Личен и бизнис развојЛичноРодителство

Лично: Што е навика и зошто се навиките корисни?

Везилка Магазин

 

Зошто овој текст?

Затоа што е многу важно да се сфатат навиките и да се види колку многу можат позитивно или негативно да ни влијаат во животот.

За мене, промената на некои навики беше пресвртен момент. Почнав подобро да се чувствувам, да работам и да добивам далеку подобри резултати. Увидов и потполно нова слика за тоа за што сѐ сум способна.

Па ако сте заинтересирани да научите како да си ги подобрите сите животни аспекти и добиете неверојатни резултати, продолжете со читање.

Треба да знаете дека менувањето на навиките е тежок процес. Заради тоа многу луѓе се откажуваат на самиот почеток и стопираат со промени во својот живот. Но, промена на навиките не е невозможно.

Затоа денес сакам да ви го пренесам моето разбирање и искуство за навиките и да ви помогнам да креирате позитивни промени во животот.

Сте ја слушнале ли фразата „Ние сме суштества од навика?“

Повеќето работи кои ги правиме дневно се од навика.

Навики се однесувања кои ги повторуваме секој ден.

Штом се разбудиме, одиме во купатило, миеме заби и се тушираме. Потоа се облекуваме и правиме кафе и доручек на сличен начин како и секој ден.

Патуваме до работа или работиме од дома повторувајќи едни исти мали ритуали.

Сите имаме навики и нашиот мозок го сака тоа чувство на познатост. Затоа и не ни е тешко да останеме посветени на некоја пракса штом ја усвоиме како навика.

Некои од навиките што ги имаме се корисни. Тие ни помагаат да правиме корисни активности без да трошиме премногу енергија.

Некои луѓе сакаат да вежбаат секој ден и го прават тоа конзистентно затоа што се навикнати. На почетокот можеби се мачеле со дисциплина, но со повторување на ова однесување доволно пати, вежбањето им станало навика.

Ова е корисна навика и креира многу добивки за овие луѓе. Тие инвестираат во своето здравје, среќни се со својот изглед и имаат многу повеќе енергија секој ден затоа што вежбаат.

А бидејќи им е навика, тоа го прават автоматски. Не поминуваат ниту една секунда размислувајќи дали да прескокнат тренинг денеска.

Луѓето кои немаат навика да вежбаат, а сакаат тоа да го прават, секој ден се борат со дисциплината. Планираат да почнат од понеделник, калкулираат со време, си кажуваат работи како “уморна/ен сум“, итн.

Постојат, исто така, и некорисни навики што ни штетат на долг рок.

Поминување часови на социјални мрежи, гледање Нетфликс цела ноќ, читање твитови наместо книги. Дури и работите кои ги зборуваме се од навика. Некои од навика повеќе зборуваат за ограничувања отколку за можности. Луѓето оговараат други луѓе наместо да зборуваат за своите идеи – од навика.

Мислењето е исто прашање на навика. Некои луѓе се навикнале да имаат негативни мисли. Други се навикнале да размислуваат позитивно.

Пушење, јадење и пиење не затоа што тоа му треба на нашето тело во моментот туку затоа што ни е досадно и сакаме да си направиме некакво одвлекување.

Кои навики се некорисни? Оние кои носат ужасни резултати.

На пример:

*Поминување саати гледајќи серии, скролајќи на телефон, поминување време во бескорисно оговарање други – носи ужасни последици заради некорисно користење на времето. Како резултат, пропуштате можност да научите нешто, да се едуцирате за нови вештини, да ги развивате своите идеи (кои ќе ви дојдат само ако се свртите кон себе и обратите внимание на своите интереси). Со вакво однесување си правите база за неуспех и пропуштате многу можности. Погодете колкави се шансите за анксиозност на долг рок кога ќе сфатите дека е предоцна да ги поправите последиците од овие некорисни навики?

*Премногу јадење, пиење, пушење – носи ужасни резултати по вашето здравје и самодоверба.

*Навиката линија на помал отпор – некомуницирање, мислење „ај ќе пројде ова, не можам сега да се замарам“ – носи ужасни резултати манифестирани низ стрес, расправии со партнерот и најблиските луѓе, раскинувања/развод.

Многу луѓе се свесни за своите некорисни навики и тие погрешно мислат дека не можат да направат ништо за да ги сменат. „Епа таква сум, што да правам?“

Но, најдобрата можна вест е: Можеме да ја отфрлиме секоја некорисна навика и да усвоиме нова која ќе ни служи.

Овде доаѓаме до делот дека навиките се поврзани со уверувањата.

Навиките се однесувања, а уверувањата се она кое ни го движи однесувањето.

Тешко ќе биде да направиме навика од вежбањето ако веруваме дека имаме недоволно дисциплина. Или ако веруваме дека не можеме да ги постигнеме резултатите кои ги сакаме.

Тешко е да имплементираме навика за во слободно време, како читање или завршување некој курс, ако веруваме дека нема шанси да постигнеме поголем успех од овој. Па наместо тоа, дај да си пуштиме 4 саати некои серии да погледаме.

Ова е важно за луѓе од сите возрасти.

Структурата на навиките е тригер (кој е најчесто чувство), однесување и награда.

Кога ќе бипне телефонот, е тригер. Однесувањето е читањето на пораката. Наградата е – љубопитноста е задоволена.

Тригер е чувството на стрес, однесување е скролање на социјални мрежи, награда е дистракцијата и несоочување со стресот, одложување за понатаму.

Тригер е чувството на здодевност. Однесување е одење до фрижидер и земање нешто за грицкање (иако не сте гладни). Награда е се чувствувате задоволни, иако е краткотрајно задоволство.

Тригер е накитена светкава реклама со понуда на производ/услуга кои ветуваат многу забава и убаво искуство. Однесување е купувањето на тоа нешто. Наградата е чувството дека сега поседувате нешто убаво.

И така натаму.

Имањето навики не е погрешно. Тоа е начинот на кој оперираме и дури и деца од најмала возраст имаат навики и ритуали.

Утврдувањето на негативни навики и нивна замена со корисни е возможно и носи големи придобивки. Луѓето кои одлучуваат да усвојат добри навики имаат повеќе слободно време и се поздрави. Тие се чувствуваат исполнети, остварени и имаат повеќе јасност.

Постои начин да се препознае кои навики ни служат, а кои не. Во следниот текст ќе зборуваме за како да се оформи нова навика.

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин