Овој текст е за редуцирање на стрес, не „ослободување од стрес.“ Никогаш не можеш потполно да бидеш ослободен од стрес во било кој период во животот.
Она што може е да се редуцира стресот. Може да работите на растењето на свеста за себе си и да водите грижа за себе до степен на развивање здрава љубов кон себе. Ќе знаете дека сте го редуцирале нивото на стрес во вашиот живот кога ќе почнете да чувствувате мир во поголемиот дел од денот.
Дали поминувате низ голем животен предизвик (смрт, развод, болест во фамилијата) или сте преоптоварени со секојдневниот живот (многу проекти, расправии со партнерот, однесувањето на децата и предизвик во воспитувањето), постојат краткорочни активности за ослободување од стрес.
Имајте цел и план
Една од работите која прави многу стрес е немање јасна слика каде одиме и всушност кои резултати ги сакаме во животот. Сите сакаме некои работи, но ако не поминеме време сами со себе за да сфатиме кои се тие работи, тогаш тоа не се цели. Поставете некои помали и поголеми цели. Следно, развијте чекор-по-чекор план за како ќе ги постигнете овие цели.
Следете го планот една акција по друга
Чувството на каење за пропуштени прилики е едно од најлошите чувства. Штом направите план за вашите цели, почнете да го остварувате чекор по чекор. Дури и ако не ви е баш денот или сте уморни. Нивото на стрес ќе биде големо ако прокрастинирате и упорно ги одложувате важните работи. Кога ќе се приближат крајните рокови, подобро е да ги имате веќе средено работите една по една отколку да морате сѐ да правите одеднаш.
Сѐ што можете припремете однапред
Кои работи можете да ги подготвите одвечер за следниот ден? Кои работи можете да ги подготвите во недела за цела наредна недела? Можете ли да испланирате што ќе облечете од понеделник до петок за време на викендот? Можете ли да ги испланирате оброците за неколку дена однапред? Размислете за сѐ што мора да завршите во текот на денот и видете што од тоа може да се припреми и порано.
Донесете одлука да се дисконектирате половина ден.
Пак ќе можете да си ја вршите работата, а и да поминувате време на социјални мрежи од забава. Но, исто така можете да донесете одлука да се дисконектирате од телефонот, компјутерот на пола ден – секој ден. Наместо тоа, конектирајте се со себе, со вашата фамилија и со природата.
Поминувајте квалитетно време со децата и партнерот.
Подобро е да одредите еден час во денот каде што ќе бидете целосно присутни со луѓето кои ги сакате отколку да поминете 6 часа растргнати, правејќи телефонски повици „набрзинка“, подготвувајќи оброци, проверувајќи маилови и во исто време играње со децата и разговор со партнерот. На тој начин не сте потполно ефикасни ниту за вашата работа, ниту за семејството.
Визуелизација.
Визуелизацијата е одличен алат за редуцирање на стрес. Само замислете убави сценарија за сите работи кои моментално ви се случуваат. Во процесот обидете се вистински да ги почувствувате сите убави емоции што знаете дека ќе надојдат штом тие сценарија вистински се случат.
Медитација.
Медитација е уште една одлична алатка за ослободување од стрес. Презафатени сме и никогаш не го забавуваме темпото. Дневно околу 64.000 мисли се вртат низ нашите глави и ни треба пауза од тоа. Во медитација учиме како се забавува и се рефокусира на работи кои ни се вистински важни во животот.
Гушкање.
Луѓето не можат да живеат без човечки допир. Гушкањето може да помогне во редуцирање на стресот. Се ослободува окситоцин (од нашиот мозок) секогаш кога се гушкаме. Окситоцинот ни помага да се чувствуваме безбедно и сигурно. Прегратките нѐ прават среќни. Малку повеќе стрес ве фати периодов? Гушнете си ги децата, партнерот, пријателите, вашето куче…
Ароматерапија.
Есенцијалните масла се многу популарни денеска. Има голема палета на масла кои можете да ги најдете на пазарот ако сакате да го пробате овој метод на редуцирање на стрес. За некои луѓе вдишувањето мириси од есенцијални масла делува смирувачки.
Забавувајте се.
Нема ништо како старото добро средство за смалување на стрес: забавување. Дали ќе биде тоа гледање филм, подолг телефонски разговор со драга особа, кафе надвор, вечера во ресторан, вечера кај пријатели, еден ден во природа – вие бирајте. Ако работите се моментално премногу сериозни во вашиот живот – пак важи истиов совет.
Менаџирање на времето.
Инвестирајте малку време и труд да научите повеќе за менаџирање на време и организациски вештини. Верувајте ми, вреди – сите имаме 24 часа на ден, но не сите имаме добри вештини да ги употребиме тие 24ч во наша корист. Сѐ може да се научи, па и ова. Замислете колку може да го намалите стресот ако успеете да си ги подредите работите така што ќе имате време за сѐ?
Благодарност.
Благодарноста е исто така средство за намалување на стрес. Ако постојано сте во мисија за следното нешто, па за следното, без да сопрете на кратко и да ги увидите благословите во вашиот живот, постои шанса да се чувствувате како никогаш да не е доволно. Благодарноста ќе ја зголеми вашата способност да држите позитивен став во кризни времиња.
Едукација и учење.
Постојано учете за различни животни аспекти како преговарање, личен развој, справување со тешки луѓе, финансии, итн. овие животни аспекти знаат да бидат проблематични за повеќето од нас и ни треба знаење за да се справуваме со сето тоа.
Список на работите кои ви носат најмногу стрес во животот.
Направете листа од нештата кои ви носат најголем стрес и видете што од тоа можете да отсечете. Веројатно многу од работите на таа листа ќе мора да продолжите да ги правите. Но, сигурна сум дека ќе може да „откачите“ некои од вашите стресови, кога ќе ги погледнете напишани на хартија.
Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.