ЛичноРодителство

Лично: Стигнување од А до Б

Везилка Магазин

Колку брзо, скоро, веднаш би сакале да стигнете од точка А до точка Б?

Ако А е каде што сте сега, и Б е каде што сакате да стигнете, цел која сакате да ја постигнете – дали ќе го вреднувате само крајниот резултат, или ќе пронајдете уживање и значење и во патувањето помеѓу двете точки?

Се инспирирав ова да го споделам со вас кога видов коментар кај…. Чекајте, ќе ви дадам повеќе детали од приказнава.

Во еден од минатите маилови кои ги праќам секоја недела (до сите кои сакаат да добиваат емаил во недела со одредена тема или моја лична приказна), ви ги напишав сите можни ресурси кои ги употребувам за учење, едукација и личен раст. Помеѓу сите книги, подкасти, Јутјуб видеа и слично, споделив и дека одам на Udemy кога сакам да научам нешто конкретно. Обично кога ми треба нешто за мојот Јутјуб канал, Canva и слично.

Пред некое време купив предобар курс кој изгледаше дека е многу детален и дека вредни работи ќе научам од него. Не ми се веруваше што сѐ беше вклучено во овој курс.

Содржи 36 часови снимен материјал кои навлегуваат во темата, од самиот вовед па сѐ до објаснување на сите аспекти поединечно. Исто така има преку 100 документи кои можам да ги „симнам“ и да ми останат на користење. Постои можност да се поставуваат прашања по емаил во првите неколку месеци од купување на курсот. Неверојатно, навистина!

Почнав малку да преслушувам од материјалот. Не можев да се задлабочувам повеќе затоа што имам премногу клиенти и започнати проекти во моментов. Ама од љубопитство ѕирнав малку да видам за што се работи.

После неколку видеа уште толку се воодушевив. Овој курс содржи предобри информации и дефинитивно ќе ја добијам вредноста на која што се надевав.

И тогаш, ги погледнав коментарите за овој курс.

Нешто интересно ми запна за око. Во делот за коментари и оценки имаше преку 30.000 со просек 4,5 ѕвезди од можни 5. Значи 95% од коментарите беа со пофалби за курсот и благодарност од луѓе кои ги користат научените информации. А исто така видов и коментари со ниска оцена и на мое изненадување коментарите одеа нешто како: Супер е курсов, ама многу е долг. Подобро ќе беше ако трае 4 саати или така нешто.

И затоа го оцениле курсов со една или две ѕвезди наместо со пет.

И тука ми се јави прашањето од почетокот на оваа порака. Колку брзо сакате да стигнете од точка А до точка Б и колку си дозволувате себе си да уживате во тој процес? Дали сѐ мора да биде брза формула за да се стигне до „таму“?

Некој креирал вредна содржина што ќе ви помогне да научите работи, да добиете вредност и да стигнете од А до Б. Ставено е повеќе од 10 години искуство од областа во 36 саати, објаснети се сите грешки кои се направени на нивниот пат, за ние да не мораме да ги повториме. Претставени се многу скратени патчиња кои ќе ви заштедат саати од пробување нешто што веројатно нема ни да функцонира.

Колку пократко треба да биде ако нечии 10 години искуство се претставени во видеа од 36 часа ?

Нели е подобро да се оди едно по едно видео и да се апсорбира материјалот? На тој начин можеш да ги направиш предложените вежби и да размислиш за потенцијалните прашања, ако ги имаш. Зарем не сакате да добиете најмногу што може за својата инвестиција? На која категорија вие ѝ припаѓате?

Дали сте само заинтересирани да се стигне „таму“ или сакате и да го уживате патувањето?

Тука не зборувам само за бубање (иако јас сум класична бубалица, сунѓер за учење нови работи затоа што учењето нови работи ми го направи животот полесен). Не зборувам само за тоа колку многу луѓе сакаат брзи резултати, брзи решенија или се надеваат на успех преку ноќ.

Секој што креира нешто за некоја публика се обидува да носи со количеството на време кое е потребно да се „улови“ внимание. На пример, порано имаше 6-7 секунди да задржиш нечие внимание, ако креираш нешто за Јутјуб или социјалните мрежи. Сега тоа време е 3 секунди и помалку.

Добра работа е тоа што публиката ги тера креаторите на содржина да бидат покреативни, поинтересни и поактивни.

И вреди да се спомне дека времето има голема вредност. Се согласувам дека штедење време и негово инвестирање на корисен начин е една од најголемите вредности во денешно време. Но, не сѐ мора да биде кратко, брзо и веднаш, само за да се заштеди време.

Некои работи траат подолго со причина. Наместо да брзате помеѓу целите кои сакате да ги постигнете, уживајте во процесот и направете го вашето патување значајно со тоа што ќе нурнете подлабоко и ќе разберете повеќе.

Слушнав на видео пред некој ден дека најголемата пречка која што стои на твојот пат до личен раст е твојата желба за брзи решенија/поправки. Исто така, социјалните мрежи се една од тие пречки. Уште поконкретно, социјалните мрежи не се проблемот, туку желбата на луѓето да стигнат „таму“ побрзо без да дадат многу труд.

Во многу групи се поставуваат прашања од типот: „Како да го поправам бракот?“ “Како да бидам среќна?“ „Како да најдам цел во животот?“ „Што да направам за да си го средам животот?

Еве да кажаме дека има луѓе во тие групи кои всушност и би знаеле како да разрешите проблеми во бракот, да постигнете среќа, да најдете цел во животот. Но, ако чекате да ги прочитате нивните одговори и вашите проблеми да станат минато, спремете се за уште разочарувања. Колку може да се објасни во еден коментар на Фејсбук?

Но, ако навистина сакате да ги дознаете одговорите на овие прашања, постојат книги, предавања и документарци кои можат да ве научат повеќе и да ви дадат многу идеи и практични совети за што да правите за да си ги развиете вештините и да постигнувате резултатите кои ги сакате. Барајте одговори таму, а не на социјални мрежи.

Овој текст го започнав како емаил кој го праѓам секоја недела, но стана многу голем и решив да го споделам на мојот блог.

Ако сакате да влезете во потесниот круг на луѓе кои добиваат редовнo емаил секоја недела со вредни содржини, ресурси кои јас ги користам за личен раст, предлози за книги и видеа, оставете ги вашето име и емаил адреса тука.

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин

Напишете коментар