Денеска ќе прочитате извадок од мојот мотивациски прирачник „За сечие дете“ во кој е накратко обработена темата СРЕЌА, не заради тоа што не треба многу да се зборува за неа, напротив, за да ве поттикнам да размислувате на таа тема, да ја осознаете сопствената дефиниција за среќата и да започнете да живеете во склад со неа.
За конечно да разјасниме дека секој од нас е индивидуа, дека секој знае што е најдобро за него и само за него, сакам да си позборуваме малку за среќата.
Се случило во едно кралство многу одамна. Кралот имал само една ќерка. Еден ден ќерката се разболела, кралот ги повикал најдобрите лекари што можел да ги најде, но никој од нив не успеал да ја излечи. Конечно ги повикал мудреците, а откако ја прегледале принцезата, му рекле:
– Има само еден лек за нејзината болест. Таа мора да носи кошула на среќен маж три дена, тоа ќе ја излечи. Донеси ни ја кошулата.
Кралот, пресреќен што конечно пронашле начин да ја излечат неговата ќерка, ги повикал своите четворица најдобри слуги и ги испратил на четирите страни на светот да го пребараат целото кралство за да најдат среќен човек и да ја донесат неговата кошула.
По некое време, првиот слуга се вратил, но без кошула:
– Отидов до крајот на вашето кралство и не успеав да најдам среќен човек.
После него се вратиле и вториот и третиот слуга, исто така, со празни раце, затоа што не можеле да најдат среќен човек.
Конечно се вратил и четвртиот слуга и кога кралот го прашал дали тој успеал, слугата му одговорил:
– Прашав насекаде и отидов во секој дом во потрага по некој кој бил среќен, но без никаква корист. И кога веќе бев уморен и подготвен да се вратам, ми кажаа дека во едно село на крајот на кралството има човек што живее покрај блиската река и е среќен. И навистина, кога се спуштив на реката, конечно го најдов, тој беше среќен човек.
И? праша кралот – ја донесе ли неговата кошула?
– Но, Ваше Височество, одговорил слугата – тој немаше кошула.
Дали и среќата, како и вкусовите, е нешто за што не треба да се зборува?
Дали е премногу индивидуална? Дали секој човек е среќен на поинаков начин?
Дали има толку дефиниции за среќа колку што има луѓе на планетава?
ДА, јас мислам ДА.
Често сакам да разговарам со пријателите и со клиентите за тоа што има поголема вредност, да си успешен или да си среќен? Разговорите траат до длабоко во ноќта… и секое гледиште е точно, сечиј став е точен, секој од нас само за себе си знае што за него има поголема вредност и која е неговата дефиниција за среќа или за успех.
Има уште една интересна тема на која сакам да полемизирам, а тоа е изреката: прво здравје, па се друго. Да, ја почитувам, навистина сметам дека здравјето е најголемиот дар и дека е најважно, но што е со среќата? Зар не биле здрави сите што не го преживеале „Титаник“? Биле здрави, добар дел од нив и богати – но, немале среќа. Повторно напоменувам, ова е мое гледање и доживување на работите, можете да се согласите, но тоа не е неопходно.
Би била СРЕЌНА кога би ги слушнала вашите коментари и размислувања, пишете ни слободно коментар или на мејл..