ИнтервјуаНие низ светотУспешни бизнис приказни

Марија Баришин Luce: “Сфатив дека никаде не припаѓам и дека е тоа сосема во ред”

Интервју со Марија Баришин Luce, сопственик на BilboBags од Нов Зеланд

Везилка Магазин

Барајќи ја својата припадност во овој свет, Марија Баришин Luce прошетала по 3 континенти, за на крај конечно да се пронајде себеси во Нов Зеланд и да сфати дека потрагата всушност никогаш и немала географска придавка.

Екстремно интелегентна, своја и уникатна, Марија никогаш не сакала да биде дел од општоприфатените стандарди, напротив. Тие кои ја знаат, знаат и колкава страст носи за борбата против неправдите и дека истите ги води секогаш до крај, без разлика на последиците врз нејзината реалност.

После многу години во академскиот свет, пред еден месец Марија за прв пат започна свој бизнис проект – RingBags, онлајн продавница за квалитетни и уникатни торби, кои ги продава низ целиот свет, проект кој вели дека го започнала за да не мора да се потчинува на присилни авторитети.

 

Што мислеше, тогаш деветнаесет годишната Марија, дека ќе најде во Амстердам, а истото го немаше во Скопје?

 

Јас сум дете на Макпетролци, и двајцата беа на убави позиции. Во тоа време Макпетрол беше фирма која имаше добра репутација во која вработените се заштитени и многу убаво платени.

Многу често слушав коментари како јас не морам за ништо да се грижам затоа што ме чека работа во Макпетрол. Се чувствував дека целиот живот ми е испланиран без воопшто да направам било каков напор или донесам било каква одлука.

 

Марија со родителите на крштевката на синот Мартин – приватна архива

 

Од Амстердам во Монтреал – друга држава, друг континент, по само 2 години. Кој беше главниот мотив?

 

Во Монтреал, поточно во гратче покрај МТЛ, бев на студентска размена на Бишопс Универзитетот пратена од Амстердамското Школо за Бизнис. Веќе при првите колоквиуми, каде просекот од 9 ми падна на 6, сфатив колку е овој универзитет потежок и останав затоа што сакав да научам и затоа што ми беше предизвик.

 

Марија во Амстердам 2001 – приватна архива

 

Дипломираше во Монтреал, па се пресели во Калгари. Колку време остана таму и какви спомени носиш од тој период?

 

Јас сакам да сум на факултет и не бев многу среќна кога дипломирав. Единствената работа која ја најдов беше како маркетинг асистент во старт ап кој работеше со уметници и занаетчии. Во Калгари бев само 6 месеци и беше интересно, споро и релаксирано.

Средниот Запад е свој и многу различен и од Пацифичкиот Запад, а посебно различен од Истокот. Таму се чувствува таа каубојска и често нафташка култура која е многу различна од нашата. За жал, компанијата пропадна и останав без работа и морав да се вратам дома. Тогаш, на 22 години, Калгари ми беше досаден, сега на 40 сосема би ми пријал.

 

Марија во Отава 2002 – приватна архива

 

Се врати во Скопје и во 2008 година магистрираше на Американ колеџ. Во меѓувреме стана и самохрана мајка на син, кој го доби од неофицијална врска. Какви беа реакциите на околината?

 

Јас имам став кој не морам да го изговорам, но кој многу јасно се гледа и чувствува, а тоа е дека не дозволувам душобрижници да ми се мешаат во ништо. Ретко барам совети, а веројатно уште поретко ги слушам, што е и дарба, но и клетва.

Околината во Македонија си ја знаеме, но за среќа истата околина веќе ме знаеше како ексцентрична личност со свој пат во животот и иако верувам дека позади грб се` и сешто се зборувало, до мене речиси ништо не стигна. Баш онака како што ми одговараше и се` уште ми одговара.

 

Со синот на парадата на гордоста во Скопје – приватна архива

 

Со сопругот Сајмон се запознавте на Тиндер, кога тој беше во мисијата на КФОР во Косово, а ти во Скопје. Очигледно оваа приказна заврши убаво, но какво беше твоето генерално искуство со оваа апликација за состанување? Имаш ли некои необични случки?

 

Тоа лето 2016, бев на одмор во Вурвуру со моите и со син ми Мартин и од пуста досада го симнав Тиндер да видам што е целата бука. Кога си дојдовме во Скопје, се запознав само со двајца момци странци на поминување, со кои испив по едно кафе.

На Сајмон му пратив срце и после некоја недела дена добив нотификација дека сме match… потоа едно добра недела дена не ми пиша. Јас обично пишував прва, ама овој пат решив да не пишам.

 

Марија и Сајмон во Sirmione, Италија – приватна архива

 

Една вечер ете ти го. Почнавме муабет и не престанавме цела вечер, и следниот ден, и следната вечер и следниот ден, за следната вечер да се видиме. Дојде до Сити Мол, пиевме кафе кое траеше едно пет саати. Недела дена потоа, тој најде стан во Скопје, се пресели и секој ден патуваше по саат и пол во еден правец да оди на работа и назад, само за да биде со мене. Останатото е историја.

Што се однесува до Тиндер, мислам дека е супер апликација која може да донесе и многу убави пријателства, не само секс за една вечер, врска или брак. Го инсталирав пред некој месец/два затоа што Сајмон и Мартин играа игрици и ме игнорираа и иако пишав дека не барам ништо освен пријателства, добив еден куп matches… и создадов пријатели кои ни се заеднички сега, и мои и на Сајмон.

 

Марија во матично 2018 – приватна архива

 

Во 2018 со сопругот решавате да се преселите во неговата родна земја – Нов Зеланд. Се вработи  како предавач на Унитек Институтот за технологија, но налета на неправда и го напушти тоа работно место. Што се случи?

 

Јас имам голем проблем со присилни авторитети. Налетав баш на таква деканка. Работното време ми го дефинираше до минута, што е непоимливо за академска работа. Ми бараше да работам по 12 саати секој понеделник без некоја потреба или логика.

Но има и нешто друго што не ме бендиса. Системот е различен од американскиот, креативноста тукуречи ја нема, бирократијата е не само присутна, туку и доста комплицирана и просторот за одлучување, дури и во своите предмети, е минимален. Со други зборови, сето тоа што јас го сакам во академската работа, тука е елиминирано.

 

Марија за Први Мај – приватна архива

 

Твојот прв бизнис проект RingBags, кој го започна пред неполн месец, е сублимат на сѐ она што си го учела и предавала низ годините. Колку се теоријата и праксата усогласени, кога станува збор за вакви бизнис проекти, и што ти беше најголемиот предизвик во фазата на планирање на истиот?

 

Јас имам докторат по организациско однесување, со други зборови, како единките се однесуваат во рамките на еден колектив. Она што најдобро ми оди е регрутирање и делегирање.

Секако познавањето на макретинг многу помогна, но јас сум баксуз кој почнува дигитален бизнис и учи дигитален маркетинг, а завршив факултет во 2003, неколку години пред тоа да се предава и воопшто да се смета како можност.

 

RingBags

 

Преселбата во Нов Зеланд беше единствената во твојот живот која ја направи со дете. Колку беше лесно да се снаоѓаш сама, на другиот крај на светот?

 

Тоа беше најтешката одлука од сите. Како со дете, каде, како со школо, кое школо, кое маало, дали маалото е во зона на доброто школо, дали деца играат надвор како во Влае, дали има тетовски грав, а качамак?

Баба и дедо ги нема, не само за помош, туку и за љубов и како круцијален дел од неговото растење. За среќа се` си се уклопи некако глатко, а и Мартин на своите тогаш 9, сега скоро 11 години, е многу прилагодлива личност.

 

Синот Мартин во Нов Зеланд – приватна архива

 

Четири места на живеење во неколку години. Кое ти донесе најмногу среќа и внатрешен мир, од денешен аспект?

 

Може ќе звучи како клише, но секое место ми донесе среќа, доживувања и животни лекции кои ми беа потребни во тие периоди на животот.

 

Марија во Јамајка 2012 – приватна архива

 

Што е бескомпромисно за тебе и твоето битие?

 

Да се остане бескомпромисно свој и никогаш да не се отстапува од основните лични вредности и идеали.

 

Марија како Титов пионер 1987 – приватна архива

 

Гледано од надвор – како би го опишала својот живот во Македонија и дали можеш да замислиш повторно да живееш таму?

 

Во Македонија стагнирав од секој аспект. Тонев и знаев дека ако останам ќе станам очајна и тешка личност. Од секогаш им завидував на оние кои барем однадвор изгледаат како да се среќни во Македонија и кои припаѓаат.

Најголемата борба, откако знам за себе, беше борбата да припаѓам, се додека еден ден не сфатив дека јас едноставно не припаѓам и тоа е во ред и треба да се носам со тоа. Сега конечно припаѓам! Но тоа не е географска одредница, тоа е припаѓање на себеси.

 

Везилка Магазин