ЛичноРодителство

Лично: Четири чекори за почеток на личен раст и развој

Везилка Магазин

 

Многу сум загреана за темата личен раст и развој. Тоа  е мојата страст и од својот пример знам дека личниот развој носи длабок мир и голема радост.

Тоа ми го смени животот и вака живеам од тогаш.

Најголемата убавина на личниот развој е тоа што тоа е процес без крај. Секогаш може уште човек да се развива, да учи, да присвојува различни модели на размислување и да прифаќа други перспективи. Секогаш може да се подобри квалитетот на живот.

Секој кој го разбрал личниот развој и неговата цел, знае дека тоа станува како играње игра каде што правилата се многу стабилни, едноставни и трајни.

И има уште една голема убавина: ве учи да преземете сопствена одговорност за својот живот, за изборите кои ги донесувате и делата кои ги правите.

Еден од најголемите благослови во мојот живот е сознанието дека никој ништо не ми прави мене; никој нема моќ со своето мислење врз мојот живот и до мене е дали ќе бидам среќна.

Во скоро сите текстови спомнувам и препорачувам ‘личен раст и развој’. Дури напишав и текст на тема: 15 Причини зошто личен раст треба да ви биде приоритет.

Прво да видиме која е дефиницијата на Википедија за овој израз:

“Личен раст и развој се дефинира како активности кои ја подобруваат свесноста, развиваат таленти и потенцијал, надградуваат човечки капитал, зголемуваат вработливост и зголемуваат квалитет на живот и реализација на соништа и аспирации. Личниот развој може да трае низ целиот живот. Ова не е лимитирано на само-помош – концептот вклучува и неформални активности за развивање од други во улоги како што се учител, водич, советник, менаџер, животен тренер или ментор.“

По мое личнно искуство, личниот раст не е нешто што се дискутира туку е нешто што треба да се проба на своја кожа.

Еве ги чекорите за личен раст и развој:

 

1. Прифаќање

 

Прво на листата е прифаќање. Помирување со тоа каде се наоѓате во животот. Работите се такви какви што се. Секој ден е нов ден и денеска вие решивте да прочитате ваков текст и можеби да слушнете нешто за прв пат во животот.

Можеби сте свесни дека за некои работи сами сте придонеле со вашите избори и одлуки. Но, тоа повеќе не е важно.

Прифатете сѐ што сега постои во вашиот живот: посебно дете, брачни проблеми, губење на мила личност, лоши врски, финансиски потешкотии, работа која не ја сакате, болест итн. Што и да е, прифатете.

Така се почнува со личен раст и развој.

Од таа точка натаму, знајте дека за секоја од можните ситуации кои ве мачат, вие МОЖЕТЕ нешто да направите. И можно е да изберете друг агол на гледање на тие нешта.

 

2. Простување.

 

Не постои начин да се живее среќен, мирен и радосен живот, ако не сте си простиле себеси, на вашите родители или било кој друг кој не се однесувал убаво кон вас или ви нанел болка.

Прво, да зборуваме за вас. Простете си за сите пропуштени можности, погрешни одлуки и лоши проценки. Бидете спремни да се промените на подобро, ако тоа е она што го сакате. Но, нема никаква поента да се удирате по глава за сѐ што било до вчера. Јас знам, и вие знаете, дека во секоја ситуација сте изреагирале најдобро што сте знаеле.

Истото важи и за вашите родители и било кој што ве повредил. Вие не простувате за да направите некому услуга. Простувате за да се доведете во мир. Во личниот развој сѐ почнува од нас.

Ако не направите така, може цел живот да го поминете во презир и огорченост кон други луѓе. Но, ако разберете дека сѐ што ви направиле другите неубаво доаѓа од позиција на страв и незнаење за подобро, ќе се ослободите себе си. Ќе бидете во мир.

И само да расчистиме: Простување не значи оправдување на туѓите постапки. И не значи останување во некаков однос кој сакате да го завршите. Туку значи непосакување на зло кон било кој кој ве повредил и продолжување на животот на раат.

 

3. Едукација

 

Др. Брус Липтон кажа на неговиот семинар: “Знаењето е моќ, а недостатокот на знаење е недостаток на моќ.“

Едукацијата не завршува со стекнување на некоја диплома и вработување. Едукацијата треба да продолжи низ целиот живот. Затоа што најважните лекции доаѓаат малку подоцна во животот.

Во школо не нѐ учат како да бидеме среќни, како да се справиме со критицизмот и мислењето за нас од другите луѓе. Како да управуваме со личните финансии или како да размислуваме позитивно.

Школото е супер и си има своја вредност, секако. Таму се учиме на дисциплина, одговорност и хиерархија.

Но, нема ниту една единствена лекција за мобинг на работно место, проблеми во партнерските односи, како да не се споредуваме со други луѓе или бркање лажни вредности и вештачка среќа.

Затоа наша е одговорноста да научиме како да живееме. Да откриеме дека сите имаме право да си ги исполниме сите наши желби и соништа. Да научиме дека секој нѐ третира онака како што ние му дозволуваме. Наша обврска е да научиме дека задржување на исто однесување никогаш нема да ни донесе различни резултати од тие што сега ги гледаме во нашиот живот.

Но, менување на нашите лоши навики ден по ден може да донесе големи и прекрасни промени.

Треба да научиме како да кажуваме “не“ и да ја отпуштиме потребата да им се допаднеме на сите, кога тоа и така никогаш нема да се случи.

Треба да научиме дека сме креатори на нашиот живот. И изјави како “Судбина е“, “Родителите не ме сакаат“, “Партнерот ме изневерува“, “Шефот ме мрази“, “Детето ми е болно“ – сите овие се изговори да се продолжи со живеење несреќен живот без преземање никаква акција. Тоа се изговори за останување во комфор зона.

За секоја од овие спомнати ситуации вие знаете што треба да правите. Можете да изберете да бидете жртва, но така никогаш нема да можете да си ја смените позицијата.

Треба да научиме како да бидеме сочувствителни и полни со разбирање. Зошто ја добиваме точно истата енергија што ја шириме назад.

Како да се едуцирате? Имате на Google и на YouTube колку сакате луѓе, кои си ги раскажуваат приказните и како успеваат да живеат среќен живот користејќи одредени методи и алати.

Постојат и семинари и работилници кои може да ги посетите (добро, не баш сега, ама сфаќате што мислам. Сегашната ситуација и рестрикциите за патување нема да траат вечно). И постојат илјадници книги кои можете да ги прочитате и да си ја промените перспективата.

 

4. Репрограмирање

 

Секој кој почнал и продолжил со личен раст и равој стигнал до точка каде што е свесен за своите ограничени уверувања.

Ние носиме програми и уверувања од нашето детство. Ги добиваме од нашите родители и околината. Некои од тие уверувања се добри, но некои не ни се корисни. Сите уверувања кои ги носиме за здравје, можности, љубов, финансии, промени, флексибилност, способности и сѐ останото – може да се променат.

Дури и науката денес докажува дека мислите се креативни. Нашиот ум може да ни ги “доведе“ работите во нашата реалност во кои веруваме. Секогаш добиваме доказ дека она во што веруваме е вистина. Затоа не го добиваме резултатот на кој што сме се надевале, туку она што сме верувале дека ќе се случи.

Да пробаме да поедноставиме: забележете кои од овие изјави ги користите секој ден:

-Парите се нужно зло

-Нема повеќе вистинска љубов

-Не може сѐ да се има во животот. Мора нешто да се жртвува

-Не е можно да се биде среќен во овие стресни времиња

-Не постојат повеќе вистински пријателства

-Не успеав и тоа значи дека сум баксуз и неуспешна

– Немам моќ да го променам тоа

Овие изјави се индикатор на програмите кои ги носите. И јасно е, вакви програми не ви служат. Затоа малку по малку треба да си го репрограмирате умот и да почнете да кажувате дека:

-Парите се слобода, а не зло

-Се разбира дека постои вистинска љубов

-Можам да бидам и да имам сѐ на што ќе го насочам фокусот и намерата

-Многу луѓе се среќни. И јас можам да станам еден/на од нив

-Постојат многу луѓе кои би можеле да ми бидат пријатели

-Не е важно ако не успеам. Можам да се пробам повторно.

-Многу нешта можам да направам во секоја ситуација

И така натаму.

Никогаш нема да најдете среќна и успешна личност која е задоволна од својот живот, а зборува песимистично и негативно.

Вистинската убавина на личниот раст и развој е тоа што не морате да ги убедувате луѓето дека можете да си го смените животот на подобро. Секој може сам на себе да проба и да види. Дали знаете кој започнува со личен раст и развој?

Оној кој во еден момент помислува “Е доста е веќе. Завршив. Не можам вака да живеам повеќе. Нешто мора да се менува.“ Тоа е првиот клик, првиот импулс. Тоа е донесување одлука за промена.

Уште откако јас се посветив на личен раст и развој, наидувам на прекрасни учители од цел свет (фала ти интернет). И денес навистина не постои изговор зошто некој да не работи на себе. Постојат толку многу информации кои се достапни со еден клик, и толку многу книги со приказни од луѓе кои наоѓаат начин од некое свое лично дно да се издигнат и живеат среќен живот. И учат други луѓе како да го постигнат истото.

Сѐ е тука. Сите потребни информации.

Личен раст и развој ќе ви даде јасност за вашите цели и зошто сакате да ги постигнете. И ќе ви даде алати за да останете фокусирани на она што го правите.

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин