„Животот секогаш приредува изненадувања“ – колку и да ја повторуваме оваа изрека, суштината на истата ја разбира само оној кој ја отворил оваа врата.
Маја Стојмирова од Скопје била среќно немажена девојка, која не ни помислувала дека едно барање за пријателство на Фејсбук ќе ѝ го промени животот целосно. Од тој момент, таа – се вљуби, му кажа „Да“ на човекот на својот живот, промени континент, стана мајка, промени држава, започна бизнис со сопругот и сега успешно ги менаџира сите секојдневни предизвици.
Babba Grill е македонски фаст фуд ресторан во Чикаго, кој започна како идеја за доближување на македонската традиција и култура преку храната, а продолжи како место кое ги соедини, не само Македонците и Балканците, ами и сите други народи во околината и пошироко. За тоа како се` започна и што тоа значеше за семејството Стојмирови, разговаравме со Маја.
Како дојде од “Време ти е да се омажиш” до “Да, овој е човекот на мојот живот”?
– Тоа можам слободно да речам дека го склопи судбината. Бев внимателна по тоа прашање, па така подолго време бев сама и уживав во времето кое самата младост го носи. Нормален беше притисокот од околината на кој јас не му придавав многу значење.
Еден петок возејќи накај “after work” забава која во тој период беше многу популарна во Скопје, ми се јави братучетка ми да ми каже дека ми нашле многу “добро дете “ јас се изнасмеав и бидејќи требаше само да одобрам да ме додаде на Фејсбук, одобрив.

Не верував дека може тоа да се развие во толку убава приказна. Кога станавме пријатели на социјалните мрежи почнавме долги муабети кои наложија секојдевна комуникација, која пак се претопи во љубов. Така еден ден, како големо изненадување, мојот сопруг Александар се појави во Скопје . На работа ми стигна букет прекрасно цвеќе на кое имаше порака дека истата вечер ме чека пред ресторанот во кој се договаравме дека би се сретнале прв пат.
Колку ти беше тешко, или лесно, да го оставиш Скопје и за љубов да се преселиш во Флорида?
– Не верувам дека некому е лесно да излезе од комфорната зона, да го остави семејството и да замине толку далеку. Најтешка ми падна разделбата со моето семејство и сестра ми, се разбира и целата фамилија и пријателите, но во мојот случај немаше дилеми или размислување, едноставно се знаеше дека од како ќе се направи свадба со сите традиционални протоколи и откако ќе се среди целата документација, јас ќе заминам со Александар во сосема поинаков, и не толку познат, свет за мене.

Што најмногу те изненади при првото стапнување во Америка?
– Со оглед на тоа дека слетав на 28.01.2016 во Мајами, температурата беше 26 степени целзиусови . При полетување од Скопје каснеше авионот со полетување бидејќи чекавме да се крене маглата. Ме изненади колку поинаков и светол може да биде јануари на другиот крај на светот ме изненади големината на се околу мене, комфорот и пространството.

Во што најмногу те промени станувањето мајка и како беше да си сам на другиот крај на светот, со бебе во раце?
– Како и сите мајки веројатно, јас се претворив во “супер херој”, бидејќи како за некој што мораше убаво и квалитетно да се наспие за да може да функционира како што треба – повеќе не беше така. Можев, и ден денес можам, да направам се` што треба да се направи, а да отспијам 5/6 саати.
Ме промени родителството, ме принуди да созреам, да имам трпение, да бидам океј и покрај тоа што немам време да се исчешлам, а не па да ставам кармин со денови. Едноставно се променија приоритетите и целокупниот начин на функционирање.
Она што ме изненади е тоа што сум задоволна, иако ништо не е повеќе исто. Мојата среќа и спокој е во здравјето и насмевката на децата. Иако најчесто бев сама во процесот на родителство, можам да речам дека најсама бев кога се` беше ново и неизвесно, но и не беше така страшно. Александар се трудеше да помогне колку што може. Сите пријателки околу мене многу ми помагаа со се` што можеа, подоцна се вклучија и бабите со помош и ете се снајдовме.

По 1.5 година живот во Флорида, со сопругот Александар се преселивте во Чикаго. Зошто баш тој град и колку беше тешко да се замени опремата за на плажа со таа за на снег?
– Јас бев само една година и неколку месеци на Флорида, Александар беше околу десет години, нему му беше малку потешко. Се преселивме кога јас бев во шестиот месец од бременоста. Тој возеше камион и Чикаго е многу подобра опција од Флорида за тој бизнис. Имаше многу повеќе опции и можеше да доаѓа многу почесто дома , да поминуваме повеќе време заедно со бебето.
Не беше тешко да се замени опремата, всушност летната опрема ја задржавме, овде има и плажа само многу пократко околу 3 месеци. Си купивме се што треба од зимски реквизити и еве веќе четвртата зима ја чекаме
Како решивте дека е време да се промени професијата и да се започне бизнис – Babba Grill?
– Да се промени бизнисот беше многу важно за нас. Не е дека го направивме тоа во идеално време, ама така се наместија коцките. Александар долго време планираше да се обиде во угостителството.
Тој е “мастер шеф” во кујна, тоа е негово подрачје. Долго време во Македонија има работено во ресторани и хотели , има работено и во Грција, Хрватска и првите неколку години во Флорида. Знае да направи се`.
Кога дојдовме во Чикаго видовме дека има навистина многу Македонци и Балканци, што на некој начин беше мотивација да се направи овој концепт со Macedonian street food. Така спонтано почнавме да правиме планови и да го истражуваме пазарот, да ги следиме ресторантските локации во нашата околина. Јас мислев дека само истражуваме и разгледуваме и дека со реализација би почнале за година две. Кога се породив со вториот син, првиот беше 18 месеци.

Јас бев со две бебиња дома, а Александар со камионот по патиштата, кога еден ден дојде и ми рече дека нашол одлична локација за концептот и замислата што ја имавме. За мене беше “не може сега”, да пораснат малку бебињата, за него беше “сега или никогаш”, и така ја земавме локацијата и започнавме “борба на два фронта”.
Никогаш не беше лесно. Целиот процес беше исцрпувачки тежок, бидејќи немавме искуство како се прави бизнис од овој тип, а ниту некаква едукација – моравме да учиме од сопствените грешки. Со “Babba Grill“ си земавме обврска да ја претставиме македонската храна, култура и историја. Си земавме и обврска да ветиме дека нашата храна ќе биде подготвена во сосема безбедни услови, ќе биде секогаш свежа и најдобра.

Земавме одговорност да бидеме добри домаќини подеднакво за сите гости. На нашите, оние кои растеле во Македонија и соседството (бидејќи кога е храната, па и културата во прашање, сме доста слични) сакавме да им ја доближиме дома. На оние кои не знаат ништо за Македонија, сакавме да им дадеме можност да не` запознаат и преку храната, културата и историјата. Теренот го спремавме речиси цела 2019.
На 28 декември минатата година, беше нашиот прв работен ден, и бидејќи сите сакаа да пробаат, моравме да затвориме после само неколку часа, затоа што речиси се` продадовме. Сите сакаа да пробаат се`, а нам ни требаше време да фатиме темпо. Почнавме хаотично, со редици од луѓе, а сосема нови, со многу обврски и ветувања кон нашите гости. Немавме избор, моравме да создадеме услови да функционираме “нормално” .

Фативме некој правец, најдовме луѓе кои ќе бидат со нас тим и тогаш се случи “комплетно затворање на светот” поради корона вирусот, и заради оваа ситуација, ние преку текот на целата година не можевме да работиме во нормални услови. За точно два месеци ќе биде првиот роденден на Babba Grill, па да се надеваме дека ќе го прославиме во подобри и понормални услови за сите.
Што научи од оваа бизнис авантура и како функционирате последниве месеци?
– Од оваа бизнис авантура научивме дека е најтешко да бидеш инвеститор, оператор и управувач во еден процес, а без претходно значително искуство во раководење на слична дејност. Веројатно сме на самиот почеток на учењето, веруваме дека има уште многу да видиме и да научиме. Но, ако нема мака и жар, нема ни толкаво задоволство. Ние направивме до некаде БРЕНД и сме многу горди на тоа.

Во последните месеци функционираме под голем притисок да ги услужиме луѓето најбезбедно што можеме и со мислата дали ќе успееме да излеземе профитабилни, од ова подеднакво тешко време за сите нас. Благодарение на најбројните, нашите Македонци, а потоа и сите останати кои довербата за сопствениот оброк ни ја даваат нам, стоиме на стабилни нозе.

Која е Маја кога никој не ја гледа?
– Јас во глобала сум иста по дома и надвор. Најчесто сум гласна и јасна. Кога никој не ме гледа, може да сум во пижами, нечешлана и со некоја флека плус на мене.

Како ја одржувате искрата во бракот, помеѓу сите бури, пресметки, децата и надворешниот свет?
– Па не верувам дека некој ја нашол формулата за тоа. Впрочем, ние се` што направивме до сега со сите преселби и промени, го направивме со цел да бидеме заедно и да живееме подобро и пак се најдовме на почетокот. Двајцата сме огнени знаци, па веројатно затоа не дозволуваме да згасне Според нас, почетокот на врските е некако резервиран за внимание и романтика, и тоа добро го искористивме, си дозволивме романтични патувања и прекрасно искористување на времето.
Не е дека романтиката и вниманието не треба да бидат составен дел од секојдневниот живот…во времето кога ќе притисне животот и обврските, приоритетите се мешаат, но сепак денот секогаш го завршуваме заедно. Можеби преморени и не толку задоволни, но јас верувам како за бракот, така и општо за животот, дека не можеш да имаш се` што сакаш, но можеш да сакаш се` што имаш.

Што значи Македонија за тебе, за вас, и дали Babba Grill е желба за промоција или можеби компензација затоа што не сте таму каде што сакате да бидете?
– Двајцата сме патриоти и ја сакаме Македонија. Моите родители се Хрвати, јас сум Хрватка, родена и израсната во Македонија. За мене Македонија е света, прекрасна земја, а за нас двајцата таа е дом. Сметаме дека корените се белег . Сите си ги носиме со нас. Можат да бидат подобри и полоши од другите , но тие се наши, се` можеме да промениме, но тоа не можеме, затоа имаме должност добро да ги чуваме и со љубов да ги пренесуваме на нашите деца.
Мојот свет се протега во три целини, првата е тука во Чикаго, втората во Македонија, а третата целина од мојот свет е во Хрватска, па така нашите деца ќе знаат од каде до каде се протегаат нашите корени.

Babba Grill е желба за промоција на нашата земја овде каде што сме. За мене беше огромно задоволство да ги гледам луѓето кои, кога возбудено чекаа да ја пробаат нашата храна, пребарува слики и факти за Македонија.
Некои од нив беа зачудени за малобројната популација, некои поради сликите посакаа да ја посетат, а некои се воодушевуваа на историското богатство . Наша цел беше токму тоа , да ја запознаат Македонија во реалната слика со бургерот како што го јадеме ние дома – со компирите во сендвичот и многу кечап и мајонез на крајот од приказната.