Кога се справуваш со болката што вашето дете има ментални и физички предизвици, често се чини дека не може ништо да направите за да се намали таа болка. Ова го знам затоа што и јас бев на истото место.
Но вистината е дека со малку труд и свесна намера, возможно е да го пренасочиме фокусот и да ја намалиме болката. Понекогаш доволно е само да ги окупирате мислите со работи кои се забавни и релаксирачки за вас. Има многу работи кои можете да ги направите.
Моето омилено: читање добра книга.
Читањето има многу бенефити. Како прво – забавно е. Можам цела страна да напишам за кои сензации ги чувствувам кога ќе земам книга во рака, и моментот кога почнувам да ја читам. Чувството е “едвај-чекање“ .
Докажано е дека читање книги има голем бенефит за менталното здравје. Тоа е како нежна терапија. Читањето го подобрува речникот и е едукативно. Помага да се намали стресот и да се подигне чувството на уживање. И исто така ја подобрува меморијата и ја стимулира имагинацијата.
Забавно е – ние воглавно од мали нозе уживаме во добра приказна. И конечно, една од најголемите бенефити на читањето е што помага да спиеме подобро.
Не се држете само до еден жанр. Има одлични комедии на располагање, новели, трилери, драма, позитивна психологија, мистерии, историски.
Можете да си изберете што ви се допаѓа во зависност од расположението.
Верувајте ми на збор дека книгите се одлична дистракција кога ќе дојдат тешки времиња.
Во текстот Седум совети за преживување подолг болнички престој со вашето дете, спомнав дека минатата година Јоана помина низ голема криза и беше шест недели на интензивна нега. Поголемиот дел од времето само спиеше. За шест недели прочитав преку десет книги. И тоа ми го заджа разумот. Од една страна ми го сврте вниманието на страна од грижата и стравот дали ќе преживее и ќе си дојде дома повторно, а од друга страна читајќи многу научив.
Слушање музика. И танцување.
Не морам ова многу да го објаснувам, или?:)
Музиката е задоволство, забава и храна за душата. Докажано е дека помага да се намали стрес хормонот кортизол. Обожавам да слушам музика. Ми помага да останам во добро расположение. Слушам музика додека готвам или чистам, дури и кога пишувам. И се разбира – и додека медитирам.
Јоана исто обожаваше да слуша музика. Одма може да се забележи како се релаксира и ужива во тие моменти.
Пуштете си музика и танцувајте. Уживајте во моментот?.
Вежбајте.
Некаде прочитав дека здравјето може да биде потполно бесплатно. Ако јадете балансирана храна, добро се справувате со стрес и вежбате телесни вежби, со тоа инвестирате во здравјето.
Лично, ова не го практикувам редовно, како на пример вежбање 12 месеци по ред. Ми доаѓа на периоди. Целта ми е да станам поредовна во оваа активност зошто искрено, не ми треба да читам научни докази за да знам колку многу бенефити ми носи вежбањето. Можам да почувствувам и направам разлика како ми е кога секој ден вежбам, а како кога не го правам тоа.
На пример, од почетокот на Јуни 2020 до Ноември вежбав редовно 30-40 минути на ден. И физички се чувствував одлично. Ми се зголеми енергијата, фокусот и концентрацијата за одредени задачи. И спиев подобро од претходно.
Вежбањето е одлично за развивање дисциплина, мотивација и почеток на денот во добро расположение. Ти дава некое наградувачко чувство слично како кога ќе се искачиш на некој планински врв.
Започнете проект.
Многу е корисно да влезете во некое ново искуство и започнете нешто ново. Јас имам правило дека секои 2-3 месеци морам да направам нешто што го правам за прв пат во животот. Тоа може да биде и најмала работа, како да посетам некое селце во близина што не сум го видела порано. Или започнување блог. Еднаш ѝ пишав на една личност, чие интервју го прочитав, дека сум импресионирана од нејзината личност и достигнувања. Денес со таа личност сме пријатели.
Можете да започнете некој онлајн курс во област за која немате едукација. Или, ако можете, отидете на два дена сами во град што не го познавате. Сплетете нешто или започнете да учите странски јазик.
Можам да продолжам уште и уште со идеи но прво треба да кажам нешто.
Можеби некому од вас ова му звучи како “аха, лесно е да кажеш“, или “полесно е да се каже отколку да се направи.“ Но, вистината е дека е возможно многу од наведените работи да се направат. Зошто да не?
Дали ќе ми кажете дека немате време за екстра активности, освен грижата за детето? Знаете дека тоа не е целосно точно.
Можеби поминувате низ тежок период, или сте во болница, или некоја од кризите се случува кога детето не спие со денови. Ако е така, тогаш точно е дека сега немате време да се занимавате со нови проекти и искуства. Но за среќа, тие периоди не траат вечно. Постепено работите повторно стануваат нормални и подносливи.
И кога тоа ќе се случи, бидете свесни дека ваш е изборот дали времето ќе го трошите на скролање по социјални мрежи или гледање ТВ серии. Или наместо тоа, ќе донесете избор да научите повеќе за себе.
Тоа ќе го постигнете со започнување нов проект, разгледување опции за некое ново хоби и пронаоѓање што е она што го сакате. Верувајте ми, ќе бидете изненадени.
Пред две и пол години прв пат во животот медитирав. Потоа започнав утринска рутина исто за прв пат. Потоа влегов во една фејсбук група со луѓе со кои размислуваме слично, и се осмелив да кажам “здраво“ и да се претставам со кратко видео. Тоа беше толку многу далеку од мојата комфор зона.
Потоа за прв пат се вклучив во онлајн курс за како од хоби до бизнис и како да ја откриеш својата страст и интереси. И потоа започнав фејсбук страница за прв пат. Држев коучинг сесии со клиенти за прв пат. И започнав блог на мојот вебсајт чии текстови ги читате веќе извесно време и кои служат како надеж и инспирација за многумина. Со ова сакам да ви кажам дека е прекрасно да истражувате различни аспекти од себе. Кој знае што може да произлезе од тоа?
Само малку да се навратам на коментарот за гледање ТВ серии. Јас сум прва во редот за гледање некој добар филм или серија. Моментално ја ре-изгледувам Шерлок Холмс. Ама го правам тоа само ако стигнам навечер, и само ако сите обврски сум си ги завршила без прокрастинирање. Нема штета да се забавувате малку и да поминете извесно време и на социјални мрежи, ако сте си ги поставиле приоритетите правилно. Откријте што е автентично за вас. Болката предизвикана од било што може да помине ако се приближиме кон нашето автентично јас.
Научете нова вештина
Може да ве одвлече од секојдневните грижи и да ви донесе забава. Можеби сакате да го пробате Paint by number. Или да научите нов јазик. Или да се запишете на курс за подобрување на вашите вештини за пишување. Или да научите да плетете – има еден куп туторијали на YouTube за ова. Или можеби ќе ви користи да научите да користите Canva. Никогаш не знаете кога тоа може да ви притреба. Следете ги вашите интереси и уживајте во учење нови работи.
Најмете coach.
Тука може да прочитате зошто. Темата на овој текст е Што можете да направите за да си ја намалите болката? Ова е еден од најефективните начини да надминете очај, лутина, тага, срам, себеобвинување, страв и да започнете да живеете живот полн со радост, оптимизам и среќа.
Низ годините лично работев со повеќе коучеви и тоа ми е една од најдобрите избори кои сум ги направила за себе. Тоа е како да си поклонуваш себе луксузен третман на личен развој кој носи одлични резултати.
Земете си слободна вечер.
Јавете им се на пријателите и излезете на пијачка. Ако сте посебни родители знам дека немате многу често можност за ова. Се’ ми е јасно.
Затоа е многу убаво кога ќе се случи нешто вакво, да се најдете со пријателите, да си поразговарате и малку да се забавувате. Една вечер со вашите пријатели ќе ви ја подигне енергијата и ќе направи да се чувствувате подобро.
Плачете.
Отпуштете ги отпорите. Некогаш ни треба да ги ослободиме емоциите и тоа е сосема во ред. Плачам кога ќе почувствувам потреба и немам проблем кога други плачат пред мене. Плачењето е добро. Тоа е расчистување на нашите емоции и ослободување на стресот. После плачење се чувствуваме и нашата енергија како да се префрлила на друго ниво.
Помогнете некому.
Има екстремно задоволство во тоа да помогнете некому. И е најбрз начин да се почувствувате енергично и едноставно – супер. Било да е тоа совет или правење друштво, или давање препорака за нешто или некој љубезен збор – не е важно. Кога им помагаме на другите, си помагаме себе си и затоа помагањето носи толку убаво чувство.
Ако сте во болка и се чувствувате безнадежно, не чекајте некое супер мега чудо да ве извлече кон подобро расположение.
Некаде на потсвесно ниво знаете дека и не чекате чуда, туку сакате да ги промените навиките од само чекање нешто да се случи. Знаете дека сакате да преземете акција. Еве пробајте некоја од овие работи и ќе видите колку ефикасни можете да бидете во подобрување на сопствената состојба.
Бидете благодарни за малите работи. Ако денес на пример ништо не ве заболе – бидете благодарни за тоа. Славете ги малите победи и ситуациите кога доживувате јасност за нешто или нова идеја. Благодарноста ќе ви донесе неверојатни работи во вашиот живот.
Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа е мајка на 6 годишната Јоана која има ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.