На седумнаесет години во Лос Анџелес, на 18 на „Беркли“ колеџот во Бостон, на 22 соло турнеја низ Европа – Германија, Чешка, Словачка, Унгарија. Денес живее во Лајпциг, Германија, и неодамна беше македонскиот претставник за Songs for world peace со песната „Розеви неба“.
Оваа прекрасна девојка е родена во Охрид и уште на 14 годишна возраст започнала со создавање на музика. Свири на гитара и пијано, обожава да готви, да танцува и да чита книги. Ја интересира психологијата и негата на лице, ја привршува Animal crossing на Nintendo Switch и едвај чека да заврши пандемијата за да дружи, зошто, како вели: „Екстроверт како мене, се храни со социјализација и поминување време со луѓе“.
Со Мартина Блажеска разговаравме за времето поминато надвор од домот и за тоа како се развиваше и адаптираше нејзината личност низ годините.
Како ѝ беше на 17 годишната Мартина кога во 2013 година го напушти домот во Македонија и замина на школување во средно музичко училиште во Лос Анџелес?
– Бев исполнета со надеж, нетрпение и среќа. Објективно гледано тоа е тешка одлука, но чувството на сигурност дека е правилна беше тоа што ми дозволи да го направам тој чекор без никакво двоумење. Заминувањето толку далеку е можеби еден од најважните моменти во мојот живот, одлука која го промени мојот живот засекогаш. Тоа што моите родители несебично ме поддржаа со полно срце, ми даде уште поголема сила за сè што следуваше.

Колку се чувствуваше безбедно, со оглед на фактот дека беше тинејџерка и сама во твој свет, и колку ти недостигаа родителите?
– Многу често луѓето околу мене ми го поставуваат тоа прашање и секогаш ме потсетува на нешто што ми беше непознато како поим. Бев силно убедена во чекорите што ги превземав и за мене беа толку сигурни и правилни, што во ниеден момент не почувствував дека мојата безбедност би била во прашање.
Како тинејџер бев буквално “fearless” и тоа ми дозволи да се втурнам во непознатото. Моите родители и мојот брат ми недостигаа секојдневно, но благодарение на социјалните мрежи, бев во континуиран контакт со нив, што беше олеснителна околност.

Колеџот Беркли во Бостон беше твојот следен чекор и цел за освојување. Што ти недостигаше од Лос Анџелес, а што те освои во Бостон?
– Во Лос Анџелес бев релативно кратко а во Бостон ме освои Беркли. 🙂 Колеџот што за мене беше “dream school” е единствена причина што беше баш Бостон од сите градови. Потоа кога започнав со студиите и го запознав градот, комплетно се заљубив во него. Прекрасно место што го чувствував како вистински дом.

Забави, љубови, музика, дружења – колку беше дел од сето тоа низ студентските денови?
– Тоа беше голем дел од мојот студентски живот, беше баш онака како што е прикажано на Холивудските филмови. Првите две години беа подеднакво поделени на студирање и забава. Запознав многу луѓе и конекции што прераснаа во преубави другарства. Како студенти на музика наоѓавме секакви начини за забава, што вистински оставија печат на тој период од мојот живот.

Која ти беше омилена активност за време на живеењето во Америка?
– Дефинитивно секојдневното пешачење низ Бостон. Активно го истражував и успеав да го запознам секое ќоше на градот, што уште повеќе ме привлече да уживам во мојот живот таму. Пешачење со преку 10,000 чекори дневно беше дел од нормала. Градот е толку посебен што постојано те прави да се чувствуваш како да треба да поминеш што е можно повеќе време низ неговите улици.

Каде се` се претстави со соло турнејата после студиите низ Европа и како те порасна тоа искуство?
– Соло турнејата во 2018 ја започнав со околу 7 градови во Германија а потоа и во дел од остатокот од Европа како Чешка, Унгарија, Словачка и тн. Беше многу интересно искуство, затоа што за прв пат свирев за многу луѓе од многу различни градови и земји кои за прв пат имаа можност да ме запознаат како артист во живо.
Ми претставуваше и голема одговорност, затоа што настапи во живо се една посебна вештина што можеш да ја совладаш само доколку континуирано ја практикуваш.

Зошто Германија, од цел свет?
– Германија затоа што тука имав најмногу професионални музички конекции. Исто е култура која мене многу ми одговара и култура што многу сакав да ја доживеам. Па дозволив авантурата да ме понесе и да ме донесе да живеам тука. Освен тоа, ми се допаѓа и тоа што сум поблиску до моето семејство и цела Европа ми е баш на дланка.

Што беше инспирацијата за првиот албум „World on a string“?
– World on a String е како мала колекција од песни кои претставуваат одреден период од мојот музички прогрес. Албумот го креирав со желба моите слушатели да слушнат во кои ситлови на музика најмногу се пронаоѓам и низ кои правци се движам како музичар.
Низ годините пишував многу песни и ги одбрав оние неколку кои најмногу ме одбележуваат и ги направив да бидат дел од едно. Сите звучат посебно и имаат различен призвук но претставуваат подеднакво важен музички дел од мене.

Танцувањето, до пред објавата на „Розеви неба“, беше твојот скриен талент. Книгите ти се секојдневие, исто така, а во последно и игрите на Nintendo Switch. Што ти носи најмногу радост?
– Најмногу радост ми носи пронаоѓањето моменти во секојдневието што ми будат чувство на возбуда за самото постоење. Чувствувањето живост и активирањето на сите сетила ми дозволуваат да го уживам голем дел од времето што го поминувам со моите хобија. Кога човек ќе си дозволи да живее во хармонија, тогаш скоро сите работи знаат да донесат радост.
Што значи да се биде затворен во домот, за еден екстроверт како тебе?
– Вистински ми недостасува да бидам низ луѓе затоа што тоа ми носи среќа и ме прави да се чувствувам позитивно. Чувствувам како дел од мене да недостасува, но ова време на карантин има и свои позитивни страни. На пример, можам комплетно да се фокусирам на мојата музика и креативна визија со вистински помалку дистракции од обично.

Што прво помислуваш кога ќе се спомене Македонија?
– Кога ќе се спомене Македонија, најпрво помислувам на храната која е дефиниција за органски вкус. А потоа на целото изобилство природа која е магична.