ЛичноРодителство

Лично: Што да правите кога ќе стане тешко?

Везилка Магазин

 

Денешната тема е справување со најтешките елементи на посебното родителство. Постојат многу предизвици во посебното родителство. Понекогаш е толку тешко што стануваме и тажни и лути истовремено.

И ни се чини дека нема да можеме да поднесеме ниту еден ден повеќе од сево ова.

Не е важно во која фаза се наоѓате. Дали сте во одрекување или прифаќање на дијагнозата.  Дури и ако потполно сте ја прифатиле ситуацијата на детето, сѐ уште постојат тешки моменти и тригери кои можат да ве спуштат.

Мојот личен пример на ова е: кога Јоана беше на возраст меѓу 3,5 – 6 години, потполно ја прифатив нејзината состојба и најдов начин да бидам безусловно среќна. Имате во претходните текстови колку многу позитивни промени тоа донесе во нашите живот. Како што јас станував повеќе среќна, радосна, ослободена од болка и очај, таа стана посмирена, насмеана, среќна, уживајќи го секој ден од нејзина перспектива.

Сепак, доаѓаа времиња кога нештата стануваа тешки. Вака ќе го објаснам тоа: ниту една состојба или ситуација не е слика во рамка. Туку е од променлива природа, како и самиот живот. Ова го гледаме во сите наши животни сегменти.

Работите може да станат потешки.

Што мислам со тоа?

На пример, ако откриете дека детето има неизлечива болест. Или добивање напади после долг период на смиреност. Малку можеби и се опуштивте мислејќи дека епилепсијата поминала. Може да стане тешко и кога детето ќе премине во тинејџер и се јавуваат други предизвици.

Може да стане тешко и ако се предадете на тагата од вашите неостварени очекувања. Сум работела со родители кои чувствуваат огромна болка дека нивното дете е неодамна дијагностицирано со некаков синдром и ќе се соочат со ментални и физички предизвици.

Понатаму, може да настапат тантруми кои траат со денови. Баш вчера работев со мајка која ми рече: кога таа е стабилна и јас сум смирена и среќна. Во тие моменти чувствувам радост и надеж.

Можам со ова да се поврзам. Кога ќе бевме надвор од криза со Јоана, точно така се чувствував. Многу смирена и среќна. Се’ до следната криза.

И ние имавме периоди кога ситуацијата беше стабилна и добра и потоа ќе настапеше неочекувана криза. Кога Јоана имаше 5 години и две недели претрпе силен епилептичен напад кој траеше со саати и 43 Ц температура. Тоа дојде ненадејно, кога сите ние бевме на добро место, а особено таа. Претходно навистина почна да прави прогрес и да покажува повеќе потенцијал.

Наредниот период дефинитивно беше еден од најтешките со кои се соочивме откако е родена. Следеше 5 месечен болнички престој.

Постојат многу други начини како нештата можат да станат тешки.

Но ајде сега да ги погледнеме решенијата.

Навистина немам друг одговор освен личен развој.

Нашите очекувања ни прават страдање.

Според Википедија: Личен развој е дефиниран како активности кои ја подигнуваат свесноста и идентитетот, развиваат таленти и потенцијал, градат човечки капитал, развиваат работна сила и го зголемуваат квалитетот на живот и реализација на цели и аспирации. Личен раст и развој може да трае и цел живот. Ова не е лимитирано на само-помош , концептот подрзбира формални и неформални активности за развивање вклучувајќи улоги на учител, советник, менаџер, животен тренер или ментор.

Учествување во такви активности и играње со различни методи и алати ќе ви даде јасност. Ќе ви помогне да сфатите дека кога вашето дете е во криза, тоа не го прави намерно. Детето не мисли ништо лошо. Кога нашите деца имаат криза, тие ги рефлектираат нашите емоции. Тие се тогаш огледала на нашите несигурности, нашиот страв, нашата нервоза и затоа нивната состојба не’ заболува уште повеќе.

Знам дека ова не е лесно да се чуе, но тоа е вистината. Нашите деца ни ги рефлектираат нервозата и стравот.

Еве еден мал тест: Ако детето вреска и е сред тантрум, по ваше мислење дали е лошо или добро тоа што се случува?

Не е ни едното ни другото. Тоа е едноставно факт. Детето е вознемирено заради нешто, и си поминува низ некоја своја фаза. Веројатно секој од нас ќе каже: Тоа е лоша ситуација. Се разбира, бидејќи ни влијае. Вознемирувачко е и ни предизвикува болка што не можеме да му помогнеме на детето.

Но, како ќе одговориме на ситуацијата одредува дали работите ќе се смират или ќе ескалираат уште повеќе.

Личен развој може да ни помогне да ја разбереме нашата потреба постојано да ги категоризираме нештата, настаните и луѓето. Константно категоризирање нѐ става во подолготрајна болка и продолжено страдање.

Јас не велам да гледате на дете кое вришти како на пријатна слика. Знам дека тоа не е забавен начин да се помине вечерта. Но, не е нужно лоша работа. Вашето дете мора да помине низ некој свој процес. Наместо да го пцуете моментот, гушнете си го детето. Кажете си колку го сакате и дека го прифаќате такво какво што е.

Кога нештата ќе станат тешки, свртете се внатре во себе. Практикувајте нешто спиритуално. Слушнете што вашето внатрешно Јас има да ви каже.

Започнете го денот со утринска рутина. Направете неколку вежби, медитација и прочитајте барем 2 страници од книга.

Направете одлука: Денес ќе биде најдобриот ден од вашиот живот.

Играјте си со вакви мисли некое време и видете дали нешто ќе почне да се менува. Можно е да испадне дека е точно. Можеби навистина денов ќе ви биде најдобар до сега.

И запамтете – сето ова го правите за вас. Да бидете повеќе во баланс и да си дадете себеси многу-потребна грижа. Знајте дека ако вашите батерии се празни, нема да можете многу да им дадете на другите.

Што ќе се случи преку личен развој?

-Ќе бидете пофокусирани на позитивни работи. Она на што се фокусираме, тоа влегува во нашите животи уште повеќе.

-Ќе забележите дека сте опкружени со позитивност. Настани, луѓе, литература и сѐ со што ќе дојдете во контакт, ќе ви докажува како животот е прекрасен.

-Ќе смислувате потенцијални решенија. Нема да останете таму каде што се вашите проблеми, туку ќе се движите кон решенија и олеснување.

-Ќе ви порасне креативноста.

-Ќе сфатите која е лекцијата што треба да ја научите преку ова искуство.

Ако ве интересира повеќе на темата, можете да ги најдете и претходните текстови кои се посветени на ова.

Маја.

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин