Стрес. Термин кој се користи многу често во секојдневната комуникација, некогаш дури да избегнеме разговор или средба велиме – не ме пипај сега, под стрес сум. И тогаш сите нè оставаат на мира, бидејќи тоа е една многу страшна состојба со која ретко кој може да се справи.
Би започнала со медицинска дефиниција што всушност значи стресот. Тоа е природна појава која се случува при обид на организмот да се прилагоди на некој животен предизвик, случка или ситуација. Така гледано стресот е секоја неприлагодена лоша реакција на организмот која се создава како резултат на обидот за прилагодување на организмот на некои ненадејни, непријатни дејствија кои се манифестираат со физичко и психичко страдање.
Во тој момент во организмот доаѓа до тревога и се случува една вонредна состојба и во психата и во телото. Автоматски се вклучува одбрамбениот механизам и ние правиме напор да го издржиме тоа што нè погодило. Во нас се зголемува напнатоста сè додека не успееме да се прилагодиме на новонастанатата ситуација.
Инаку стрес како збор значи, притисок, напнатост. Со самото тоа секој миг кога се чувствуваме под притисок, секогаш кога ситуацијата ќе стане напната, секогаш кога нешто е неизвесно – ние сме под стрес. Благо речено, половина од денот го поминуваме во стрес, дури има периоди кога тој стрес поминува во состојба и е присутен постојано. Секоја несигурност нè доведува во состојба на стрес, кога правиме нешто во што не сме сосема сигурни, кога сме различни од другите, кога мислиме дека некој ќе нè нападне вербално, кога не сме спремни за испит или интервју, кога се сомневаме дека некој погрешни ќе го протолкува тоа што го кажуваме….
Во состојба на бес, лутина, омраза, вознемиреност под дејство на адреналинот кој се лачи во состојба на стрес, се блокираат основните функции во организмот. Се чувствуваме како животот да ни е во опасност и дигестивниот систем се блокира, за репродуктивниот и да не зборуваме…
Постепено може да се случи да станеме зависни од адреналин, тоа се случува ако предолго во животот сме биле во состојба на стрес и сме се навикнале на одредена доза на адреналин во крвта, затоа многумина пристапуваат на екстремни спортови како што се параглајдерство, скокање со падобран, возење на хеликоптер… за да ја задоволат потребата од адреналин.
Еден од начините да се справиме со состојбата на стрес е да реагираме. Ако сме во стрес поради загуба на милениче, треба да си дозволиме да тагуваме и да се исплачеме. Ако нашето дете падне и се удри, треба да му дозволиме да се исплаче, никако да не велиме, немој да плачеш, срамота е, голем си… уште од тоа време имаме затворени емоции, да не го продолжуваме начинот на воспитување како модел од нашите родители. Нека излезе тагата. Ако сме лути и вриеме од бес, во нашиот организам се создава отров кој го пиеме ние, се труеме самите, а чекаме “противникот“ да умре. Исфрлете го бесот, ако е тоа вашиот шеф, па не можете баш да му се издерете, одете на спортски натпревар, навивајте, викајте по судијата. Одете во планина и викајте како Тарзан, што и да е, само извадете го бесот од себе. Секогаш кога телото ќе побара реакција, реагирајте.
Дали сте свесни дека во последно време има епидемија на заболување на тироидната жлезда. Знаете зошто? Затоа што не разговараме, не ги кажуваме работите кои ги чувствуваме, се блокираме во комуникација од страв да не бидеме погрешно разбрани или од претпоставка дека не знаеме доволно… Како и да е, грлото треба да биде проточно за да тироидата функционира. Пејте, пуштете музика, на пример во кола додека возите и пејте колку што ве држи гласот, пејте и танцувајте дома барем 15 мин. на ден со сите членови на семејството, тоа нека биде дневна рутина за справување со стресот. И нешто што е уште подобро од сè е насмевката. Потрудете се постојано да е на вашето лице. Верувајте дека прави чуда.
Доколку сакате да се опуштите, да се чувствувате среќно, полезно и исполнето, волонтирајте. Одберете еден ден во неделата кога неколку часа ќе направите нешто за некого чисто од љубов, стресот ќе исчезне како со магично стапче. Пробајте, ќе бидете препородени.