Македонецот и морето

Македонецот и морето | Бахами – местото што ме клекна на колена

Везилка Магазин

 

Во претходниот текст напишав дека имам посетено многу места, но неколку од нив ми се најомилени и блиски до срцето. Едно од тие места се Бахамските острови за коишто имам посебна приказна што ќе ви ја раскажам во текстот што следува. Веќе напоменав дека Бахамите ме клекнаа на колена, но што мислам точно со тоа, ќе образложам подоцна.

Како и кога стигнав на Бахамите?

Искрено не се сеќавам на точни датуми, но сум сигурен дека првиот пат кога ги посетив Бахамите беше некаде 2001/2002 година и тоа беше мојот прв договор на бродот “Century”.  Се сеќавам беше утро и работев за појадок, а бродовите секогаш пристигнуваат во пристаништата рано наутро. Беше околу 6:30 часот кога бродот се приближуваше до островот и пристаништето, излегов на палубата и останав со подотворена уста…..!! Си реков во себе „WOW, зарем е ова вистинско?!“ Погледнете ја оваа глетка, фантастично, зарем не?

Едноставна, прекрасна глетка на мали островчиња, тиркизна вода, мали чудесни куќички и во блиската далечина еден прекрасен хотел. Тој хотел, или поточно ресорт, е еден од најпознатите и најубавите во светот – Атлантис. Сигурно некој од вас слушнал за него или пак сте го виделе на телевизија или социјалните мрежи, и ако некогаш имате шанса да го посетите – најтопло ви го препорачувам.

Но за мене, тој ден остана само една убава глетка, бидејќи бев на смена и немав можност да излезам од бродот, што морам да признаам беше разочарувачки, па првата посета на Атлантис беше mission impossible и остана само на глетка и воздишки. Сепак, и покрај сѐ, знаев дека еден ден ќе имам шанса да излезам и да ги видам убавините на Бахамите.

Генерално, времето надвор од бродот ни е секогаш многу ограничено и буквално е невозможно да се шета со саати…излегував во близина на пристаништата на едно пиво со другарите, малку шопинг, но и на околни плажи. За жал, тоа никогаш не се случи на Бахамите, бидејќи бродот од таму секогаш заминуваше во 13-14:00 часот, време кога јас завршував со работа.

И така, изминаа многу години и Бахамите останаа единственото место коешто не можев подетално да го посетам и доживеам.

По нецели 10 години, во 2012 година се вработив во “Royal Caribbean” и за прв пат се качив на бродот „Allure of the Seas“, кој беше најголемиот брод на свет со капацитет од 6400 гости и 2300 вработени….цел град!

Работев како Executive Sous Chef или заменик шеф на кујна, што морам да признаам, беше голема привилегија. Со оваа позиција имав и одредени бенефиции, а една од нив беше што можев да си го земам семејството и пријателите на крстарења со мене 90 дена во годината. Во тој период сѐ уште немав семејство, но имав една прекрасна личност, која и ден денес е до мене, и ја имам честа да ми е сопруга.

Веќе неколку години бевме заедно со Дани и секоја разделба ни беше тешка, па решив да ја поканам на седумдневно крстарење од Мајами и околу Карибите за да ја ублажиме болката…истовремено сакав да го споделам мојот сон со неа и имав потреба да види што точно работам на брод.

Со мојата покана визата ѝ беше одобрена без проблем и планот за крстарење започна полека да се одмотува. И така, Дани возбудена, јас уште повеќе бидејќи се ближеше моментот на повторна прегратка после неколку месеци…за „жал“, не знаеше што ја чека и каков романтичен план имав!

Го информирав мојот претпоставен дека ќе дојде мојата девојка и му кажав за мојата намера, па побарав слободен ден таа недела кога Дани требаше да дојде на брод. Претпоставувате за кое место го земав слободниот ден, нели? Да, за Бахамите! Познавајќи ја сопругата колку е голем љубител на песочни плажи и море, решив да ја однесам во Атлантис, поточно Paradise island, за заедно да го доживееме мојот долгогодишен сон.

И така започна приказната…

Кога пристигнавме таму буквално останавме без зборови. Искрено, таа убавина може да се доживее само ако го посетите тоа место, а јас ќе пробам да ви го доловам преку моите фотографии.

Откако го прошетавме хотелот, се упативме кон плажата со желба да се капеме во морето. Водата беше, како да ви кажам…се сместивме на лежалките и ја повлеков Дани за рака со намера „да видиме дали е ладна водата“ 🙂

И така, шетајќи се по прекрасната плажа, од нигде никаде извадив прстен од џебот, клекнав на колена и го поставив она познато прашање „Ќе се омажиш ли за мене?”…

На ова мислев кога реков „Бахамите ме клекнаа на колена“ – 12.11.2012

Неверојатно колку имав трема и бев возбуден во тој момент, но и сега, додека го пишувам текстов, ми се тресат рацете…за моја среќа, а и за да не стане храна за ајкули, кажа ДА!

Љубов, емоции, солзи – моментот стана уште поубав кога еден господин од плажата почна да ме довикува да појдам кај него. Отидов да видам зошто ме вика, мислев дека е некој од бродот. Кога стигнав до него ми ја покажа неговата камера и како, спонтано фотографирајќи го неговиот син, го фатил чинот на запросување! Целиот момент доловен во фотографиии – можев ли да посакам нешто повеќе??

Дента уживавме на плажата, па се вративме на бродот на романтична вечера со фантастична храна и вино…од следниот ден јас продолжив со работа, а Дани уживаше во сите привилегии што ваков брод може да ги понуди. Седумте дена поминаа како во сон и набрзо следуваше повторна разделба, но овој пат малку поинаква – нашата љубов стана појака и веќе не постоеше сила што можеше да нѐ запре во нашите планови. Беше прекрасна и романтична ноемвриска недела..

Тука морам да напоменам дека тоа не беше наш прв и последен пат да ги видиме Бахамите. Следниот пат кога ги посетивме беше на нашиот меден месец – да да, се вративме на местото на злосторството! Тие неколку часа не ни беа доволни да го доживееме целосно рајот, заради што решивме и нашиот меден месец да го поминеме на Бахамите, што ни донесе уште едно фантастично и незаборавно искуство.

Продолжува….Каде ќе ве носам следно?

 

Со љубов од мојата кујна

 

Медитеранска салата со мус од авокадо, кралски ракчиња, октопод и коктел сос со димена пиперка.

 

Виктор Настески е Executive Chef на еден од најголемите бродови за крстарење на светот – „Британиа“, и можеби единствен Македонец кој некогаш ја држел оваа висока позиција. Овој вљубеник во патувања од најмали нозе, со заминувањето на брод во 2001 година го означил почетокот на своето децениско патувачко патешествие низ најпознатите светски дестинации, истовремено доразвивајќи го и својот готвачки талент.

Во текот на овие две децении Виктор има поминато над 100 земји и 300 градови и подготвено над 1 милион оброци. Настески можете да го следите на неговиот Инстаграм и Фејсбук профил, како и веб страна.

Везилка Магазин