Искрено, не знам од каде да почнам….толку долго сум по морињава и толку места имам посетено, што не знам за кое да почнам прво да пишувам, а дополнително што е скоро невозможно да се опишат тие места со неколку реченици. Толку се прекрасни и фантастични, што за некои од нив треба да напишам книги за тоа како тоа ги имам доживено…
Но, зошто токму морето?
Отсекогаш имав желба да патувам низ светот. Работата на брод тој период беше единствената опција, плус што ми се јави потреба за нов предизвик во животот. Имав солидна работа во Македонија, но едноставно не ме исполнуваше – ми беше монотоно и досадно, па си реков „Виктор, ако не пробаш нема да знаеш како е, нели?“. Ризикот некогаш се исплати, а некогаш не, но јас тогаш сепак решив да го преземам, па сите пари што ги имав заштедено за четирите години работа во Скопје ги дадов за авионска карта до Мајами и провизија за агенцијата која посредуваше за работа на брод.
Искрено, гледајќи кај сум сега, ова е мојата најдобра инвестиција во животот. Се спакував, се качив на авион и правец Мајами, Флорида…
Како тинејџер, гледајќи многу филмови на сателитска, за прв пат дознав за Мајами и Флорида. Во тоа време имаше една серија Miami Vice и уште од тогаш тие места ми станаа животна желба за посета. Кога го добив договорот за работа и видов дека Мајами ми е првата дестинација, си реков во себе “Yup, dreams really do come true if you believe in them”.
И така, започна мојата приказна со патувањето и морето, first stop Miami…. Бев премногу возбуден, прв пат во авион (мајко мила, и ден денес имам страв од летање, а веќе 21 година летам…) Кога слетав во Мајами и се сместив во хотелот не чекав ни секунда, се пресоблеков и веднаш излегов надвор. Хотелот беше сместен на 10 минути одење од плажата и самиот град. Тука беше и кошаркарската сала на Мајами Хит (American Airlines Arena), а јас, како голем вљубеник во спортот, во тоа време страстено гледав НБА и една од моите желби беше да присуствувам на еден напревар….што понатаму се оствари, бев на два натпревара!
Поминав покрај салата и се упатив директно на плажа. Не бев спремен за капење, но едноставно морав да го почувствувам мирисот на морето, тропскиот воздух, гужвата, улиците покрај плажата, музиката и оној момент на “Living the American dream”. Огромни облакодери, чисти и уредни улици, насмеани луѓе, раздвижен град…буквално баш како што беше прикажан на филмовите.
И верувале или не, ама уште во тој момент се заљубив во местото и сѐ уште е едно од моите омилени дестинации. И ден денес ми тлее желбата да се преселам и живеам во Мајами, се надевам ќе се исполни! Ова беше јуни месец, далечната 2001 година, и мојот прв договор.
Во 2019 година со семејството поминавме два и пол месеци во Мајами, и тоа беше едно фантастично искуство. Можам да пишувам до сабајле што сѐ направив за тие неколку часа, ама вистината е дека ги искористив максимално. Се вратив во хотелот и следниот ден заминав на работа…толку беше од „американскиот сон“, следуваше hell’s kitchen.
Од 1 јуни 2001 година започнаа моите патувања околу светот и пловења по морињата. Во периодот од тогаш до денес ги имам прошетано сите континенти (освен Антарктика) и околу 100 држави и 300 градови низ светот.
Најомилено место?
Уф, ова за мене е многу тежок избор, бидејки ги имам многу, ама навистина многу! Ќе набројам неколку, а подетално ќе пишувам за повеќето од нив во рамките на овие патописни репортажи.
Бора Бора, Сејшели, Хаваи, Малдиви, Бахами (местото кое ме клекна на колена), Шангај, Бали, Токио, Хонг Конг, Рио и Бразил, Сиднеј, Египет, Индија, Рим и Барселона, и многу, многу други…..
Бора Бора (дел од островите на Француската Полинезија) ќе ја ставам горе на врвот, поради фактот што на ова место времето е застанато….барем јас кога бев. Што мислам со „застанало времето“: едноставно нема гужви, големи згради, автомобили, големи и бучни улици. Ова место, кога јас го посетив, немаше ни пристаниште и бродот се закотвуваше со сидро, па со мали бротчиња се стигнуваше до мало таканаречено пристаниште. Од таму со такси се упативме на плажата – патувавме по тесна улица баш покрај самото море. Погледот и патот до плажата беше фантастичен….
За Бора Бора прв пат слушнав кога почнав да работам на брод, пред тоа немав поим дека постои вакво место. Кога стигнавме на плажата останав со подзината уста, верувајте, таква боја на море нема никаде…….тиркизно сина, да ти е милина да се удавиш… Искрено, за мене во светот не постои подобро море од тоа на Бора Бора. Плажата не беше толку урбанизирана, но во тоа беше убавината и моментот дека времето тука застанало…!
Тука владееше буквална тишина која беше прекршувана само од звукот на брановите…..едноставно невидено.
Бахами……..to be continued.
Со љубов од мојата кујна
Valentines Irish Cream Baked Cheese Cake
Состојки: Филаделфија крем сирење, путер, јајца, шеќер, пире од јагоди, Грахам бисквити
Виктор Настески е Executive Chef на еден од најголемите бродови за крстарење на светот – „Британиа“, и можеби единствен Македонец кој некогаш ја држел оваа висока позиција. Овој вљубеник во патувања од најмали нозе, со заминувањето на брод во 2001 година го означил почетокот на своето децениско патувачко патешествие низ најпознатите светски дестинации, истовремено доразвивајќи го и својот готвачки талент.
Во текот на овие две децении Виктор има поминато над 100 земји и 300 градови и подготвено над 1 милион оброци. Настески можете да го следите на неговиот Инстаграм и Фејсбук профил, како и веб страна.