Еден од нашите најдобри диригенти, Маестро Оливер Балабурски, кој е роден и израснат во Скопје, во музиката влегол на своја десетгодишна возраст кога бил слушнат како ја пее „Пара берит киселец“ со чуварот Живко во фоајето на музичкото училиште, што му го означило текот на животот.
Иако зад себе веќе имал импресивна кариера како уметнички раководител и главен диригент во Македонската опера и балет, во 2004 година со сопругата Александра сепак одлучиле да го напуштат домот и Македонија и да започнат нова приказна во Канада. Борејќи се со чувствата кои ги носеле во себе, со новите услови и со непознатото и неприфатеното, скоро 17 години подоцна слободно можат да кажат дека мирот го најдоа во семејството, дека создадоа дом далеку од дома и дека пак живеат од и со музиката.
Во време на општа борба за опстанок и најголемо пропаѓање на уметноста поради пандемијата, господинот Балабурски за Везилка ни раскажа за своето секојдневие во Канада, животното патешествие и ширењето на љубовта преку нивното приватно музичко школо.
Родени сте и израснати во Скопје. Таму завршивте основно музичко, на коешто се запишавте на 10 години, иако максималната граница била 8, откако професорот Драгомански ве чул како ја пеете „Пара берит киселец“ со чуварот Живко во фоајето. Свесен ли бевте за отстапувањето кое се направило за Вас и дали тоа Ви беше еден вид потврда за талентот кој го поседувате?
Оливер: Не, воопшто. Во тоа време воопшто не размислував за тоа. Беше сосема природно за мене да бидам во тоа училиште. Понатаму и заборавив за тоа што таа случка претставува, но од оваа дистанца мислам дека го протврдува фактот дека нема граница кога може да се изучува музика. Треба да се има желба, многу труд и талент. По тој редослед.
На часовите по хорско диригирање во средно училиште за прв добивте желба диригенството да Ви биде животна професија, но патот до таму имал неколку скршнувања. Како дојде до моментот во трета година од студиите да се запишете во прва година на студиите по диригирање?
Оливер: Идејата се крчкаше долго време. Мојата иницијална желба беше да запишам композиција и диригирање заедно уште во прва година, но ми беше кажано дека тоа е невозможно бидејќи е многу тешко да се студираат двата смера одеднаш. Не сум сигурен дека беа во право, но направив како што ме посоветуваа.
Имаше корист да се поминат две години на смерот за Музичка теорија и педагогија, но тоа придонесе и да ја напуштам идејата за композиција. Многу перипетии, различни влијанија направија диригирањето да биде конечната одлука. Всушност сметам дека беше добра одлука бидејќи, еве по повеќе години, се навратив на таа активност.
Во 1999 година заминавте за Лондон, каде во Кралскиот Музички Колеџ во Лондон ја добивте стипендијата Norman Del Mar Junior Fellowship во диригенство. По враќањето во Македонија па сѐ до 2004 година бевте уметнички директор на МОБ, како и главен диригент. Колку ве промени животот во Лондон и дали тоа ви беше еден вид на поттик во 2004 година со сопругата Александра да заминете за Канада?
Оливер: Да појаснам, уметнички раководител бев до скоро 2003 година. Престојот во Лондон ги збогати моите перцепции за животот воопшто, посебно за музичкиот свет. Имаше доста моменти кои сметав дека се позитивни и така влијаеа на мене. Имаше и од оние кои беа карактеристични за менталитетот на британскиот човек и не беа блиски за мене, но беше добро да се искусат и отфрлат како такви.
Не би рекол дека престојот таму беше некаков значаен поттик, можеби повеќе беше искуство и ни даде храброст да заминеме во една целосно непозната средина. Во Велика Британија бевме со привремена виза, лимитирани права и неизвесност; во Канада со сосема поинаков статус.
Иако секој почеток од нула е тежок, може да се каже дека е уште потежок за оние кои на некое друго место, пред преселбата, веќе имале изградено своја кариера. Добивање на локално искуство без локално искуство е скоро па и невозможно. Која беше личноста која го прекрши тој магичен круг за Вас и ви подаде рака кога никој не сакаше ни да разговара за Вашите способности?
Оливер: Претпоставувам дека тоа правило на маѓепсан круг е и во другите земји и е доста проблематичен, но не е невозможен да се пробие. Треба да се биде доста упорен, да се верува во идеајата што ја имате и шансата ќе дојде. Скоро секаде каде што се обидовме со сопругата да најдеме работа, тоа беше проблем.
Работите се сменија кога еден колега, музичар, кој ми е сега многу добар пријател, ми даде шанса да почнам да работам во неговото штотуку отворено музичко училиште. Откако заврши кратката аудиција и интервју, ме запраша дали сум сигурен дека со моето искуство и знаење би сакал да работам работа што е на доста пониско ниво, во смисол на работа со почетници. Не требаше долго да размислувам, веднаш прифатив и таму работев во следните 10 години заедно со Александра.
Во 2008 година, со поддршка од сопругата, запишувате магистерски студии на факултетот за музика на Универзитетот во Торонто. Мислевте ли дека тоа ќе биде еден од начините да најдете контакти во музичките и уметнички канадски кругови или сакавте само да го исполнете она „локално искуство или образование“ за да можете конечно да блеснете, како што заслужувате?
Оливер: Секако дека мислев. Пред тоа се обидов во една релативно приватна мала компанија и имав сериозно лошо искуство. Според она што го гледав наоколу сфатив дека некои индустрии се поврзани преку едукативните институции.
Згора на тоа, професорот во моментот што работеше на факултетот, беше високо ценет диригент школуван во Виена во времето на создавањето на најдобрите диригенти во Австрија. Знаењето, контактите и воопшто апсорбирањето на знаењето од него и останатите професори беа многу важни за мене. Дури и после тоа, имаше борба за пронаоѓање на вистинското место низ многу аудиции. Таа борба продолжува.
Во неодамнешно интервју изјавивте дека уметноста во Канада не е воопшто ценета. Како некој кој живее во држава на Комонвелтот (*Австралија) можам да потврдам дека е така и дека таа игнорантност и строга поврзаност со профитабилноста на музиката и уметноста започнува од многу мали нозе, уште од основно училиште. Што Ви беше потешко да прифатите во тие услови – фактот дека не ви беше дадена шанса да се покажете кои сте или фактот дека тоа што сте не се цени колку што треба?
Оливер: Едното е поврзано со другото. Никогаш не можете да знаете што бара една организација. За жал, не е секогаш квалитетот. Мислам дека профитот диктира како човек им е потребен.
Некогаш, и за жал тоа е евидентно во некои избори, изборот е само затоа што тој одговара на мала група на луѓе. Дали и како ќе соработува, дали ќе донесе пари, каков однос ќе има со јавноста, што е многу важно, но не и најважно. Така се создава медиокритетска уметност.
Смртта на родителите Ви беше еден од потешките периоди во животот. Преселбата во Канада, почетните борби и докажувања, и сега пандемијата, која на вас музичарите се чини дека ви одзеде најмногу, Ви се дел од животните осцилации. Како се враќате во „нормала“? Што научивте од овие болки и колку се променивте низ годините?
Оливер: Како и секој, станувате посериозен за многу нешта во животот. Тоа што се обидувам да не го изменам е да го уживам секој момент со моето семејство, да бидам свесен за сериозноста на ситуацијата, но притоа да не живеам во страв. Ми се потврдија вистинските вредности во животот.
Предизвици има, и ќе има. Тоа е нормално, и покрај тоа што гледаме дека има повеќе разбирања за тоа што е „нормално“. За мене најважно е моето семејство, луѓето и уметноста. Сѐ друго треба да е во служба на овие работи, не обратно.
Maestro Music Centre е Вашето домашно музичко студио кое го водите заедно со сопругата Александра. Како дојдовте до идејата да започнете еден ваков проект и дали истиот, покрај слободата да работите кога и колку сакате, Ви дава можност и за послободно музичко изразување и дејствување, настрана од сите фондови, буџети и калкулирани профити?
Оливер: Идејата беше на Александра и таа го води тој бизнис. Јас ѝ помагам и се разбира имам студенти. Идејата беше да се започне нешто што знаеме да го работиме добро од кое во иднина ќе имаме егзистенција. Сега за сега е добро, со одредени предизвици во ова лудо време.
Водењето на музичко студио не дава многу можности за некое специфично музичко изразување, но покрај таа активост работиме заедно на подготовка на музички дела за во иднина кога сѐ ќе се врати во нормала.
„Има надеж“ (Ваше 13-14 минутно инструментално дело) е посветено на домородното население во Бери. Преку него велите дека сте сакале да го прикажете страдањето на локалното население при инвазијата на нивната земја. Изјавивте дека ова го доживевте лично затоа што ја почувствувавте поврзаноста со македонскиот народ. Дали мислите дека овие чувства се појавуваат и интензивираат кога уметникот ќе ја напушти сопствената земја?
Оливер: “BAGOSENIM” на Mnjikaning/Rama дијалект значи токму тоа ” Има надеж”. Не сум сигурен, можеби се интензивираат. Можеби тоа се случива незабележително. Кај мене секогаш биле исти, особено затоа што родителите на Александра и нивните претци доаѓаат од Егејска Македонија и бидејќи, за жал, секогаш, откако почнав да разбирам нешто од политиката за Македонија, сме биле под некаков притисок од некого. Ќе видиме како тоа ќе оди и до кога.
Кога треба да готвите, за што прво се фаќате и колку ве „опуштаат“ поправките околу домот?
Оливер: Чијабата ми е последниот специјалитет. Некако правењето леб, кифлички, ѓеврек има посебно влијание на мене. Не зборувам за последиците од јадење на истите. Претпоставувам како и секој друг, усовршувањето на скарата и важен момент, додуша и имам бајалдито излезе одлично последниот пат.
А за поправките, не сум сигурен. Во лимитирана количина се добри. Во куќа има постојано нешто да се прави.
Сте размислувале ли некогаш, доколку не бевте диригент, што друго би биле?
Оливер: Секако. Сите други професии заработуваат подобро, но ни една не е толку убава како музиката. Задоволството на крајот од завршената работа е најважно. Не знам како е во другите професии, но за оваа знам дека чувството е возвишено.
Што значи Македонија за Вас?
Оливер: Ова прашање е тешко да се одговори, а да нема политичка конотација во ова време. Ќе се обидам да ви одговорам. Значи татковина, мајковина, корени, секогаш моја, топлина, убавина, прекрасни луѓе. Моите деца, и покрај тоа што се родени во Канада, самите, без наше влијание, се изјаснуваат дека се Македонци.