Кога освен твојот роден град, единствената друга опција за живот ти е Загреб, тогаш изборот е многу лесен. Пакувањето на куферите, возбудата од непознатото и дилемите за идниот живот, не ја предомислија Марија Крстевска, сопственичка на СДИ Американски Плакари од Скопје, да го продолжи своето животно патешествие во Хрватска.
Наоѓајќи се на крстопат после разводот, Марија решила дека е време за нова страница во животот, и заедно со ќеркичката Мила, веќе 4 години го гради својот нов животен пат во Загреб – град кој од секогаш ѝ бил втора, и единствена, опција за живот, после Скопје.
Упорна, мила, позитивна и борбена, оваа мајка докажа дека невозможното е возможно, ако доволно силно го сонуваш.
Скоро целиот свој живот го помина во Скопје, за пред нецели 4 години да се преселите со ќерката Мила во Загреб. Зошто баш таму, зошто баш тогаш?
– Промените и предизвиците што ни ги носи животот не секогаш доаѓаат кога ние самите посакуваме. Пред 4 години животот ми донесе една промена. Самохрана мајка на 4 годишна ќерка.
Наместо да одберам опција и да се прашувам што, како и зошто, одбрав предизвик: одиме во нова авантура со Мила. Таа авантура се викаше Загреб.
Загреб не е случајно свиткано ливче во сад со други ливчиња со име на градови и одбрано,туку една детска фантазија: Еден ден, ако живеам на некое друго место, тоа ќе биде Загреб. Честите патувања и посети на овој град, неговата посебна магија, културата, убавините на Хрватска…секоја наша следна средба допринесоа да се склопи се`.

Како самохрана мајка, што ти беше најтешко на почетокот во новата средина?
– Не тргнав со мислата дека ќе ми биде тешко за нештата кои ги оставам тука, туку дека само ќе ми фалат. Имав огромна трема. Нов дом, нова средина, ново маало, нови соседи …. Мозокот ми работеше 100 на саат, 24/7 за да ги склопам коцките до најситниот детал.
Јас сум мајка. До себе веќе имав нешто за кое едноставно морав да продолжам да се борам. Во еден таков момент Вие како мајка се ставате на страна и единствено што ви е важно е како на едно дете најлесно да му го доловите моментот на една ваква промена во неговиот живот.

Давате се` од себе во едно детско главче да вметнете одговори и да ја задоволите неговата детска радозналост кога ќе ве избомбардира со милион прашања:
„А што ќе правиме таму? Има ли љуљашки како кај нас дома? А моите играчки? Ќе има таму детска соба? А …“
– Да љубов ! Таму, во нашиот (нов) дом ќе има СЕ` !
Колку се Хрватите отворени за дојденци?
Искрено, наидов на многу разбирање, топлина, љубезност и истрајност. Голем удел имаше мојот говор со македонски акцент (одма ме уловуваа дека не сум нивна хахах) Следеше нормално прашање од каде сте, имате некој чуден ама симпатичен акцент.
– Да имам. Од Скопје. Македонија.

Тој акцент будеше спомени кај нив од војска, дружби, познанства, пријателка, пријател, до нашето македонско вино, македонската кујна, гостопримливоста… Секоја врата на која чукнав – градинка, школо, државна институција, банка – наидов на одговор или решение, со насмевка.
Во Загреб го продолжи семејниот бизнис од Македонија – СДИ Американски Плакари. Колку време ти требаше да го научиш пазарот, и колкава е разликата помеѓу пазарите?
Да. Во Скопје успешно веќе 20 години функционира семејниот бизнис СДИ Американски Плакари. Јас сум дел од таа приказна веќе 15 години.
Љубовта и целиот предизвик што ги носи оваа работа – проектирање на простор и остварување на желбите на нашите клиенти, презентациите, секојдневната комуникација со нив, големиот број на стекнати пријателства кои траат и до ден денеска – водеа во правец да ја продолжам таа љубов и во Загреб.

Скоро две години се правеа анализи, барање на простор, подготовки како се` тоа би функционирало, како и учење на пазарот, за да еве денес, после скоро цела година, успешно да се скоцка и продолжи и тука СДИ брендот. Нормално се работи за поголем пазар, но кога нешто работите долго време и пред се` работите нешто што ве исполнува и прави среќен, нема место за ништо друго, освен успех.
Која грешка ти е најмила во животот, и што научи од истата?
– Можеби тоа што лесно се врзував за луѓето, бев отворена и верував на сите. Лекција која ме научи денес да знам кој е искрен, а кој лажен пријател.

Еднаш месечно патуваш за Скопје. Кој и што ти недостига најмногу од твојот роден град?
– Скопје е мојата прва љубов. Си го сакам Скопје. Скопје е моето полнење на батерии. Еднаш месечно се потсетувам на таа љубов и навиките што ги имав таму.
Ми фали утринското еспресо во Жапон на Рузвелтова. Симит погачата од турска чаршија. Мирисот на липите во пролет. Ми фалат вечерните седенките и смеата со Ди, Сјуз и Ане во кафанчињата низ Дебар Маало.

Нема живот без љубов. Каде е сконцентрирана твојата секој ден?
Секој има свое лудило. Моето е во Скопје.
Ако не беше Загреб, дали ќе беше Скопје, или некое сосема трето место?
– Мислам дека Загреб секогаш ќе беше единствената опција, освен Скопје.

Што посакуваш ќерката Мила да научи од тебе?
– Првенствено да биде своја. Да размислува со своја глава. Секогаш кога ќе наиде на пречка во животот, смело да знае да ја надмине.
Да ги почитува луѓето. Да биде упорна и истрајна во се` што ќе посака да исполни. Да биде среќна со секој предизвик што ѝ го носи животот понатаму. Да успеам да ѝ го пренесам се` она што моите родители ме научија за она што сум јас денес.
И да. Најбитно е да биде човек.
