Разно

Марија Дибаџио ги соедини Македонците од целиот свет во реновирање на куќата на медената Атиџе

Везилка Магазин

Кога во септември минатата година, Марија Дибаџио (нејзиното интервју за Везилка можете да го прочитате тука) изразила желба за својот роденден да ја запознае Атиџе Муратова, главниот лик од документарниот филм „Медена земја“, не ни помислила дека таа средба ќе донесе нешто многу повеќе и за двете.

 

 

По првата средба со Атиџе и првичниот увид во трошната куќа во која живеела, Марија и нејзиниот сопруг Маурисио одлучиле да започнат GoFundMe проект за собирање финансиски средства со коишто првично сакале да го реновираат уништениот покрив. Но, како што обично и бидува, текот на настаните се променил и во меѓувреме друг го реновирал покривот. Тогаш се донело одлука средствата да се пренаменат во реновирање на целата куќа, надвор и внатре, и за само 19 дена, медената Атиџе добила нов лик на својот дом!

 

 

За како поминал целиот процес и со кои предизвици се судриле во тој период, сакавме да дознаеме од прва рака со организаторот и повторно разговаравме со Марија.

 

Зошто баш Атиџе?

 

Марија: Летово бев со скршена нога во Македонија и додека ме возеше на физиотерапија секој втор ден, маж ми Маурисио ме праша што сакам оваа година за роденден. Реков Би сакала да ја запознаам и гушнам Атиџе затоа што „Медена земја“ го гледав во Њујорк претходната година и ме направи толку горда на својата земја што искрено посакав да ја запознаам штом би имала шанса.

Тргнавме со вклучена навигација до местото Дурфулија за да ја најдеме , меѓутоа не беше таму, па го замолив човекот што работеше во локалната продавничка да ми јави кога ќе е тука за да ја запознаам, да не доаѓам со скршена нога секој ден.

Така и се случи, за два дена се вратив назад и се запознавме т.е кога ја запознаваш Атиџе мислиш ја знаеш цел живот. Енергија која ја шири не се опишува со зборови. Знаев дека живее со минимални примања и услови и ѝ ветив декаќе се потрудам да ја организирам дијаспората да ѝ дадеме нешто на кое ќе се сеќава.

 

Така се роди идејата за отварање сметка на GoFundMe.

 

Беше ли тешко, преку донации, да се стигне до посакуваниот износ?

 

Марија: Ова е моја прва иницијатива преку отварање сметка и искрено се надевам последна, затоа што не сакам да носам толкава одговорност, но интересно е што требаше да го поправаме покривот, а не куќата, па онаа сума од 5.000 долари ја ставив затоа што сметав дека е сосема во ред за таа намена.

Сепак, не предвидов дека во меѓувреме ќе ѝ го реновираат покривот, па на нас ни остана големиот дел, а тоа е целата куќа, од која се ронеа цели камења…

 

Како беше на терен, за колку време ја реновиравте куќата?

 

Марија: Куќата целосно, надвор и внатре, со купени и најмали детали, ја реновиравме за 19 дена турбо работа. Мајсторите неколку дена ги возев јас два саати во еден правец и ги чекав во Дурфулија, а во меѓувреме со Атиџе купувавме градежен материјал.

Понекогаш доаѓав дома капната и уморна најмногу од поради патот и долгото возење, но сакав сѐ да ѝ биде средено, кога веќе е започнато.

 

Секојдневно ги оставаше душата и телото на терен и крајот е сигурно восхитувачки, но што е она што измачува и “исцедува” во еден ваков проект?

 

Марија: Јас сум човек перфекционист и кога се вложувам не се штедам. Најмногу ме погодуваа моментите кога Атиџе ќе ме видеше со тетратката и калкулациите за што, како и дали ќе имам доволно пари, ќе ми речеше- Марија, не се секирај, колку се може толку, една соба – една соба , јас сум благодарна и на ова. Таа знаеше дека немам доволно средства за сѐ што сакав да направам, ама со помош на донации во последната недела и помошта на дечките од градежната фирма „Калин градба“, кои неуморно работеа и без пари и наместија под, плочки и прозорец во ВЦ-то, успеав да купам сѐ.

Најдраг момент ми беше кога ѝ купив звучник и микрофон и почна да пее. Тоа е нештото што ми остави впечаток и во филмот, кога се радуваше како мало дете кога радио станица ќе фатеше во Бекирлија и затоа ми е најдраг подарок за неа.

Јас знам дека се дадов целосно за ова и затоа успеавме да ѝ овозможиме многу повеќе од само реновирање на фасадата. Буквално успеавме да ја направиме куќата од стара трошна во топол дом.

Луѓето кои ме поддржаа со донации знаеја дека се давам целосно , но и јас сакав да возвратам со истата почит кон нив и затоа на куќата на Атиџе е поставена табла со натпис:

„Куќата е целосно реновирана со парите донирани од хумани луѓе од целиот свет преку GoFundMe. Ова е наше заедничко дело- Атиџе е наша гордост и хероина. Со љубов за Атиџе“

Марија со сопругот Маурисио пред куќата на Атиџе – приватна архива
Везилка Магазин