Минатата недела зборувавме за изборите кои ги правиме и алатката која треба да ја искористиме за да направиме прав избор – нашето срце.
Но, моето досегашно искуство во работа со клиенти ми дозволува да кажам дека поминувале и по неколку тренинзи додека клиентот да премине во фаза во која може да наброи неколку опции од кои подоцна ќе го направи вистинскиот избор, се разбира ВИСТИНСКИ само ЗА НЕГО, бидејќи, пак ќе повторам: секој од нас за себе знае што е најдобро.
Ако јас сакам да се туширам со врела вода, можам да раскажувам со часови за тоа прекрасно чувство на опуштање и смирување со секоја врела капка што ќе падне на моето тело, но тоа нема да значи ништо за некој кој ужива во туширање со речиси студена вода што ја буди секоја негова клетка и му буди чувство на свежина.
Секогаш треба да оставиме простор другиот да направи избор и да донесе одлука за себе. Дури и на бебето кое на прошетката во паркот на 35 степени се обидува со прстињата од едното ноже да ја слече чорапката на другото. Престанете да му ја облекувате повторно и повторно туку погледнете го изразот на среќа и олеснување што ќе се појави на неговото лице кога ќе успее да ја соблече.
Затоа би сакала до посочам на нешто што е речиси наше секојдневие.
Сигурна сум дека мал милон пати сте го слушнале од вашите пријатели или и самите сте го употребиле.
Што сакаш за појадок? Што било
Што сакаш да работиш? Што било
Што да ти донесам ? Што било
Што ќе облечеш? Што било …….
Дали навистина барате што било?
Имам за вас разочарувачка вест: ШТО БИЛО НЕ ПОСТОИ !
Како можете да добиете нешто што не постои, а како за почеток дури и да посакате нешто што не постои?
Во основата и на овој одговор лежи бегањето од одговорност и префрлувањето на вината на некој друг. Полесно и многу поедноставно е некој наместо нас да порача за јадење и после половина час да го обвинуваме дека изборот не му е добар, отколку сами да го направиме изборот, па да признаеме дека сме погрешиле.
Ах тоа пусто признавање дека сум згрешил. Страшно. Никако не смееме да си го дозволиме. Но, зошто? Зар не е поедноставно да бидеме искрени кон себе и другите, да признаеме односно прифатиме дека сме погрешиле?
Дајте ве молам, земете го својот живот во свои раце, за почеток ете, вежбајте на овие мали, навидум беспоследични реакции кои се всушност многу длабоки кога го гледаме резултатот од немање став за сопствениот избор.
Незадоволството се продлабочува и состојбата од непреземање на одговорност ќе премине во апатија, депресија, панични напади…
Превземете одговорност и донесете одлука, па и да погрешите, прифатете дека сте погрешиле, кажете си дека од тоа сте научиле нешто и дека следниот пат ќе се посветите потемелно при донесувањето на одлуката да се направи најдобриот избор, за нас се разбира.
Сè е вежба, треба малку упорност и трпение и ако навистина го слушаме своето срце, ќе направиме вистински избор.
Понекогаш имаме случаи во кои се обидуваме да направиме избор со тоа што ќе кажеме што не сакаме.
Пример: Што сакаш да јадеш? Што било само не плескавица.
Зошто е толку потешко да се каже што сакаш, наместо што не сакаш?
Никој не ве присилува да направите избор кој не го сакате, ниту му е грижа што вие ќе одберете. Верувајте, никој освен вас не е засегнат со вашиот избор. Да, засегнати се вашите деца, ако се малолетни, па вие сте одговорни да имаат храна, кров над глава и љубов, во сите други случаи вашиот избор е само ваш.
За да ви биде полесно, за почеток кога не можете да направите избор веднаш, одберете 2-3 работи, полесно е да се одлучите кога имате неколку можности кои веќе имаат име и презиме отколку кога е изборот на безброј безимени опции.
Двоумењето во донесувањето на одлуката е поврзано и со ниското ниво на самодоверба, но за тоа ќе зборуваме во следниот текст.