ИнтервјуаУспешни бизнис приказни

Марија Соколоска: „Љубовта кон самата себе е најголема кога излегол белегот од душата“

Интервју со Марија Соколоска, нутриционист и специјалист за диети за жени од Лондон

Везилка Магазин

Трансформацијата на Марија Соколоска, нутриционист за жени од Лондон, во периодот на изолација мотивираше илјадници жени во Македонија и низ светот, и преку својата програма Eat the rainbow и ФБ страна MSWeightlossClinic стана поим за движење за здрав живот.

Отворена, искрена, непоколеблива и храбра, пред 9 години Марија ја започна сопствената борба со килограмите и себе-прифаќањето, и од тогаш нејзиниот личен развој оди само по нагорна линија. Хуманитарец во душа, скршена но сепак целосна, за Везилка зборуваше интимно за своите стравови, желби, борби и успеси.

 

Марија Соколоска – приватна архива

 

Родена си на Мала Богородица, во Кочани, па од тука и името Марија. Чувана дома до 8 месеци, за една прошетка да ти го измени животот и ликот. Што ти се случи?

 

Родена сум на Богородица, и како што велам јас – родена сум со име, па кумот немал многу избор освен да ме крстат Марија. Си го сакам името, дури и Мара кога ме викаат…долги години не сакав да ја откријам и раскажам мојата реална приказна, некои ја знааат, некои не ми ни веруваат. Пред неколку месеци, за време на екот на ковид, бев принудена (или може така требаше да  дојде моментот),  јавно да ја раскажам. Сега веќе ја пишувам и во форма на книга, а еве дојде ред и за Везилка да ја раскажам.

Родена сум како здраво, право бебе од 3 килограми. Кога сум се родила се` било во најдобар ред, здравствена состојба одлична. До мои 12 години не ја знаев вистината, се` додека еден ден не побарав од мајка ми да ми ја раскаже.

 

Марија на својот втор роденден – приватна архива

 

Се` се случило пред точно 39 години, на еден убав сончев ден, кога мајка ми излегла да ме прошета, после 8 месеци затворена дома за никој да не ме гледа. Кога ја прашав зошто ме чуваше од светот, ми одговори дека пред моето раѓање имала уште една ќерка која умрела од некоја болест. Заради таа траума, кога се родив јас, мојата мајка одлучила да ме чува во стаклено ѕвоно, се` до тој ден. Цели 8 месеци дома.

Тој ден го викам судбоносен….

Први мај, мајка ми се решава да ме прошета и покаже на светот, без никаков план. Поминала во четири куќи кај луѓе кои сакала да ги посети, но сите ја одбиле заради обврски, па на крај се решава да оди кај нејзината најдобра другарка. Може кафе? – неизбежно прашање согласно традицијата, но наместо кафе, таа става врела вода во ѓезвето и во момент кој засекогаш ќе го означи моето битие, наместо во филџанот, го истура врз моето минијатурно тело, на лицето и горниот дел најмногу…

 

Слики насликани од Марија – приватна архива

 

Од тој момент јас не се ни познавам поинаква…единствено што знам е дека носам лузни цел мој живот. Во еден момент ги носев и на телото и на душата, а сега само на телото.

 

На што се сеќаваш најмногу од своето најрано детство?

 

Моето детство имаше и убави и лоши моменти. Во основа бев многу хиперактивно дете, секогаш насмеано, дружељубиво..Се сеќавам на најубавите детски игри, што за жал сега веке ги снемува, се сеќавам на мојата наставничка која многу ме сакаше и ме заштитуваше… се сеќавам на болниците и ходниците..

Се сеќавам и на моменти од кои се` уште носам емотивни лузни, како оние кога децата ме потурнуваа и ме прашуваа зошто сум таква… се сеќавам на градот мој најубав…. ми недостасуваат пријателствата од детството, иако многу од нив останаа цврсти и никогаш не се прекинаа.

 

 

Себе-прифаќањето е можеби најтешкиот чекор кој секој човек може да го направи. Дали и кога ти се прифати целосно себеси?

 

Дали сум се прифатила? Интересно прашање…

Можам да кажам дека ДА, но ќе ве излажам ако речам дека е тоа 100% и целосно. Не знам зошто, но секогаш мислам дека можам да бидам подобра верзија од себе.

Престанав со сите оперативни зафати и се засакав. Сфатив дека треба да бидам тоа што сум моментално, но не престанав да трагам и по подобро . ЉУБОВТА КОН САМАТА СЕБЕ Е НАЈГОЛЕМА КОГА ИЗЛЕГОЛ БЕЛЕГОТ ОД ДУШАТА…

 

 

Мене ми останаа само белезите на физичкото тело кои ги засакав и прифатив како дел од мене, бидејќи сфатив дека тие ме направиле посебна за да го одам овој пат и да дојдам до овде кај што сум. Често си го поставувам тоа прашање: „А кај сум?“, и одговорот е секогаш ист – „Во моментот кај што и треба да бидам – ТУКА, жива, здрава и среќна.“

 

Израсна во Кочани, студии во Софија, се омажи во Прилеп, и желбата за лична промена те однесе во Лондон, каде и живееш последните 12 години. Во кој од овие животни периоди најмногу порасна и се разви како личност?

 

Јас сакам да патувам низ животот и тоа и го правам. Мојата мајка вели „Ќе се најде ли место на планетата кај што ке застанеш ?“

Сега сум во Лондон, но не знам каде ќе бидам понатаму во мојот живот… Секој период и секое место на живеење ми донесе личен развој. Доколку сакаш да напредуваш и имаш желба за развој, тоа можеш секаде да го направиш.

 

Марија Соколоска – приватна архива

 

Јас живеав во Кочани до мои 18 години, таму се стекнав со основно и средно образование, а потоа заминав во Бугарија каде студирав и дипломирав. По студиите се преселив во Прилеп бидејќи го запознав сопругот, па се омажив таму и создадовме семејство, но потоа отидовме во Лондон и се` уште сме тука. Каде ќе завршам – не знам, но секое место ме изградило на начин свој, посебен…

 

Заради проблемот со изгореници по целото тело и физичката попреченост, килограмите за кратко време ти станаа проблем. Кој беше пресудниот момент кога стана и рече „Од денес менувам се`, од денес се менувам ЈАС“?

 

Јас почнував секој понеделник, секој први во месецот, секоја Нова Година…. Така правев со години, се` до еден момент кога тежината почна да му пречи, не само на физичкиот изглед, туку и моето здравје, најмногу на менталното, бидејќи дебелината ме правеше несреќна и не ми дозволуваше да се прифатам..

Имав дома едно огледало што со години го мразев, а ми стоеше, и се` уште стои, во ходникот на излезната врата, и еден ден, септември месец, пред 7 години, кога се погледнав, се исплашив не можејќи да се препознаам. Тоа не бев Јас, тоа не беше Марија која сакав да бидам.

 

Марија по една од многуте операции – приватна архива

 

Седнав и почнав да размислувам – „Сега можам, немам физичка попреченост, јас МОЖАМ да ослабнам“ и ВО ТОЈ МОМЕНТ донесов одлука која беше само почеток на мојата трансформација. Тргнав по пат кој не беше воопшто едноставен и лесен, но се движев со истрајност и борбеност и пробував да ја најдам радоста во секој момент од тоа патешествие.

 

Кога човек прави храбар чекор за промена, Универзумот ги реди коцките, па така и кај тебе – по посетата во теретана, тргна на нутриционистички курс, па следеа сертификати и други курсеви, за сега да имаш диплома за петти степен на напреден нутриционизам специјализиран само за жени. Колку ова твое искуство ја постави основата на твојата програма Eat the rainbow и на она што следеше?

 

Храбрите луге , среќата ги прати … добро рековте, Универзумот ги поклопи коцките … Јас тргнав по патот да слабееам за себе, сакав да се надминам себе си и да создадам здрави навики за да се одржам во живот и ментално и физички. Но за да можеме тоа да го оствариме не е потребна само храброст. Поставив цел, ставив реални очекувања , пробав се`, се консултирав со луѓе, учев, истражував…

Поминував низ различни осцилации , процесот беше долг и морам да признаам – не беше воопшто лесен. Во мене се раѓаше нова личност, нова Марија која беше во борба со старата. Се` додека не ја пораснав Новата, се судрив со многу предизвици и поминав многу потешкотии, но сепак успеав.

 

Марија пред трансформацијата – приватна архива

 

Поминувајки низ целиот тој личен процес, студирајќи и проучувајќи, сакав и барав начин да им го олеснам патот на жените, за да направам нешто кое ќе може да ги донесе до посакуваните резултати, а да биде лесно, едноставно и долготрајно .

Поставувајќи си многу прашања на самата себе, со одговорите сакав да најдам правилно решение за да го склопам во еден метод, и така настана EAT THE RAINBOW:

  • Да имаат храна што сакаат да ја јадат, со цел програмата да може да се прилагоди на нивниот живот, ненаметната и без рестрикции
  • Да можат да ја готват и припремаат како што сакаат, да уживаат без тешки рецепти и целосна слобода во модифицирањето
  • Да составам чај кој ќе им помогне во процесот
  • Да им овозможам лесен процес за да издржат
  • Да најдам начин како да ги мотивирам за да останат до крај, а со тоа да стекнат и здрави навики
  • Да не гладуваат и да не рипаат од диета на диета со јо-јо ефекти
  • Да можат да слабеат и без многу физичка активност

 

Марија Соколоска и Eat The Rainbow програмот – приватна архива

 

Така и направив. Сега сите што се во процесот со мене, јадат 80 проценти од храната што ја сакаат, работиме со специјални програми, прилагодуваме работни обврски со исхраната, конзумираат по 5 оброци дневно, не гладуваат и навистина сите уживаат, а јас најмногу со нив .

Кога ги гледам како им се враќа самодовербата, како се сликаат и велат „Овие алишта не сум ги носела од девојче“, кога кажуваат дека се полни со енергија … ТОА ме прави среќна. Многу често низ смеа им велам „На мене толку време ми требаше, за на вас да ви е најлесно сега. Јас го пронајдов клучот со кој вие самите ќе го отклучите вашето тело.“

 

Стана и мотивациски говорник, комбинирајќи ги двете страсти за да им помогнеш на жените кои се борат со вишокот на килограми. Од твое досегашно искуство, што мислиш дека е најтешко во оваа борба?

 

Мотивацијата е најголем и прв фактор да се почне процесот, но и да се остане постојано мотивиран е тешко за жената, бидејки многу често иако мотивирана, заради многу фактори се откажува и пак почнува, и така во круг.  Затоа сега пишувам книга која ке биде прва  во Македнија, а целта е како да се измотивираме и останеме истрајни на нашиот одбран пат.

 

 

Во неа ќе можат да ја откријат и тајната на тоа како да останеме доследни на себе, бидејќи многу од нив креваат раце . Од моето искуство, како и од специјалните програми за ментално водство кои ги завршив тука во Лондон, дефинитивно најтешкиот дел е да го одржуваш клиентот мотивиран, па затоа јас се борам заедно со килограмите на моите клиентки, преку разни техники одржувајќи ги цврсти во процесот.

Често им напоменувам „Инвестираш ВО себе, не на себе“; ние жените поминуваме низ многу фази во животот – од станување мајка, до менопаузи, хормонални дисбаласи итн. Телото ни се трасформира и менува, и доколку го оставиме така, ризикуваме да си ја изгубиме женственоста.

Инвестицијата во себе е најдоброто нешто што можете да го направите! Секогаш одберете ивестиција во тело, дух и енергија, наместо во скапи алишта кои само ќе стојат и ќе ни ја замаскираат потсвеста… Најтешкото во издржувањето во процесот е менталната борба со самите себе, поставувањето на нереални цели и големите очекувања.

 

 

Колку Лондон ги исполни твоите очекувања, и кога би дошол момент за преселба, каде на друго место би можела да живееш?

 

Лондон е прекрасен град, во кој дојдов за да направам некои реконструктивни операции кои во Македонија, за жал, не можев да ги направам. Многу сум среќна што успеав тоа да го решам, и сега сум тука и сум задоволна иако тежнеам кон татковината, најмногу заради храната бидејќи ние имаме СЕ` и се можеме да произведеме заради таа географска положба.

Сакам да живеам и покрај море…можеби би се преселила во некоја земја кај што има морско крајбрежје, но сега приоритет ми е ќерката Леона, па заради училиштето и нејзините скоро тинејџерски години, не можам да си дозволам исполнување на оваа желба. Но сигурна сум дека нема да останам во Лондон засекогаш, ќе барам место под ова сонце на друг дел од планетата…

 

 

Што го исполнува твоето битие?

 

Има во животот работи кои сакаш да ги правиш за материјална добивка, а има и такви кои сакаш да ги правиш за духовно исполнување. Сакам да правам хуманитарни работи бидејќи така си ја полнам мојата душа, помагајќи на некого да ја наполни својата, чуствувам дека примам и давам љубов, и тоа безусловна.

За време на корона, додека сите бевме исплашени, поривот да помагам излезе од мене, сакав сите да се сплотиме и да испуштаме позитивни вибрации. Тоа и го направивме, и не постои нешто на светот што можеше да ме направи посреќна од тие жени тогаш, нивните приказни, нивните резултати…

Тоа беше Љубов … И ќе ја паметам засекогаш. Им Благодарам.

 

Што ти паѓа прво на памет кога ќе се спомене Македонија?

 

Македонија , мојата мајка која е таму… пријателите кои останаа , храната ….

 

Марија со мајка ѝ во Скопје – приватна архива
Везилка Магазин