Во март оваа година, пет Македонки распослани низ светот заедно со Везилка Магазинот спроведоа анонимна анкета за животот и предизвиците со кои се соочува една Македонка во рамките на своето живеење во странство.
Анкетата е спроведена електронски, во периодот од 8 март до 8 април 2021 година. Вклучени се 407 македонски иселенички, од сите осум плански региони, иселени во периодот од 1984 до 2021 година, кои живеат во 41 држава во светот.
Со истражувањето се третира прашањето за можностите за интеграција на македонските иселенички во новата средина, можноста за професионален развој и родовата дискриминација во новата држава. Опфатени се четири главни теми: работен статус и кариера на македонската иселеничка; емиграција, можности и предизвици; дискриминација и родова рамноправност и родово и семејно насилство.
Податоците покажуваат дека македонската иселеничка е генерално високообразована и говори повеќе јазици, коишто го олеснуваат основниот предуслов за интеграција во новата средина. На повеќе од 60 % од испитаничките, преселбата им ги подобрила шансите за вработување. Така, 61 % од испитаничките се вработени со целосно работно време (кој пораснал за 10 % по иселувањето), а на 85 % им се зголемиле личните примања со преселбата.
Сепак, 58% од испитаничките се на неменаџерска позиција, а само 10 % се на висока менаџерска позиција.
Трите основи по кои Македонките почувствувале некаква манифестација на родова нееднаквост на своја кожа, и пред и по иселувањето, се при вработување, нееднаква плата за ист труд и нееднакви можности за напредок во кариерата, со тоа што процентите се пониски по иселувањето. Помал е бројот на иселенички кои доживеале семејно насилство по преселувањето, а таквото насилство повеќе се пријавува во странство.
Намаленото лично чувство на среќа и загрозеното ментално здравје биле најистакнатите негативни ефекти од пандемијата врз македонските иселенички. Конечно, додека 80 % од иселеничките веруваат дека феминизмот се залага за рамноправност на мажите и жените, околу 67 % себеси се сметаат за феминистки.
Пандемијата со ковид 19 претставува дополнителен фактор во зголемувањето на јазот помеѓу мажите и жените, генерално, и помеѓу жените иселенички и локалните жени. Македонската иселеничка не е исклучок. За неа, намаленото лично чувство на среќа и загрозеното ментално здравје биле најистакнатите негативни ефекти на пандемијата.
Целосниот извештај е достапен на следниот линк.
Авторки:
Јосипа Ризанкоска – Лондон
Елена Спасовска – Аделаид
Ирена Трајковска – Сиднеј
Александра Спасеска – Скопје
Николина Ризанкоска-Антеска – Скопје
Дизајн на корица: Марија Конеска.
Добитнички на книгата „Испразнето гнездо“ од авторката Марија Конеска:
- Ема Брунет
- Славица Петровски
- Марија Василијадовска