ЛичноПсихологија

Лично: „Што ќе се случува со менталното здравје после пандемијата?“

Текст на Розалија Секулоска, дел од тимот на разговор.мк

Везилка Магазин

 

Никој не ја знае иднината и тоа само по себе носи неизвесност. Живеењето во иднината уште повеќе ја зголемува неизвесноста и анксиозноста. Живеењето во минатото е карактеристично за депресијата и доколку е нешто блокирано, заглавено, необжалено. Но ајде да претпоставиме што би се случувало со менталното здравје по завршување на КОВИД пандемијата!

 

Пандемијата навистина трае многу долго. Таа самата по себе е траума и стрес, бидејќи е животно загрозувачка. Ситуацијата станува уште покомплицирана бидејќи трае скоро една година на глобално ниво, а немаме точна прогноза кога и како ќе заврши. Факт е дека на сите тешко ни дојде оваа промена, а особено на екстровертните луѓе (отворените). Тоа се оние кои обожаваат да се опкружени со луѓе и со случувања. Луѓето кои се мултитаскинг и извршуваат повеќе работи во исто време. Оние кои среќата и мирот го бараат надвор од домот, а не во него.

Едно нешто е заедничко за целото човештво. Врската меѓу неизвесната иднина и анксиозноста има голема поврзаност со депресијата. Моите предвидувања за тоа што ќе се случува со човековото ментално здравје во иднина и по завршување на КОВИДОТ е дека бројот на тагата, безнадежноста, депресијата и агресијата ќе бидат големи. Луѓето ќе тагуваат за сето она материјално и духовно што го загубиле. Особено тешко ќе им биде на оние кои загубиле драга личност и ќе мораат да ги поминат фазите на тагување и обжалување, кои отприлика траат околу една година. Револтот и агресијата ќе бидат попатни чувства кои можат да се интензивираат до видлива агресија насочена кон себе или надвор.

Сегашните намалени социјални контакти, одеднаш ќе можат да се реализираат со близина, без маска, без препреки на ограничен број на луѓе, место и време. Но, после толку долга депривација (немање на дразби), ќе се соочиме со еден нов, чуден феномен, на повторна социјализиација или ресоцијализиација на новонастанатите промени.

Народски кажано, ќе ни треба време да се навикнеме како беше тоа да зборуваш со некого, а да не си во неговата или тој во твојата интимна зона! Како е да го видиш неговото лице и да ја читаш невербалната мимика! Како е да се гушнеш! Поздравиш со гола рака, а да не стравуваш дека ако не се дезинфицираш ќе се разболиш, па можеби и умреш!

За овие врежани превентивни мерки кои траат долго време, ќе ни биде потребно уште подолго за да ги напуштиме со чувство на спокој и безбедност, дека е сѐ во ред. Дека повеќе нема потреба од стравување. Пандемијата е завршена. Во тој контекст данокот ќе дојде на виделина.  Анксиозноста, паничните напади и другите невротски состојби кои сега се во пораст, во иднина уште повеќе ќе го имаат акумулациониот ефект и ќе пукнат, а најмногу ќе дојдат до израз кога човекот веќе нема да има ментална сила да се бори или кога организмот ќе се олади,што се случува кога сѐ ќе биде во ред.

Од другата страна на менталното здравје се ОКД (опсесивно компулсивно растројство), кое има типична слика на постојано, безпотребно миење на рацете, облеката, предметите со кои сме во контакт. Екстремноста оди до тој степен што човекот се затвора во свој свет на чистота за да се заштити од непостоечки непријател-болеста, како и од бактериите, кои за него можат да бидат „фатални“ по живот. Тоа е впрочем најдлабоката црна мисла на ова растројство. Иако е лажна, за клиентот таа е толку силна и реална, што од неа не може да функционира.

Што ќе се случува со децата? Оние кои не почувствуваа како е да се седне во училишна клупа, оние на кои им се спречи одењето во училиште, со што се лишија од директен контакт со наставникот, другарчињата, учење на маневрите на препишување, стравот од ненаучената лекција, бришење на таблата, задевањето, формирањето на поддруштва во друштвото… Сите тие кои се долго време врзани со онлајн наставата на формалното образование, како и на останатите курсеви како неформално образование. Не само што очите и коскениот систем се на удар, туку и социо-емоционалната интелегенција. И тие, еден ден, ќе се изложат на нешто што заборавиле, а тоа е како да зборувам со другарчето, за што да зборувам, кои игри да ги играме, како да се доближиме ….

На целото човештво ќе му биде потребна ресоцијализиација и обновување на загубените контакти, начнување на теми за разговор кои не се поврзани со пандемијата,…Ќе треба од внатре да се свртиме кон надвор, а да се чувствуваме добро во својата кожа.

Што да правиме за да го заштитиме своето ментално здравје?

Додека сѐ уште трае оваа голгота, убаво би било да ги одржуваме контактите на било каков начин, преку најразните средства на технологијата, за да ја намалиме осаменоста и нивната загуба за кога ќе можеме слободно да комуницираме, да шетаме, да другаруваме.

Времето да го поминуваме со најсаканите и со оние со кои не е потребно да ѕиркаме во часовник за кога треба да се разделиме. Времето да го исполниме со хумористични серии, комедии, музика, уметност, креирање и сѐ што не е поврзано со пандемијата.

Спортот е добар антистрес. Има толку многу видови, како и начини како да се вежба со превенција, дома или сам во природа.

Доколку ова е малку и уште сега вашето ментално здравје трпи, доколку ви е потребен разговор, совет, оддишка, работата на себе со стручно лице како што е психолог/психотерапевт е одличен избор, сега и секогаш кога имате проблем кој едноставно не можете, или не умеете, да го надминете.

 

Мр психолог/сов.психотерапевт

Розалија Секулоска

Центар за личен и организациски развој “Трет Родител”

 

Разговор.мк е првата македонска онлајн платформа преку која можете анонимно да разговарате со професионални психолози. Со помош на нивната андроид мобилна апликација добивате едноставен, брз и анонимен пристап до професионални терапевти и советувачи.

Везилка Магазин

Напишете коментар