МакедонијаРепортажи

„Македонија од горе“ – патување какво до сега не сте искусиле

Петар Аврамоски нѐ носи на едно прекрасно воздушно патување низ Македонија

Везилка Магазин

Можеби во моментов немаме можност да ја посетиме Македонија, но тоа не значи дека виртуелно не можеме да уживаме во нејзините убавини!

Петар Аврамовски, графички дизајнер, фотограф и видео продуцент од Скопје, посветил една цела година, многу труд и уште толку љубов, за да скоцка едно прекрасно видео патување од птичја перспектива низ Македонија, што беше повод да го контактираме за да ни каже нешто повеќе околу мотивот да создаде едно вакво дело, кој сѐ беше до него во тие моменти и дали има случки кои ќе ги памети.

 

Откријте ја Македонија како никогаш до сега

 

Macedonia from above  e eдно спектакуларно воздушно патување низ Македонија од перспектива невидена до сега. Од живописниот главен град Скопје, па сѐ до највиските врвови на Шар Планина. Ќе посетиме долини и реки, средновековни тврдини, кањони и езера. Овде се многу места, скриени како скапоцени камења, што ќе ви дадат чувство на слобода и уживање.

Ова е тоа што ја дефинира Македонија во очите на секој патувач или локалец, но сепак е само мал фрагмент од сите тие места.

Петар ни кажа:

„Идејата зад видеото е желбата да ја прикажам Македонија од една поинаква перспектива, како што досега не е видена. Отсекогаш птичјата перспектива и погледот од горе е нешто што ме воодушевувало, а со достапноста на дроновите тоа и ми се овозможи. Јас бев навистина изненаден колку поубаво и поразлично изгледа Македонија од небо!

Инспирацијата за ваквиот концепт ја добив следејќи ги National Geographic  и нивната емисија „Europe from Above” и се решив да собирам материјали со мојот дрон за да направам едно такво видео. Процесот на прибирање и снимање вакви материјали започна пред една година кога го набавив мојот дрон и се одвиваше додека патувавав на разни места во Македонија, некои од нив дури и јас за прв пат ги посетував.

Во видеото се прикажани само мал дел од сите убавини со кои располага Македонија, поточно само 25 локации, започнувајќи од Скопје и околината, Македониумот во Крушево, автентичниот мост во с.Зович, Маркови кули со Прилеп итн. Нормално, за следното видео идејата е да бидат вклучени и други убави места кои вредат да се посетат и видат.

На целата оваа авантура бев секогаш во придружба на мои другари и пријатели со кои често одевме на планинарење и кампување, а неизоставен придружник ми беше мојата девојка која и ми помагаше во целиот овој процес.

Би рекол дека немаше некоја конкретна случка што отскокнува, освен неколкуте „close calls” на дронот со околни предмети и нормално збунетоста на луѓето во околината кога го полетувам дронот кои најпрвин мислат дека се пчели.“

Уживајте во ова необично патување низ Македонија!

 

 

 

Везилка Магазин