„Кога сакате нешто, целиот универзум се залага да ви помогне да го постигнете тоа!“ Познатата мисла на Коелјо ја водела и Македонката Матеа Киселичка. Целосно посветувајќи му се на современиот танц, отворила нови хоризонти и сега својата приказна ја гради како универзитетска професорка во Кина.
Како се остваруваат желбите? Како се тагува по татковината кога се радува на Кина? Матеа Киселички за „Везилка“.

Како се сонува на кинески?
Матеа: Моите соништа моментално се пренасочија во една поинаква, современо економска супер-моќна земја, кои полека, но сигурно се реализираат. Не е едноставно да ги адаптираш соништата, да се избориш, да се пронајдеш и да застанеш стабилно на свои нозе во еден нов непознат свет.

Да се научи и прифати нивниот менталитет, манири, навики, начин на живеење е навистина голем предизвик.
Велат-светот на уметноста не познава физички граници. Колку беше едноставно да се свие гнездото на Матеа во Кина? Зошто баш Кина?
Матеа: Во Кина дојдов како дел од програмата за размена помеѓу Универзитетот Гоце Делчев – Штип, (каде предавав како доцент на катедрата за современ танц) и Конзерваториумот за музика Зеџијанг – Хангџо, Кина.
По препорака од мојата менторка Рисима Рисимкин заминав како соодветен универзитетски професор од Македонија во оваа размена, каде по завршувањето на краткиот престој ми се понуди можност да останам и да потпишам работен договор на определено работно време.

Во моментов работам како универзитетски професор по современ танц на истоимениот Конзерваториум. По една година создавање свое гнездо во Кина, можам да кажам дека нештата стануваат веќе поедноставни. На самиот почеток зборот „едноставно“ го заменив со неговиот антоним, бидејќи со сѐ што се соочив во тој период немаше доза на едноставност.
Благодарение на гостопримството, позитивниот начин со кој ме прифатија колегите и студентите и прекрасната работна атмосфера, веќе чувствувам дека припаѓам тука.

Резултат на тоа се успесите кои ги нижевме со студентите во изминатиов период како: соло-перформансот кој го создадов за моја студентка кој се прикажа на најпрестижниот танцов натпревар во Кина, “TAOLI Cup – Dance Competation” и долго вечерното кореографското дело “JAE – Just About Everyone”, претставено на Фестивалот за музика и танц во Конзерваториумот за музика Зеџијанг – Хангџо, кој е соработка помеѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа – China-CEEC Music and Dance Festival, каде на моја покана музиката ја создаде Холандската композиторката и пијанистка Сара Замбони, која моментално работи на Кралскиот Конзерваториум во Хаг, Холандија.

Голем предизвик е да се работи со студентите тука, а посебно сум горда што имав можност да ја поставам базата на техниката на движење на некои од паралелките кои беа прва година на Конзерваториумот, каде сеуште работам со нив и продолжувам да ја пренесувам суштината на современиот танц и неговата примена денес.

Тука фокусот е насочен кон кинеските класични и традиционални танци, а моја цел е да го разбудам интересот на студентите и кон современиот танц, со желба да се развиваат и како современи танчари, педагози или кореографи во иднина и најмногу ме радува што успевам во тоа.

Во изминатиов период доживеав и други лични успеси, меѓу кои:
* Академското предавање кое го одржав на Конзерваториумот, на тема концизна историја на современиот танц од почетокот на 20-от век, по покана од Студентската асоцијација и учеството на Гала вечерта, која се реализираше по повод Пролетниот Фестивал во Кина, дел од соработката помеѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, (China – CEEC Spring Festival Gala) во градот Куншан – Суџо.
* По покана на Амбасадата на Република Македонија во Пекинг, ја претставував нашата земја со свое кореографско дело на музика на Влатко Стефановски и Мирослав Тадич – “Еј ти момче Охриѓанче”, кое содржи етно елементи од македонските традиционални ора, моделирани преку вокабуларот на современиот танц, за кое добив критика како една од најдобрите изведби на вечерта. Воспоставив контакт со дел од Амбасадорите кои присуствуваа на Гала вечерта, меѓу кои и амбасадорката на Република Македонија во Пекинг, како и пеачи, музичари и танчари – уметници од неколку Европски земји и од Н. Р. Кина, кои учествуваа на Гала вечерта.

Многу ми е драго што како професор и кореограф можам да придонесам за развојот на современиот танц во овој Конзерваториум и воопшто во градот во кој живеам, бидејќи ова е периодот кога во Хангџо се поставуваат темелите на современиот танц.
По некое непишано правило, кусо време по претстојот во странска земја доживуваме културен шок. Кои беа разликите што Вас ве шокираа во културата на косооките луѓе?
Матеа: Кина е мултинационална земја со една од најразновидните култури, во која живеат различни етнички групи. Луѓето од северот и југот се разликуваат по своите обичаи, ритуали, манири и карактери.
Градот во кој живеам, Хангџо – главниот град на провинцијата Зеџијанг, се наоѓа во Југо-источна Кина, каде луѓето се попријателски расположени, поотворени за нови пријателства, гостопримливи, срдечни и учтиви.

На почетокот бев фасцинирана од традициите, нормите, моралот и манирите што се составен дел од културата и историјата на кинескиот народ. Најголем впечаток ми оставија уникатните природни убавини на градот (една од најпопуларните знаменитости е “West Lake” (Западно езеро), светско наследство на УНЕСКО), автентичната архитектура, љубезната реакција на жителите кога ќе сретнат странец, брзиот начин на функцинирање во јавниот сообраќај и институциите.

Како културен шок можам да ги издвојам манирите и обичаите, кои се многу поразлични од нашите како: поклонување едни према други наместо ракување, кружење околу трпезариската округла маса и наздравување со секој гостин индивидуално, танцување и практикување на боречки вештини од страна на постарите жители во локалните и градските паркови, носење на кинеска традиционална облека во јавност од страна на младите за време на викендите.

Хангџо е најпрепознатливиот град во Кина каде плаќањето се извршува исклучиво преку мобилен телефон, што е навистина фасцинантно.
По некој период се прилагодуваме и ги прифаќаме овие разлики, со што стануваат дел од нашето секојдневие.

Што Ви беше најтешко да прифатите, а што со задоволство го променивте уште првиот ден?
Матеа: Најтешко ја прифатив јазичната бариера. Во Хангџо, ретко може да се најде некој кој говори англиски јазик, па така честопати користев апликација за превод или употребував мимики за да воспоставам општа комуникација. На моменти, смешно и стресно, но реално.
Позитивно во мојата професија е тоа што ние говориме со телото, па каде и да се наоѓаме во светов, колку и да не го познаваме нивниот вербален јазик за комуникација, јазикот на телото секој танчар го препознава. Меѓутоа вербалната комуникација е потребна за да се образложат теориите на танцот и да се споделуваат мислења за темите кои се предаваат на часовите.

Комуникацијата со студентите на почетокот се одвиваше забавено (токму поради дефицит од познавање на англиски јазик) со тоа што на моменти моравме да користиме и апликација за преведување. Но, со тек на времето јас научив одредени танцови термини на кинески јазик, а студентите изучуваа нов вокабулар од англискиот јазик на часовите, па така најдовме начин како нашата комуникација да се одвива по продуктивно, преку ваквата јазична комбинација.

Различниот систем на пишување, различната граматика, различниот стил на изговор и тоновите, го прават кинескиот јазик еден од најтешките јазици за изучување. Во моментов посетувам часови по кинески јазик, каде започнувам да ги откривам неговите скриени необичности: што го прави практичен, што го прави поетски и што го прави интригирачки.
Она што со задоволство го променив уште од самиот почеток беше исхраната. Со задоволство ја прифатив нивната кулинарска традиција (комбинациите, идеите и вредностите) и начинот на кој што се подготвуваат јадењата (намирниците најчесто се варат или готват на пареа). Концептот на исхрана е силно поврзан со традиционалната кинеска медицина, каде клучно е да го одржуваме нашето тело “неутрално”.

Направивте необична свршувачка со Вашиот партнер во Кина. Кажете ни повеќе за изборот на креации, местата на фотографирање…
Матеа: Всушност свршувачката се случи во Македонија, а во Кина решивме да направивме една необична пред – свадбена фотосесија на едни од историски најзначајните и најпознатите локации во Хангџо.
Во Кина пред – свадбените фотосесии се изведуваат на еден многу поинаков, поуникатен и за мене поинтересен начин. Најпрво се одбираат локациите каде ќе се одвива фотосесијата, потоа венчаниците, вечерните тоалети, оделата, модните додатоци и обувките, кои се обезбедени од страна на фотографското студио, кое има на располагање над 800 фустани, одела, обувки и модни додатоци, секогаш чисти и спремни за користење.

Во зависност од тоа колку локации ќе се одберат толку различни стилски комбинации може да се направат. На денот на фотосесијата самото студио обезбедува стилист кој се грижи за целовкупниот изглед на младите, вклучувајќи ја шминката и косата.
Фотосесијата навистина беше исцрпувачка бидејќи траеше од утро до полноќ, меѓутоа чувството беше незаменливо и неповторливо. Интересно беше да се види изразот на лицата на кинеските граѓани кои беа воодушевени од несекојдневната слика, каде странци прават ваква фотосесија, во град во кој странците не се честа појава.
Како се гради интимно место во милионски град?
Матеа: Хангџо е четврта по големина метропола во Кина со моментално население од 8 милиони жители во урбаната средина. Движењето е во брзо темпо, а хаосот е дел од секојдневието.

Своето интимно место го градам онаму каде што се чувствувам пријатно и безбедно (мојот дом и салата во која работам), таму каде што можам на свој начин, со мир во душата, да се фокусирам на личниот напредок.
Има ли ист вкус храната кога се јаде со стапчиња? Што Ви недостига од македонската кујна?
Матеа: Стапчињата се национален прибор во Кина. Сѐ, освен супа, се јаде со стапчиња, па дури и парчињата месо и риба се сечат со нив. Да, звучи и изгледа чудно сѐ додека не се стекне навика за нивно користење.

За мене лично, храната е послатка кога се јаде со стапчиња, бидејќи се внесува во помала количина, повеќе време се посветува на состојките кои се внесуваат и целосно се ужива во нивна конзумација бидејќи не се јаде во брзо темпо. Се разбира од големо значење се кинеските зачини и сосови кои нужно се комбинираат скоро во секој оброк и ја прават храната поинакво вкусна на свој начин.

Тоа што ми недостига од македонската кујна е нашиот традиционален вкус. Нашите зачини и билки кои го даваат специфичниот мирис на традиционалните јадења, кои се многу поразлични од кинеските. Кога и да готвам некои од нашите традиционални јадења, вкусот никогаш не е ист како во Македонија, токму поради различните зачини, билки и начинот на приготвување. Ајвар, сарми од лозов лист, тавче гравче, зелник, се само дел од јадењата за кои нема замена.
Најмногу ми недостигаат македонските торти и колачи, бидејќи кинеските слатки се направени од ориз, грав, лисја од бамбус, пченкарно брашно, а млекото и млечните производи се изоставени од кинеската трпеза.
Ја однесовте Македонија во Кина или ќе ја донесете Кина во Македонија? Кои се Вашите планови за во иднина?
Матеа: Со самото тоа што одлучив да продолжам да живеам во наредниот подолг временски период во земја како што е Кина, да пронаоѓам начини како да се надоградувам себе си на професионално ниво како танчар, педагог и кореограф, да учам за кинеската култура и традиции и нивната секојдневна примена – се само дел од плановите за иднината кои моментално се реализираат.

Постојано се среќавам со нови предизвици кои ги прифаќам и кои создаваат нови идеи, цели и очекувања за мојата иднина. Воспоставувам нови контакти кои носат идни соработки и нови можности. Осознавам нов начин на живот за кој е потребен максимален потенцијал. Отворена сум за сѐ што ќе донесе времето.

Планови имам многу, но би ги споделила откога би се реализирале. Во блиска иднина во план се нови проекти и гостувања со студентите од Конзерваториумот, како и нови приватни соработки со танчари и кореографи со кои остварив контакт во изминатиов период.
Што е тоа што Ви недостасува очајно кога сте далеку од родната земја?
Матеа: Очајно? Присуството на моето семејство и добрите пријатели.
