот начин на мислење. Затоа нема поента да се трудите да се допаднете секому. Тоа е невозможно. Бидете она што сте и уживајте го животот најдобро што можете без да се трудите да ги задоволите сите. Исто така, пробајте да кажете „не“ од време на време. Чувството е супер?.
Грижа за себе и креирање на „време за мене“
Научив дека и ова е многу важно.
Посебните родители секогаш се ставаат последни и не се грижат доволно за себе. Природно е да сакаме да обезбедиме колку што е можно повеќе за нашите деца: внимание, љубов, здравствена грижа, финансии, итн. Ама ако не си ги полниме батериите повремено, наскоро ништо повеќе нема да можеме да дадеме. Што уште можеш да доцедиш од веќе исцеден портокал, така?
Затоа ве молам, мислете и на себе и креирајте „време за мене“. Креирајте го. Никој од нас нема време скоро за ништо. Нема време за читање, нема време за учење нови работи, нема време за медитирање, нема време за хоби, нема време за дружење со пријателите, итн.
Тогаш, направете време. Ставете го во распоредот и третирајте го како важен состанок. Затоа што тоа и е важен состанок.
Не се грижете дека со тоа го казнувате своето дете и лишувате од вашето присуство. Не е така. Ова го правите за заедничка добивка.
Нов јазик и реорганизирање на животот во друга земја
Ова исто е нешто што научив на посебното патување – нов јазик и адаптирање во странска земја.
Тоа е најдобрата одлука која сме ја донеле било кога. На почетокот не знаевме да кажеме ниту “Guten Tag,” но полека, го научивме јазикот (за две години). Ова искуство ни донесе многу авантури, нови пријатели и можности. Промената ни беше преку-потребна. Може повеќе за тоа да прочитате на овој линк.
Мојот вистински повик
Пронајдов што е она што навистина сакам да го работам. И тоа е нешто што нема врска со финансии и банки, како порано. Мојот вистински повик е да им служам на посебните родители. Научив на мој пример дека во секоја животна ситуација можам да бидам среќна. Научив дека можам да избирам како ќе се чувствувам. Дали избирам страдање или растење?
Откако вкусив тага, лутина, страв и очај, знаев дека мора да има нешто повеќе. Не е можно да живеам со овие негативни емоции до крајот на животот.
И барав учители, книги, луѓе што успеале и слушав, читав и истражував. И во еден момент кажав „Е веќе доста е! Доста е! Не сакам повеќе да се чувствувам толку тажно. Ќе почнам да испробувам некои од овие методи.“ И полека, но сигурно, успеав.
Станав многу среќна, релаксирана, благодарна и радосна и беше очигледно дека тоа влијае на Јоана. Преземав одговорност за како размислувам, како реагирам, со кои луѓе се опкружувам и какви дејства преземам.
Ми требаше скоро една година да си го трансформирам животот и да се ослободам од некои токсични негативни уверувања кои ме држеа назад. И штом успеав, промената стана очигледна и луѓето кои ме познаваа почнаа да ме прашуваат што правам и дали имам некој совет за нив.
Да, имам совет за сите вас: Секогаш кога ќе се чувствувате заглавено – ништо не се менува на подобро; не можете да стигнете до таму каде што сакате – СЕКОГАШ е заради вашите ограничени уверувања.
Колку побрзо го разберете ова – толку подобро.
Можете да промените сѐ што не ви се допаѓа во вашиот живот кога ќе ги промените ограничените уверувања. И секогаш треба да барате начин да подобрите нешто кај себе. Ако чекате прво другите околу вас да се променат, можеби ќе чекате засекогаш.
Ама наместо тоа, ако почнете да правите подобрувања на вашата личност, на вашиот потенцијал да ги разберете другите и бидете сочувствителни, подобрување на вашите комуникациски вештини, можете да сведочите како работите во вашиот живот се движат кон подобро за многу брзо време.
Секоја промена започнува со вас. Ако вие не се промените – нема да се промени ништо околу вас.
Многу сум благодарна и благословена за можноста да бидам тренер за личен развој на посебни родители. Нема поголема награда за мене од моментот кога ќе му помогнам на клиентот да си го трансформира животот.
Познавам многу луѓе кои кои успеале да го претворат својот предизвик во можност за раст и сега живеат среќни и исполнети животи.
Една од нив е моја голема инспирација, Анита, од Босна и Херцеговина. Таа е мајка на две прекрасни момчиња, од кои едното е со церебрална парализа. Таа одлучи да биде позитивна, да го земе најдоброто од животот и да им покаже на другите дека секој го може истото. Нејзината страст е готвење и дели прекрасни рецепти на Инстаграм. Исто така организира и работилници за посебни родители каде што тие се сретнуваат и се поддржуваат едни со други. И таа е бестрашен активист кој се залага за инклузија на лицата со попреченост во општеството по завршување на образованието.
Друга неверојатна и инспиративна жена која ја познавам, одлучи дека нема да се дефинира себеси според тоа што има посебно дете. Нејзиното име е Ивона, од Хрватска, а живее во Велика Британија. Откако започна со личен раст и развој, откри неверојатно капацитети кои лежат во неа и стана исклучителна во својата работа. Таа е супер-успешна и докажува дека секој може да биде среќен без оглед на околностите.
Искористете ги вашите предизвици. Тие се тука со причина и за да ве научат нешто.
Што научивте од вашиот предизвик досега?
П.с. Можете да ми се обратите на е-маил, Инстаграм или ФБ ако сакате да разменам со вас материјали, ресурси и видеа од авторите кои ги споменав погоре во текстот:
Анита Морџани, Џо Диспенза, Вејн Даер, Опра, Лаура М. Зајлер, Кети Хелер, Нил Доналд Волш, Др. Шефали, Бајрон Кејти и многу други.
Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа е мајка на 6 годишната Јоана која има ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.