Личен и бизнис развојЛичноРодителство

Лично: Што е менаџирање на време – time management?

Везилка Магазин

 

Пред општата дефиниција, ќе ви го кажам мојот став за time management, или менаџирање на време.

Менаџирање на време е една од моите омилени најнови вештини. Ако се прашувате „Што е муабетот? Најнови вештини?“ – да објаснам: Порано бев ужасна во менаџирање на време. Не бев мрзелива – далеку од тоа.

Бев всушност спротивно на мрзелива. Сакав да направам толку многу и бев оптеретена со идеи за коишто немав време за реализирање.

Се чувствував беспомошно затоа што немав доволно време.

Немав доволно време да читам колку што сакав.

Немав доволно време да се видам со пријатели.

Немав доволно време да постигнам сѐ околу грижата за Јоана.

Немав доволно време да посетувам курсеви.

Дефинитивно немав доволно време за патувања и забава.

Немав доволно време за грижа за себе.

И сето ова го променив во спротивното. Конечно ги „фатив конците.“ Денес менаџирање на времето е една од моите најсофистицирани вештини и престанав да ја користам фразата „Немам време.“

Можете и вие, ако продолжите со читање.

Во мојот круг на пријатели оди реченицата: Кога ќе пораснам сакам да бидам организирана како Маја Стојчевски. 😊

Ова ми е пресмешно, особено затоа што паметам една Маја која едвај стигнуваше на време.

Се сеќавам на Маја која немаше шанси да одвои малку време за себе, освен за некои најважни основни работи.

Ја паметам Маја која го навиваше алармот во 7 часот затоа што требаше да стигне на работа во 8. Вечерта претходно ќе си кажев: „Не, ќе го навијам во 7:10. Или подобро, ајде во 7:13“. Калкулирав минутки за да добијам уште неколку моменти сон.

Таа Маја одамна ја нема.

Сега сум навистина добра во менаџирање на времето и луѓето го препознаваат тоа.

Значи, што е менаџирање на време? Едноставно – тоа е вештина за подобро користење на нашето време.

Постои голема илузија околу концептот имање доволно време.

Не можете да имате повеќе време. Времето не е нешто што го имате или немате. Сите ние имаме точно 24ч, 7 дена неделно и точка.

Она што можете да имате е план. Или можете да имате изговори. План и изговори се работи коишто можете да ги имате.

Како јас станав толку добра во креирање време за сѐ што сакам?

Прво – напишав на хартија која е мојата сегашна ситуација. Го напишав тоа за да можам да видам убаво сѐ што се случуваше во мојот живот околу семејство, брак, работа, финансии, пријателства, успех, едукација и здравје.

Бев брутално искрена со себе. Кога ќе кажам брутално, мислам вистински искрена. Ова не беше јавен документ. Не е нешто што треба некому да го покажам. Не го правев тоа за да импресионирам некого. Така не се прави личен развој.

Ако сакате да се промените на подобро и да се придвижите кон прогрес, бидете искрени со себе и не ги оправдувајте своите лоши навики. (еве ја повторно темата со навиките и за ова можете да прочитате повеќе во овој текст тука и тука..)

Значи бев брутално искрена за тоа каде сум сега. И следно нешто напишав каде сакам да бидам на поле фамилија, брак, работа/бизнис, финансии, пријателства, успех, едукација и здравје.

Бев искрена зошто сите овие нешта ми се важни. И бев искрена за тоа какви активности треба да превземам за да стигнам до каде што сакам. Пресметав просечно колку часа ми требаат за секоја активност и поставив план.

Во последниве три години правам сегментација на месецот, неделата и на денот.

Колку е подетално ова сегментирање, толку сум поефикасна.

Некогаш е многу детално, како на пример:

*Будење во 6

*Утринска рутина до 6:40

*Одговарање на маилови до 7

*Пишување текст до 8:30

*Појадок до 8:30

*Сесија со клиент помеѓу 9 и 10

*Средување на белешките од сесијата до 10:30

*Излегување на прошетка или правење ручек

*Сесија со клиент помеѓу 12 и 13

*Средување на белешките од сесијата до 13:30

*Ручање до 14:30

*Проверување пораки (маил и социјални мрежи) до 15

И така натаму…

До толку сум детална. Затоа што ако не сум, ќе ме победат дистракциите и одложувањата. Или ќе губам премногу време во размислување што треба да правам следно.

Ако мојот план изгледа поопшто, нема да сум толку ефикасна. На пример, општ план изгледа вака:

Понеделник:

*Меилови

*Пишување текст

*Готвење ручек

*Две сесии со клиенти

Ова е општ план за сите активности спомнати погоре.

Ако не сум детална за што и кога правам нешто, ќе ме однесат работи кои ми го крадат вниманието. Би го проверувала телефонот почесто. Би ми поминувало доста време во замисленост (што не е толку лошо, но не треба да се прави предолго. И никако на сметка на извршување на некои важни приоритетни работи). Би се јавила некому или би дозволила да ме прекинат тие што во моментот сакаат да разговараат со мене.

(На пример, додека го пишував овој текст, телефонот ми беше исклучен на еден саат. Кога го вклучив имав пропуштен повик од мајка ми и две пријателки. Исто така, ми стигнаа и нотификации од социјалните мрежи. Ако не го следев својот план и не го исклучев телефонот, веројатно ќе одговорев на сите овие повици и пораки и ќе поминев 4 саати во обид да го завршам текстов.)

Сегментирање на денот е голем дел од тоа да се користи времето ефикасно.

Имате доволно време за сѐ да завршите. Ако немате – значи не си ги знаете приоритетите. Научете си ги приоритетите што побрзо. Инаку ќе навлезете во многу изговори.

Запомнете, за сѐ што би сакале да правите, но тврдите дека немате време, постојат луѓе на светот кои се во исти животни околности и кои го прават тоа.

Самохрани мајки со три деца имаат успешен бизнис и балансиран семеен живот.

Луѓе со здравствени предизвици пишуваат книги и држат семинари и работилници.

Родители на бебиња и мали деца присуствуваат на работилници и едукации.

Некои луѓе водат повеќе проекти и бизниси и сѐ уште имаат време за фамилија и пријатели. И особено имаат време за своите партнери и романтика.

Некои мајки се во болница со своите деца со месеци и успеваат да пишуваат блог таму каде што се.

Постојат зафатени родители низ цел свет кои двојат 30 минути за вежбање секој ден.

Некои луѓе се точно на ваша возраст и ги имаат истите животни околности и читаат по 10 до 20 книги годишно.

Престанете да кажувате дека немате време. Секогаш имате време за своите приоритети. Сега за домашна напишете како го поминавте секој саат од овој ден. Или од последните неколку дена. Правете го ова една недела и прочитајте за да видите кои ви се приоритетите.

Можеби ќе се изненадите кога ќе откриете дека:

*Поминувате 2ч дневно на социјални мрежи и YouTube

*Зборувате 2-3 часа со членови од фамилијата по телефон

*Гледате 3 часа дневно телевизија или Нетфликс

*Поминувате 30 минути секој ден размислувајќи што да зготвите денес

Ако вака го поминувате времето, тоа ви се приоритетите. Ви се допаѓаат ли ?

Не?

Па сменете ги.

Следниот текст ќе биде за организирање на времето и постигнување на работите кои ги сакате.

До скоро,

Маја

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин